Пред неколку дена, Ан Видикомб, Британската претставничка во Европскиот Парламент говорејќи во истиот го изјави следново: “Во текот на историјата постои модел според кој угнетуваните луѓе се свртуваат против своите угнетувачи, робовите против своите робовладетели, селаните против феудалните барони, колониите против нивните империи. Затоа Британија заминува.” 

Нејзината поента, како што подоцна самата објасни во медиумите е дека ако народот е угнетен тој ќе се крене во бунт. Општата природа, објаснува Видикомб, на Европската Унија е угнетувачка. Малкумина во либералните медиуми во Европа го протолкуваа нејзиниот говор како логичен заклучок со кој се објаснува Брекситот. Таканаречените новинари погрешно ја претставија изјавата како небулозна затоа што во нивна интерпретација ЕУ не може да се спореди со робовладетелско општество а Британија како бела колонијална сила никако не може да биде жртва на нов колонијализам.  

За потсетување, Обединетото Кралство, од колонијална светска сила во 1956 година, после кризата во суецкиот канал, го губи статусот на суперсила и станува само една од повеќето европски центри на моќ, или се сведува на регионална сила. Само со својот статус на финансиски центар концентриран во Лондон таа опстојува како важен играч на светската геополитичка сцена. Со влегувањето во Европската Економска Заедница кралството постепено го губи својот суверенитет за денес да биде во ситуација на потчинетост. Со тоа не е во прашање само гордоста на Британците туку и исцрпувањето на економската моќ на државата. Во прашање е и една од клучните придобивки на државата, нејзината демократска традиција. Процесот на избирање на функционерите на ЕУ минатава недела за Видикомб е демонстрација на немоќ на демократијата спрема диктаторската природа на ЕУ. Со други зборови, Видикомб го искористи моментот во кој се гледа грдото и недемократско функционирање на ЕУ како илустрација на една од многуте причини поради кои нејзината земја излегува од ЕУ. 

Ние во Македонија не сме дел од ЕУ, но ги трпиме последиците на потчинетост во иста мерка, со таа разлика што угнетувањето на Македонците и нивната држава е далеку посуштинско отколку економското ропство кое го прикажуваат како причина за Брексит. Покрај донесување на закони кои се косат со македонската традиција квислинзите на власт прифатија државата да го смени уставното име за кое во никој случај не се надлежни нити имаат право тоа да го сторат и да ја понижат македонската нација која постои од памтивек. Кога причината за таквото нелегитимно владеење ќе се разбере како притисок врз Македонците за нивен прием во ЕУ тоа секако е угнетување на нацијата. Кршењето на човековите права на Македонците е насилство врз народот во име на ЕУ и да не го заборавиме НАТО. Македонија е оштетена на толку многу начини што се поставува прашањето кога угнетувањето на ЕУ ќе вроди бунт кај македонскиот народ. 

Кога некој иден водач би ги претставувал вистинските вредности и интереси на Македонците тој би го пренасочил бунтот кон одвојување на Македонија од интегративните процеси на ЕУ преку кои Македонците се ставени во потчинета положба  (која доведе до менување на карактерот на државата од македонска во сечија и ничија). Второ, секој мирољубив бунт би го вратил исконското име преку остварување на правото на самоопределување во обединетите нации. Трето, лидер на народ пред бунт не би прифатил да биде дел од наметнувачки воени алијанси и би побарал поврзување со сојузи кои го прифаќаат самоопределувањето и човечките права на сите народи. 

Во овој историски момент овие насоки не се само вистинскиот правец во надворешната политика на оваа потчинета земја или размислување за подготовка за геополитичките промени во светот. Госпоѓата Видикомб ни дава и филозофска и практична причина за таквиот став. Како угнетена и поробена нација, колонија без збор во ЕУ, Македонците како народ се исправени пред неизбежен бунт за враќање на нејзината неприкосновена и правно издржана со меѓународен закон сувереност. Впрочем, Видикомб говори за наш заеднички угнетувач, организацијата позната како ЕУ. Македонскиот народ многупати се упатил во бунт во кој бил поразен од своите робовладетели затоа што бил слаб и без заштита од големите сили. Овојпат, според случките во ЕУ парламентот, можеби по прв пат во нашата историја, со нас ќе бидат бунтовниците од цела Европа, бунтовниците како  Ан Видикомб.

Автор: Игор Силјаноски, член на Иницијативниот одбор на Родина.