You are currently viewing МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА Е АПОСТОЛСКА ЦРКВА, ТОА Е БЛАГОСЛОВ КОЈ РЕТКО КОЈА ЦРКВА И НАРОД ГО ИМА!

Повод за реобјава на реакцијата-колумна од 29.10. 2020 год е,

„Признавањето‘‘ на Охридската архиепископија со јурисдикција во границите на С.Македонија, од страна на Светиот синод на Вселенската патријаршија и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.

А се остава на српската црква да ги уреди „управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во С.Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“.

Зачудувачки се честитките кои надвасаа од сите страни на едно овакво надефинирано признавање, полно со нејаснотии, недоречености, очекувани понижувачки уцени и пред се‘ изоставување на целосното име на македонската црква –Македонска православна црква Охридска архиепископија.

29.10. 2020 год

Родина Македонија и македонскиот народ се сериозно загрижени, но и непријатно изненадени и разочарани од непринципиелниот однос на МПЦ – Охридската Архиепископија, која како дел од својата оправдано – неоправдана заложба, од непотребното агресивно инсистирање да преку Српската, Бугарската, Вселенската црква дојде до признавање на нејзината канонска афтокефалност од сите четиринаесет автокефални помесни православни цркви. Односно во целост го погреши патот за свое удостојување и самоудостојување на заслуженото место.

Неприфатливо е да се оди по узурпаторско, несериозниот став на српската и бугарската црква, кои и во минатото и денес се обидуваат да се стават во улога на цркви, мајки на Македонската црква!

Неразбирливо е однесувањето на денешното раководство на МПЦ, кога тоа по секоја цена бара некакво канонско признавање од оние цркви кои неканонски се отцепиле од неа, за да формираат свои. Нејасно е што, всушност се крие позади овие барања по секоја цена да се признае она што е канонски признаено уште во X-от век, а фактички постои од I-от век! 

Неприфатливиот, скоро налудничав чин од ноември 2017 год, на признавање на БПЦ (Бугарската православна црква) за своја мајка, непромислен чин, очигледно под притисок на веќе докажаните антимакедонски власти и властодршци во дослух со нивните содружници со големобугарски апетити, ја доведоа на потсмев како помеѓу народот така и кон прекор од останатите православни цркви.

Како може БПЦ да ѝ биде мајка на МПЦ кога таа е Апостолска црква, ракоположена од Апостол Павле.

„… на Павлe му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија – помогни ни! И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието“.

Апостол Павле тука на овие наши древни простори лично ја покрстил Првата Христијанка Македонката Лидија.

Зарем удрените темели од Патронот на МПЦ – Охридска архиепископија, Свети Климент и неговиот Прв Универзитет, Плаошник, 350 години пред т.н. прв светски универзитет Сорбона, Париз не се доволен доказ за нашата автокефалност!?

Зарем не е доволен афирмираниот авторитетот од Далмација до Малта, секогаш високиот респект од Пеќката патријаршија кон Охридската архиепископија!?

За да самопонижувањето и самонегирањето биде уште поболно и подлабоко, се лута по патот на беспатието и се бара помош од Вселенската цариградска патријаршија. Посетата на државничкиот врв, секако нелегитимен, имаше директна посета со Патријархот Вартоломеј во Фанар во однос на оваа проблематика во јануари 2020 година, но и писмено обраќање кон истиот од претседателот на оваа веќе до крај извитоперена државна власт, С. Пендаровски кон патријархот Вартоломеј со молба за признавање на МПЦ.

Постојат ли примери во историјата кога се бара милост од сопствениот крвник? Од тој кој ти ја исекол главата, сега бараш да ти ја наклеми. Логично ли е? Не е случајна крилатицата,‘‘Лицем светци, срцем волци‘‘!

Токму цариградскиот патријарх Самоил ѝ задал конечен удар на Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија. Ја убедил турската власт, Големата порта, дека македонските архиереи се непријатели на турската империја и побарал власта во Цариград да го повика архиепископот Арсениј во врска со долговите на Архиепископијата. Таму Арсениј, под притисок на турската власт, дал писмена оставка на 17 мај 1767 година. Со неговата оставка е укината Охридската архиепископија – Македонската православна црква. Патријархот Самоил со помош на влијателни Грци и Турци издејствувал т.н. султанско ираде, со кое била укината Македонската православна црква. Султанското иреде забранувало да се примаат жалби против укинувањето на Архиепископијата, а со тоа биле оневозможени протестите од секој вид. На крајот демонската лукавост и алчност на Грците победила, успеале да ги приграбат за себе сите триесет и една епархиии (31) со кои раководела Охридската архиепископија, со што на православието воопшто му бил нанесен тежок пораз, со несогледливи последици во вековите што претстојат. Децениското лутање за канонско признавање преку српската, бугарската, руската, цариградската црква , ствара уште поголем антагонизам , кој и онака постои помеѓу нив, допринесува до непријателски однос , кој поминува во крајно неприкладен и неприатлив однос кон МПЦ.

Важно е да се истакнат неколку документирани непобитни факти:

Според истражувањето на Гаврил Крстович од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на турската империја  во врска со укинувањето на  Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи.

Во архивата на Османската империја има документ, односно ферман на Султанот Мехмед Трети кој директно се однесува на Охридската архиепископија, односно на наводната финансиска пропаст од која патријархот Самоил наводно сакал да ја спаси со укинување.

Се разбира наводното барање на Арсениј е чист фалсификат, односно Арсениј со закани по неговиот живот е присилен само да поднесе оставка од тронот, а оставката, со мала интервенција на заговорниците, е претворена во барање за укинување на Охрдиската архиепископија. Тоа е вистината за добрите намери на Вселенската цариградска патријаршија, т.н. турско ираде и желбата за финансиска, но и политичка надмоќ и оневозможување за ширење на верата, славољубието, родољубието, свесноста на македонскиот народ.

Имено, со години православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ, дека македонската црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век турската Порта ја укинала!?

Големата лага се состои во тоа дека со толку спомнуваното ИРАДЕ од турската Порта, не извршила УКИНУВАЊЕ – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства.

Сите дотогаш постојни цркви и манастири продолжиле слободно да си ја вршат својата функција без никакви притисоци од турските власти. Доказ за тоа е и изградбата на повеќе од 90 проценти од македонските цркви, по воведувањето на т.н. ираде!

Професорот по воена историја Ванче Стојчев тврди: во 1870 година Турскиот султан донел ИРАДЕ за враќање на Автокефалноста на Охридската Архиепископија, но овој документ бил стопиран под притисок на Руската Црква, вели воениот историчар Ванче Стојчев, поткрепено со историски документ од турските архиви.

Ако Македонската православна црква, беше најзначајниот поддржувач, мајка на македонскиот народ од своето дамнешно постоење, понатаму одржување на верата, опстанокот на македонскиот народ, неговата вера, идентитет, култура, традиција, поддршка во препородништвото, под вековното турско ропство, нека се одважи и нека биде соучесник и поддржувач, афирмативен поттикнувач на тој ист народ во овие тешки пресудни моменти на бришење на сѐ што значи македонско.

МПЦ – Охридска ахиепископија, посебно Светиот Синод, најнапред треба да си ги консолидира сопствените редови, да не лута како залутана овца по беспатијата, туку напротив, да се одважи да биде вистински достоен пастир на своето стадо верници кои имаат висока верба во Бог Исус Христос преку својата црква. Како Света, Соборна Апостолска Црква, да си го чува Светото Писмо, Светото Послание, апостолските Правила и прописи на вселенските и помесните Собори во согласност со сопствениот Црковен Устав.

Нека се моли за смирение, правда, благосостојба на своите чеда и да не бара благослов таму од каде нема да дојде, затоа што БЛАГОСЛОВОТ, ТАА ТРЕБА ДА ГО ДАВА, затоа што таа, МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА е праизвор на сите словенски православни цркви.

Краток историјат

„Делата Апостолски“ посведочуваат за делувањето на Апостол Павле и други апостоли во Македонија . Светиот апостол Андреј Првоповикан го поставува Светиот апостол Урбан за прв епископ во Македонија. А со поставувањето на епископи во Солун,  Филипи, Бер, Охрид, Тракија ни потврдува дека уште во почетокот на првиот век на новата ера и некаде до почетокот на IV-от век веќе се поставени темелите на организирана Црква на овие простори.

(Според географот и морепловец Страбон, во истиот период кога светиот апостол Павле ги создавал црковните заедници во македонската културна средина, на територијата на денешна Велика Британија затекнал човекојадци! Впрочем, човекојадството е константа која суштествува и во денешна современа Европа, засновано на перфидни фашизоидни принципи).

Во V-от век низ територијата на цела Македонија постојат повеќе митрополии и епископии, од кои најпознати биле во Солун, Скопје, Хераклеа, Баргала и Стоби. Во тој период никнуваат многу ранохристијански базилики. Една од најзначајните базилики, која го потврдува ова време на силно развиено ранохристијанство во Македонија е Епископската базилика во Стоби.

(Епископската базилика во Стоби е посебно здание само по себе. Станува збор за два објекта изградени еден врз друг, вертикално. А за велелепноста на овој храм говорат капителите на столбовите од базиликата, кои се наоѓаат во Музеј во Белград, со фасцинантни димензии од два метри висина и широчина. Непобитен артефакт на минатото кој немо го потврдува тоа што некој нема храброст да го изусти!)

За време на владеењето на царот Јустинијан (Вистинијан), родум од Таор, Таврисион, Скопско, изграден е нов град наречен Јустинијана Прима со Митрополит издигнат на ниво на автокефален архиепископ на Јустинијана Прима, Архиепископ Кателијан, во тоа време трета црква по ред според чест помеѓу помесните Цркви, после Рим и Цариград.

Делото на светиот апостол Павле и светиот цар Јустинијан Први го продолжуваат светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент, Наум, Горазд. Во втората половина на X-от век во рамките на Самоиловата држава е оформена Охридска автокефална архиепископија на темелите на Јустинијана Прима, која подоцна прераснува во патријаршија, а уште подоцна сведена на степен на архиепископија, која како таква постои цели осум века, сѐ до 1767 год. кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа Трети, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградата патријаршија.

Одземените македонски епархии смениле повеќе јурисдикции отколку соседните православни цркви од соседните држави, формирани со пропаѓањето на османлиското царство. Оттогаш наваму македонскиот народ прави постојани напори за нејзино обновување. Особено жестоки борби се водени во втората половина на XIX век и првата половина на XX век. Но сепак најповолни услови се создаваат после Втората светска војна. Во селото Врановци 1944 год. создаден е Иницијативен одбор за организирање на Македонска Православна Црква и во март 1945 год. во Скопје е одржан Првиот Црковно народен собор на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква.

Оваа одлука е доставена и до СПЦ, и секако, била одбиена. Во образложението на Архиерејскиот собор се вели дека епархиите од овој дел на Македонија биле во состав на Обединетата православна црква на Србите, Хртватите и Словенците, подоцна преименувана во Српска православна црква. Ова е чин, врз кој, за жал понатаму канонски се базираат сите помесни цркви.

Во октомври 1958 год. во Охрид бил одржан Вториот македонски црковно народен собор, каде бил прифатен предлогот за обнова на Свети Климентовата Охридска архиепископија , македонска православна Црква и избран е нејзиниот Прв епископ Г. Доситеј.

Со тоа, Светиот архиерејски синод на СПЦ дал самостојност на Македонската православна црква, со тоа што таа и понатаму останала во канонско единство со СПЦ, преку нејзиниот патријарх. Во јули 1967 год. во Охрид свикан е Третиот македонски црковно народен собор, каде на свечената седница во охридската црква Св. Климент ја прогласил Македонската православна црква за автокефална.

На 12 ноември 2009 год., Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица – Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Најновите актуелни случувања во Синодот на МПЦ не одат во прилог на нејзин афирмативен однос, наспроти она што била во славното минато. Прифатливо е дека таа страсно се бори за нејзино прифаќање и признавање од останатите православни цркви, но тоа може да биде само на високодостоинствен начин. Канонските правила се такви што сите четиринаесет (14) помесни православни цркви треба да бидат едногласни во нејзиното прифаќање, тука не може ништо да се смени, но самодостоинството и самоуважението, историската вистина и факти никој не може да ти ги одземе!

Повеќе од извесно е тоа кога некој, покрај тоа што е сосема свесен за твоето историско значење, апостолско потекло, смислено и намерно те омаловажува, но и те игнорира, секако со длабока причина која води во детектирање на сопствениот легалитет за да не биде оштетен самиот. Затоа што за вистински цркви се сметаат оние цркви кои се основани од апостоли, а такви се, покрај римската, антиохиската и александриската, и охридската црква! Значи ниту цариградската ниту ерусалимската црква немаат исто значење како претходно наведените, од едноставна причина што тие не биле уредени од апостоли. (Папата Никола, IX век)

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА Е АПОСТОЛСКА ЦРКВА, тоа секогаш треба да го истакнува, од тоа да се раководи, тоа да биде вечна нејзина водилка.

Тоа е БЛАГОСЛОВ КОЈ РЕТКО КОЈА ЦРКВА И НАРОД ГО ИМА!