You are currently viewing ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ ОД БЛИЗУ
  • Post category:Колумна

(ЕСЕЈ НА ТЕОНА ТРАЈКОВСКА, ВНУКА НА ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ)

Моето определување во овој труд е за македонскиот сликар Лазар Личеноски, кој е основоположник на Современото македонско сликарство. Во создавањето на овие основи во сликарството во Македонија се и сликарите: Никола Мартиновски и Димитар Пандилов како и скулпторот Димо Тодоровски, кој во некои спорадични мигови има создадено и неколку сликарски дела.

Улогата на Лазар Личеноски и неговото сликарско, цртачко, таписериско и мозаично творештво се присутни пред сè во градењето на мојата личност, преку директните контакти со внукот од сестра (Стојана Бошнакоска), а мој дедо по мајка, арх. Драган Бошнакоски.

Така мојата определба е да ги пренесам сознанијата што Драган Бошнакоски, од својот вујко Лазар Личеноски ги искажува, скоро во целокупното семејно живеење секојдневно и на секоја наша средба. Неговата улога во нашето семејство е многу присутна и поврзана со сеќавањата на (во понатамошниот текст како) Драган Бошнакоски. Тој иако мал го памети доаѓањето на Лазар Личеноски со неговата сопруга Зое Личеноска во Галичник, во посета на неговата сестра Стојана Б. во нивната семејна куќа. Тогаш е направена една од семејните фотографии (каде е и Д.Б.)

Инаку додека живееле во Белград, Лазар Личеноски со многу негови пријатели сликари од белградскиот круг, како и други пријатели, писатели и интелектуалци, во летните месеци оделе во Охрид, а на враќање без исклучок ги носел во Галичник.

Неговите раскажувања во неговото белградско ателје за Македонија го зголемувал интересот да ја посетат Македонија, нејзиното вечно богатство од манастири, фреско сликарството и македонските пејсажи. Во една прилика големиот писател Иво Андриќ гледајќи ги Лазаровите македонски пејсажи со зачуденост прашал „па зар во Македонија толку е црвена земјата како на твоите слики“, а Лазар му одговорил – дојди па види. Но и покрај желбата на Иво Андриќ, да дојде во Македонија, не му се Автопортерт, 1930 масло на платно, 41х28 остварила, затоа пак влијаел на Личеноски да започне со запишување на неговите „муабети“. Во една прилика Иво Андриќ го поттикнал: зошто сево ова што така убаво го раскажуваш, не го запишеш. Така Личеноски во еден голем тефтер започнал да ги запишува овие раскажувања и ги насловил како „Моите муабети“. Овој тефтер го држел во раце и го читал мојот дедо Драган Бошнакоски. Така, кога во една прилика, иницирал негово објавување, под непознати околности овие оригинални записи на Личеноски, не можеле да бидат пронајдени. Покасно излегува книгата „Средби“ во подготовка на неговата сопруга, Зое Личеноска, во која се застапени и делови од неговите записи.

Заминувањето од Галичник:

Лазар Личеноски и неговата сестра Стојана, останале многу рано без своите родители мајката Магда и таткото Филип Личеноски. Како и повеќето галичани и мијаци од околните мијачки села, така и нивниот татко Филип, со братот Евгениј – Гене, заминуваат за Грција на печалба.

Таткото Филип бил градител и организатор на градби, а брат му Гене бил мајстор за ѕидање на оџаци. Гене се оженил за гркинка која му родила и деца од кои едната беше Стела која одржуваше врска со Личеноски и доаѓаше во Скопје. Така сите ние се знаевме со неа, како и со нејзиниот син Костаки и ќерката Марија, кои живеат во Солун. Во едно од нејзините доаѓања во Скопје, ја донесе и ќерката Марија, ги однесовме и во Галичник. Тогаш Стела, во една прилика кога се пееја галички песни, се присети дека татко и Гени пред да умре, ги пеел овие песни.

Филип по смртта на братот, се враќа во Галичник да ги види Лазар и Стојана, кои живееле со нивната стрина Роса (Мајче). Потоа, Филип заминува за Призрен, каде работел како градежник, при што и се оженил. Како мали Лазар и Стојана еден перид живеат со таткото и со маќеата, која родила две ќерки. Таа починува и Филип заминува за Тетово и отвара столарски дуќан, во кој работел и Лазар. Тој го имал завршено школувањето во Галичник, а потоа и во Тетово, така што во тој период сликал и фирми од кои добро заработувал. Во тоа време во Тетово се изградила црква, која ја живописувал еден од најзначајните македонски зографи, Папрадишки. Лазар по цели денови седел во црквата и го впивал сето тоа што го фрескосликал Папрадишки. Тогаш се всадува неговиот интерес за фрескоживопис и иконопис. Таткото Филип починува и по некое време се случува пожар во неговиот дуќанот. Лазар го затвора столарскиот дуќан и со заштедените пари, заминува за Белград и успева да се запише во уметничкото училиште, кое било во ранг на Ликовна академија. Неговата сестра останува во Галичник кај стрината Мајче.

Животот во Белград:

Лазар во Белград се вработува како редар во театар, за да може да се издржува. Но со ова негово вработување поврзана е една интересна случка која и ден денес ја раскажува Драган Бошнакоски.

Во Белград се среќава Личеноски со еден тетовец и му кажува дека парите што ги имал заштедено од пишувањето фирми во Тетово, скоро да ги нема и дека добро би му дошла некоја работа. Тетовецот тогаш му рекол дека има пријател што е пак пријател со Бранислав Нушиќ, кој е бил вработен во Министерството за култура и бил одговорен за театрите во Србија. Така проработела оваа врска и Личеноски преку Нушиќ ја добил работата во Српското народно позориште, како редар. Ова била прилика да се сретне со големиот српски комедиограф и потоа се развило убаво пријателство меѓу нив.

Онака комуникативен, бистар и со позитивни чувства, се стекнува со голем број пријатели меѓу колегите на Академијата, како и со голем број артисти, меѓу кои и големиот српски артист Миливоје Живановиќ, кое пријателство долги години траело меѓу нив.

Во Уметничкото училиште бил омилен меѓу колегите, но и меѓу професорите кои го воочиле неговиот голем талент, како извонреден цртач и несекојдневен колорист. Тој не само што ги сликал пејсажите на Македонија, одејќи секое лето во Охрид и Галичник, туку со голем жар и восхит зборувал за својот роден крај и за Македонија. Инаку, како што тој раскажувал мијаците биле многу познати и ценети во Белград, како работливи, вредни, умни и чесни луѓе. Со тие свои карактеристики стекнувале голем број пријатели, а некои од нив доаѓале во Галичник, се спријателувале со галичките семејства и станувале нивни кумови. Неговата популарност од ден на ден се зголемувала и како личност, но и како извонреден портретист. Белград во тоа време бил голем центар, со семејства кои со своето богатство и престиж сакале да имаат портрети свои и на своите семејства, Личеноски бил тој кој ги сликал нивните портрети. Во Уметничкото училиште студирале и девојки од познати белградски семејства. Било вообичаено за девојките дека студирањето сликарство било знак за зголемена образуваност, а тие гаеле посебни симпатии кон него. Сакајќи некако да му го олеснат живеењето многу често му носеле и ручек од дома, така што меѓу себе се договарале кога која ќе го носи ручекот за Лазо, како што го викале колешките и колегите од Уметничкото училиште (Академијата). Но животот во Белград во тоа време, за еден млад човек дојден да студира, бил полн со неочекувани случки. Голем проблем му било сместувањето, поради плаќањето на киријата. Ама Лазар Личеноски околу 1927-1929 како и во други моменти така и тогаш, еден негов пријател му рекол дека може да живее во куќата каде што тој живее и плаќа кирија, но и за едно мало собче под самиот покрив. Така Личеноски еден период живеел таму. Сепак дошло време кога неговиот пријател требал да замине и да го напушти станот, а со самото тоа и Лазо да замине од собчето. Но досетливиот пријател одлучил да го запознае Личеноски со газдата која куќа всушност, била негова. Запознавањето поминало многу добро, при што газдата на Личеноски му понудил сместување во една поголема соба на мансардата. Од тогаш Личеноски станал чест гостин кај газдата на куќата, кој пак имал ќерка и го замолил Лазо да и наслика портрет. Од портретот биле многу задоволни, а по кажувањата на дедо ми (Д.Б.) била задоволна и девојката

Мојот дедо, Д.Б. кој и самиот студирал во Белград на Академија за применета уметност, во отсекот внатрешна архитектура, имал можност да се запознае со некои од тие семејства и да ги види портретите што ги насликал вујко му Личеноски. Кругот на познаници и пријатели се зголемувал, особено меѓу сликарите, скулпторите, интелектуалците и писателите. Во неговото ателје се собирале на седенки, каде се зборувало за уметност и литература. Негови најблиски другари му биле сликарите Марко Челебоновиќ, Иван Лучев, Антон Хутер, карикатуристот Пјер Крижаниќ и други. Личеноски често зборувал за неговите пријатели, особено за Иван Лучев. Тој бил една интересна, опуштена и лежерна личност.

Во една прилика од тие нивни патувања во Галичник дошол и Антон Хутер, како и други белграѓани меѓу кои и една девојка од познато семејство кое меѓу другото имале и ергела со коњи. Кога таа побарала да јавне коњ, бидејќи сите други се спремале да одат на прошетка во околината, галичаните и го дале најбесниот коњ, мислејќи дека таа веднаш ќе падне. Коњот бил многу див, но таа успеала да го скроти на големо чудење на галичаните. Не се случило тоа што го очекувале. Коњот бил оседлан и со една јамболија. При шетањето по Тони вода, висорамнина со висока трева, девојката намерно се слизнала од коњот врз тревата и само рекла: од една јамболија врз друга.

Овие епизоди од животот на Лазар Личеноски се влезени во моето најдлабоко сеќавање и мислам дека ќе им ги пренесам и на другите па еве, тоа го правам и сега, на овој начин.

Но најголемиот сон на секој уметник, па и писател им бил да одат во Париз, градот на светлината, центарот на светот..

Животот во Париз:

Среќата се насмевнала. Личеноски со уште неколку уметници меѓу кои Иван Лучев, Антон Хутер, Јуриј Планчиќ, Крсто Хегердушиќ, Лео Јунек и др. Некои од нив во 1927 год. добиваат стипендија за двегодишен престој во Париз меѓу кои и Лазар Личеноски. Во конкурсните документи меѓу другото, требало да се наведе, кај кој сликар сака да работи. Личеноски уште кога живеел во Тетово бил привлечен од живописите на македонските цркви и манастири, особено што не само во Македонија, но и на целиот Балкан биле познати мијачките тајфи на зографи. Така тој навел дека сака да работи во ателјето на познатиот француски фрескосликар Марсел Леноар. По пристигнувањето во Париз и одењето во ателјето на познатиот фрескописец го доживува првиот и неочекуван шок. Имено, сликарот изјавил дека тој веќе има еден асистент и дека друг не му треба. Личеноски се нашол во ситуација која значела дека ќе ја изгуби стипендијата и дека без стипендијата нема да може да престојува во Париз. Свикнат на вакви изненадувања, оди во тогашната Југословенска амбасата кај аташето за култура, кој за среќа веќе добро знаел за него и неговото сликарство. Аташето отишол кај познатиот сликар во неговото ателје и му објаснил на Марсел Леноар за каква личност се работи, така што веќе утредента Личеноски започнал со спецјализацијата во студиото на познатиот француски сликар.

Овој периот од неговиот престој во Париз бил значаен затоа што го откривал и го проучувал сликарството како на француските сликари, но и сликарите од сите земји во Европа, како и сликарите од Америка кои доаѓале во Париз. Тој станал омилен меѓу новодојдените сликари од другите земји и се здобил со голем број познаници и пријатели. Посетите на големиот број галерии, музеи, ателјеа и многубројните средби влијаеле да се рашират хоризонтите на неговата сликарска и интелектуална личност.

Бил восхитен од француското сликарство особено од женските актови на Жан Реноар. Бил привлечен од нивната убавина, женственост и енергија кои Реноар им ја внесувал. Така тоа ќе се забележи и во неговото сликарство, преку повеќето актови особено кај „Капачките”. Откривањето на тие нови сликарски светови, тематски и стилски разнообразности, како што вели Драган Бошнакоски му го наметнале прашањето: каде сум јас, каде е моето сликарство во сево ова? И покрај сите овие прашалници и дилеми тој прави извонредни дела од тој период, како и значајни и историски портрети, кои веројатно еден ден, ќе бидат изложени во неговиот замислен музеј, во неговата куќа крај Вардар. Покрај работата во ателјето на Марсел Леноар, каде сликарот го вклучил во работата и Лазар, на еден голем живопис, Личеноски ги впива сите сензации што живеат во бурниот париски живот. Тој сакал да види сè, не сакал нешто да пропушти и да почувствува сè со таа енергија што струела во тој период.

Така покрај сликарството, но и новите познанства и новите пријателства ја збогатувале неговата личност. Едно од најинтересните познанства е со американската сликарка Роберта Барбриџ. Таа потекнувала од семејство кое можело да и овозможи престој и студирање во Париз. Познат е портретот на „Роберта“што Личеноски го насликал во Париз. Тој бил поканет од неа да ја посети Америка, но тоа во тие околности од животот, не можел Личеноски да го оствари. Но останале долгогодишни пријатели што ја потврдува и нивната взаемна преписка.

Престојот од две години во Париз останува како еден животен белег, кој со ништо не може да биде збришан, а напротив тој и понатаму ќе копнее за Париз што во понатамошните години и ќе му се оствари и да го посети, заедно со сопругата Зое, но во она време кога не е во Париз тој ги следи сите нови движења како претплатник на повеќе француски списанија од областа на уметноста и литературата, кои за целиот свој живот ги добиваше. Тие списанија, како вели Драган Бошнакоски, извршиле и големо влијание и врз него.

Повраток во Белград:

По враќањето од Париз, следат нјголемите успеси за неговото сликарствo. Она прашање што уште во Париз си го постави „каде сум јас тука“, како да го најде и вистинскиот одговор. Тоа го потврдува неговата голема изложба во реномираниот изложбен салон „Цвијета Зузориќ“ во Белград, на Калемегдан. Испoлнети биле сите сали со неговите слики. На отворањето на изложбата бил цел Белград. Во првите денови сите слики биле продадени. Кога раскажуваше за овој настан, вели дедо ми како да го исполнуваше просторот со луѓето од тоа време. Личеноски или „Личен“, како што беше неговиот вообичаен потпис, го најде своето сликарство пред сè во пејсажите на неговата Македонија и ликовите од неговото окружување, така што тука беше потврден одговорот на самозададеното прашање. Оваа изложба направаила тој да стане еден престижен сликар, а за тоа е потврдата на распродадените слики. Во тоа време изложбите на сликарите биле презентација и укажување на сликарот, дека ова што е изложено треба да се има. По оваа изложба следел период на интензивна работа и сликање на нови дела, кои потоа во 1930 год. ги изложува и во Загреб. На отворањето на изложбата меѓу другите видни хрватски уметници бил и Мештровиќ. Во времетраењето на изложбата Личеноски му се пожалил на Мештровиќ дека нe се исполнети неговите очекувања, во врска со продажба на сликите, онака како што било предходно на белградската изложба. Мештровиќ бил изненаден поради тоа, но два-три дена потоа, биле продадени скоро сите слики од изложбата. Но има една епизода од таа средба меѓу Мештровиќ и Лазар, која што многу често била прераскажувана. Имено, по разгледувањето на изложбата Мештровиќ му се обратл на Лазар: Поднебјето и колоритот на Македонија е она што е твое и само твое. Ти тоа најдобро го правиш и така треба да продолжиш. Тоа си ти, заклучил Мештровиќ.

Така Личеноски по повратокот во Белград, продолжува со интензивно сликање. Во овој период создава голем број на слики со неговите карактеристични пејсажи од Македонија. Тоа се сликите со ненадминливите полиња на афиони, житни полиња, сончогледи, пејсажи од Охрид, рибари, риби, особено риби кон кои имал посебна слабост и во нивното конзумирање. Сите дарби на природата се инспирација за неговите слики. Неговото барање е зголемено во тој период на сликање портрети, така што во круговите на тогашните значајни личности, било престиж да се бидат насликани нивните портрети дури од сите членови на семејствата. Драган Бошнакоски во разговорите со него во подоцнежните години, Личеноски со голема среќа и радост се сеќавал на тој период од неговото живеење во Белград. Неговите пријатели се собирале во неговото ателје каде со одушевување ги слушале неговите „муабети“. Мојот дедо Драган Бошнакоски особено го истакнува неговиот заводлив и интересен начин на раскажување, кое тој го запишувал во неговиот „тефтер“. Во тој период со неговите пријатели и колеги со кои бил и во Париз, а и познатиот југословенски карикатурист Пјер Крижаниќ, ја формираат групата „Облик“, со која настапуваат на групни изложби, во Прага (на оваа изложба во Прага биле купени неколку дела на Личеноски) со престој и во Будимпешта, како и изложба во Софија.Така Личеноски по повратокот во Белград, продолжува со интензивно сликање. Во овој период создава голем број на слики со неговите карактеристични пејсажи од Македонија. Тоа се сликите со ненадминливите полиња на афиони, житни полиња, сончогледи, пејсажи од Охрид, рибари, риби, особено риби кон кои имал посебна слабост и во нивното конзумирање. Сите дарби на природата се инспирација за неговите слики. Неговото барање е зголемено во тој период на сликање портрети, така што во круговите на тогашните значајни личности, било престиж да се бидат насликани нивните портрети дури од сите членови на семејствата. Драган Бошнакоски во разговорите со него во подоцнежните години, Личеноски со голема среќа и радост се сеќавал на тој период од неговото живеење во Белград. Неговите пријатели се собирале во неговото ателје каде со одушевување ги слушале неговите „муабети“. Мојот дедо Драган Бошнакоски особено го истакнува неговиот заводлив и интересен начин на раскажување, кое тој го запишувал во неговиот „тефтер“. Во тој период со неговите пријатели и колеги со кои бил и во Париз, а и познатиот југословенски карикатурист Пјер Крижаниќ, ја формираат групата „Облик“, со која настапуваат на групни изложби, во Прага (на оваа изложба во Прага биле купени неколку дела на Личеноски) со престој и во Будимпешта, како и изложба во Софија.

Личеноски во едно од неговите престои во Охрид (1936) ја запознава Зое Главина, која била професорка во Францускиот колеџ во Скопје. Го знаела многу добро францускиот јазик, како и нејзините познавања за оваа култура. Францускиот јазик и француската култура во времето на дваесеттиот век биле доминантни во Европа. Овие познавања што како млада професорка ги имала, го привлекле вниманието на Личеноски, уште во Охрид каде тој сликал, а на куферчето со бои имало натпис „Молам, не пречете кога работам“. И кога Зое сакала да се оддалечи, Лазо кусо и рекол: вие не ми пречите! Така што во 1940 год. во јануари склопуваат брак во Скопје и заминуваат за Белград. Во тој период распишан е анонимен конкурс за изградба на костурница за паднатите српски борци на островот Видо (каде била сместена и болница), спроти островот Крф, во Грција. На анонимниот конкурс Личеноски победува, со тоа што треба да направи мозаик со таа тема. За престојот на Крф и создавањето на мозаикот, кој е направен од камчињата собирани од бреговите на Јонско море, ова го опишува Зое Личеноска во нејзините сеќавања во книгата „Мојот живот со Лазар Личеноски“. Овој мозаик на Личеноски бил многу добро оценет од страна на критиката и публиката. Во семејните разговори овој настан е многу споменуван и раскажуван, така што останува (нашата) желба за посета на островот Видо и Крф за да ги видиме делата на мојот пра дедо Лазар. По враќањето од Крф, во Солун ги посетуваат роднините, синовите и ќерките на стрикото Гене, братот на Филип. Потоа ја носи сопругата Зое, во Галичник кај семејството на сестрата Стојана, која била останата во Галичник само се децата, а сопругот Самоил Бошнакоски бил на печалба во Драма (Грција). Каде што имал отворено слаткарница, кафеана и кино.

Пра баба ми Стојана, била многу среќна што нејзиниот брат Лазар Лиеченоски конечно нашол жена која е онаква, каква што тој од секогаш барал, ми раскажува Драган Бошнакоски.

Времето на војната:

Живеењето на Лазар Личеноски и неговата сопруга Зое, во Белград бил само од неколку месеци на задоволство и среќа на заедничкиот живот бидејќи, започнува Втората светска војна, а Белград е бомбардиран. Ателјето на Личеноски е исто така бомбардирано, така што овој период го поминуваат оскудно и во потрага за храна. Се сместуваат во една зграда на највисокиот кат. За овие денови од нивниот заеднички живот, сопругата на Личеноски, Зое го опишува во нејзината книга на спомени, „Мојот живот со Лазар Личеноски“. Најчесто што можеле да приготват биле шпагети и еден од нивните пријатели кој токму во тоа време доаѓал во посета кај нив, им рекол „о колку многу вие сакате да јадете шпагети!”. Ова беше една од најомилените епизоди, што ја слушавме од Лазо, се сеќава мојот дедо Д.Б.

Но, еден интересен настан му се случува на Личеноски во текот на окупацијата од страна на фашистичка Германија, а во исто време и окупацијата од фашистичка Бугарија, на Македонија. Во таа година 1943, доаѓаат преставници од Царската бугарска амбасада од Белград, во ателјето на Личеноски. И онака задишани од многуте скали, влегуваат во ателјето на Личеноски со една невообичаена и чудна понуда. Имено, од како се обидуваат да му го воочат неговиот тежок живот во Белград, му понудуваат како покана од самиот бугарски Цар, да се пресели во Софија и да живее таму како бугарски државјанин со неговата сопруга. Ќе добие соодветно сместување во главниот град на Бугарија, како и вила во Кавала. Личеноски и неговата сопруга биле изненадени од оваа несоодветна покана и се разбира, веднаш билa одбиенa. Мојот вујко Лазар, раскажува дедо ми во таа прилика им рекол: Јас сум македонец и никогаш нема да бидам ништо друго. Моето презиме од секогaш било Личеноски и такво ќе биде додека сум жив. Но затоа пак, по завршувањето на војната веднаш ја прифаќа поканата од Македонија, да дојде и да се пресели во Скопје.

Доаѓањето во Македонија и животот во Скопје:

Доаѓањето во Македонија и животот во Скопје: Доаѓањето во Македонија и Скопје, во тоа повоено време, било доста драматично. Возовите не биле редовни, поради оштетени железнички мостови, па така од време на време патувале со запрежни коли и со камион и правеле разни комбинации за да можат да стигнат таму каде што требало. Спиеле дури и во некое попатно село. Во групата имало и други македонци кои се враќале од Србија за Македонија. Ова нивно патешествие траело скоро десет дена. По стигнувањето во Скопје, Зое и Лазар се сместуваат во домот на нејзината мајка во Пајко маало. Лазар се јавува дека стигнал и веднаш му даваат задолженија. Да ја организира културата во слободна Македонија со сите потребни институции кои ја сочинуваат една држава. Личеноски бил толку многу зафатен, што со сопругата не се ни гледале, така што си оставале ливчиња кои биле известувања за нивните ангажирања, особено на Лазар. Бил член на повеќе комисии кои биле задожени за мноштво организациони работи, како институции, културни установи, училишта и т.н. Меѓу другите задолженија било, Лазар со една група уметници да патуваат низ тогашните републики на Југоставија и во нивните главни градови, да откупуваат слики од познатите сликари. Лазо ги имал предходните врски и познанства, така што тоа одело без некои потешкотии, особено што македонската држава им дала парични средства, за да може да ја спроведат оваа идеја. Така во 1948 год. се формира „Картина галерија“ со директор- сликарот Борко Лазески, потоа во 1950 год. се преименува во Национална галерија со директорот Никола Мартиновки. Тука се организирале и првите групни изложби на македонские автори ДЛУМ, како и значајната изложба на „Француското сликарство“, што бил еден од најголемите и најзначајни настани во слободна Македонија. Во 1954 год. организирана е првата самостојна изложба во слободна Македонија, во Националната галерија, каде било преставено ретроспективното творештво на Лазар Личеноски. После оваа изложба биле преставувани и индивидуални изложби на македонски и странски уметници. Во ова време во Македонија се формираат многу институции од областа на културата, меѓу другите и „Средно художествено училиште“, а прв директор бил Никола Мартиновски. Сега тоа е преименувано како „Средно уметничко учичиште“ и го носи името на мојот пра дедо Лазар Личеноски (инаку како традиција во нашето семејсто, прв го има завршено мојот дедо Драган Бошнакоски на одсекот вајарство, па мојата мајка Анита на отсекот сликатство и јас, на отсекот внатрешна архитектура и дизајн)

Има една интересна епизода од првите денови на Личеноски во Скопје, кога бил член на една од првите комисии, каде се дискутирало и за урбанистичкиот план на Скопје. Меѓу другото многу жестоко се расправало од страна на некои помлади членови, дека покрај Вардар треба да има големи кејови, булевари и т.н. и дека за таа цел треба да се урне Камениот мост. На оваа одлука остро се спротивставил Личеноски, дека тој мост е симбол на градот, симбол на нашата историја, при што изнесувал и други аргументи во одбрана на Камениот мост. И некаде пред крај на дискусијата, неговите опоненти му рекле: -ти Лазо ќе спиеш, кога ние ќе го урнеме мостот. Тој бил толку многу изреволтиран од нивната неукост и дрскост, што веднаш му се јавил на Лазар Колишевски, кој во тоа време бил неприкосновената политичка личност за Македонија, со зборовите: -ако го дозволиш овој срам и глупост, ќе бидеш запишан во историјата на Македонија, како човекот што го урна Камениот мост.

И некаде пред крај на дискусијата, неговите опоненти му рекле: Ти Лазо ќе спиеш, кога ние ќе го урнеме мостот. Тој бил толку многу изреволтиран од нивната неукост и дрскост, што веднаш му се јавил на Лазар Колишевски, кој во тоа време бил неприкосновената политичка личност за Македонија, со зборовите: ако го дозволиш овој срам и глупост, ќе бидеш запишан во историјата на Македонија, како човекот што го урна Камениот мост. По оваа интервенција на Лазар Личеноски, за среќа мостот постои и ден денес како еден од симболите на градот. По оваа интервенција на Лазар Личеноски, за среќа мостот постои и ден денес како еден од симболите на градот.

Во меѓувреме, Личеноски добива на подолг периот стан со ателје на мансардата во зградата на ул. Орце Николов. Таму ги создава неговите дела, слики, таписерии, мозаици, каде секојдневно одел мојот дедо Драган Бошнакоски кој му помагал и скоро и да живеел со нив. Го завршува средното училиште, а во меѓувреме се доселува во Скопје и сестрата Стојана со семејството, по пребегот од Драма, по повлекувањето на бугарскара фашистичка окупаторска војска од сега Грција (во тоа време Егејска Македонија) и се населуваат во Струмица, по уривањето на патиштата и мостовите на пат за Скопје, каде остануваат таму уште неколку години. Таму, дедо ми го завршува основното учлиште и заминува во Скопје и се запишува во средното Уметничкото училиште. По настојување на мојот дедо Драган Бошнакоски доаѓа во Скопје и неговото семејсто од Струмица. Конечно Лазар е со сестрата со која ги врзуваше голема љубов и братско-сестринска поврзаност.

Активноста на Личеноски е евидентна преку неговите дела, како и во општествените задолженија, при што е носител на сите републички, како и југословенски признанија. Едно од тие признанија е приемот за дописен член во Српската академија на науките и уметностите, како и приемот на големиот македонски писател Блаже Конески, како идни основачи на Македонска академија на науката и уметноста. Но Личеноски нема да го доживее формирањето на МАНУ, а Блаже Конески ќе стане и председател на оваа висока научна институција.

Тогашниот министер и голем почитувач на неговото творештво, а и самиот тој врвен интелектуалец, Кемал Сејфула иницира градење на дом и атлје во Скопје. Куќата со ателје беше изградена крај кејот на реката Вардар. Но многу малку остана да се радува на новото ателје, неколку години, кога се случи скопскиот земјотрес, а тој со сопругата се сместиле во гаражата каде стоело нивното „Фичо“, кое многу често било расипано. Во меѓувреме зградата се санираала, но тоа Личеноски не го дочекал. Но како вечна благодарност куќата со ателје и неговите слики во оставнина ѝ ги подарува на неговата Македонија.

Најблиското семејсто ја испочитува оваа одлука на Личеноски, а по смртта на неговата сопруга Зое, тоа и го оствари. За жал поминаа многу години властите на Република Македонија не направија ништо, освен што ова донаторство му го препуштија на Националната галерија, во Скопје. Во меѓувреме овој објект напуштен и запоставен беше неколку пати ограбуван и опожаруван, додека дедо ми Драган Бошнакоски не ангажира платена чуварска агенција приватно.

Ние сите од семејството, вклучувајќи нѐ и нас помладите потомци, се надеваме дека и покрај турбулентните времиња што ни се случуваат на целава планета ќе стане некое „чудо“, барем дедо ми Драган Бошнакоски да го доживее ова „воскренување“ на она што неговиот вујко Лазар Личеноски го правеше и што ѝ го остави на Македонија. Забелешка: ја изразувам мојата голема и неизмерна благодарност кон мојот дедо арх. Драган Бошнакоски, внук од сестра на великанот Лазар Личеноски и сум среќна и горда на фактот што потекнуавм од оваа фамилија, а воедно изразувам и голема благодарност кон почитуваниот доц. мр. господин Стефан Јакимовски, за можноста да и се посветам на оваа тема, во мојот семинарски труд. Риби, околу 1957 масло на платно, 100х81

Основни биографски податоци:

Лазар Личеноски е роден 1901 во Галичник, а починал 1964 во Скопје. Роден е на 28 март 1901 год. од мајка Магда, која починала млада на дваесет и две години. Татко му Филип потекнува од угледно градителско семејство. Магда и Филип имале две деца, Лазар и помладата сестра Стојана. Нив ги одгледувала стрината Роса (или Мајче). Филип, таткото на Лазар и Стојана, имал четири браќа и сите биле градители и сите на четири страни биле разотидени. Нивниот татко Филип, со еден од браќата Гене, оди во Грција. По смртта на братот, оди во Призрен, како градежник каде се преженил. Лазар и Стојана остануваат во Галичник кај стрината Мајче. Потоа Лазар и сестрата Стојана одат 1908 год. во Призрен. Лазар завршува второ одделение во бугарско училиште, а продолжува трето во Призрен, српско. Од кога починала жената на татко им Филип, во 1911 год. таткото се сели во Тетово, каде отвора столарска работилница и Лазар работи во неа, а сестрата останува во Галичник. Таткото Филип починал 1918 год. а Лазар во Тетово заработува пишувајќи фирми а потоа го затвора дуќанот и во 1921 год. оди за Белград. Успева да се запише во Уметничкото училиште, каде прва професорка му била Бета Вукадиновиќ, потоа Љуба Ивановиќ и Петар Добровиќ. Стекнува и пријатели, Дида Де Мајо, Ото Бхаљи и многу други. На четврта година студии се запишува на два курса, кај Бета Вукановиќ наставнички и кај Петар Добровиќ, академскиот. По заминувањто на Добровиќ, класата ја превзема Милан Миловановиќ, заедно со Коста Миличевќ, кој е преставник на „зелениот импресионизам“ во српското сликарство. Во класата покрај Личеноски се Хутер, Кун, Момчило Стевановиќ, Р. Живојиновиќ-Ное и др. со стипендија заминува за Приз, во ателјето на Марсел Леноар. По двегодишен престој се враќа во Белград каде со неколку свои колеги ја формираат групата „Облик“. Настапува време на групни и самостојни изложби. Во 1940год. се жени за Зое Главина и живеат во Белград. По војната доаѓаат во Скопје (Македонија). Работи на формирање на институции од областа на културата и станува професор во Уметничкото училиште. Носител е на многу републички награди и признанија. Многу работи и слика. Присутен е на сите групни, како и самостојни изложби. Ненадејно починува на 61 годишна возраст, во Скопје

(Биографските податоци делумно се користени од монографијата „Личеноски“ од историчарката на уметност Викторија Васева Димеска)

This Post Has One Comment

  1. Младен

    Одлично! Посебно е интересен и актуелен текстов во ова време на рзградување и омаловажување на Македонија и македонците.Би било добро да се објави и за други великани од Македонија.

Comments are closed.