You are currently viewing „МИРОВНИТЕ ФОРМУЛИ“ И НАЈАВИТЕ ЗА ВОЈНА
  • Post category:Колумна

-Или, како се калеше глупоста-

Колумна: Коста Јовчевски – Корчагин, Претседавач на Советот за Родина и член на Претседателството

„Фашизмот е најреакционерна политичка идеја и форма на современата епоха со авторитарни, репресивни, антидемократски и со дискриминаторни идеи, со култ на силата и на насилството“
(Кирил Темков)

Деновиве, самопрогласените сопственици на светот,институционализирани во конгломератот – Европска Унија, имаа неформална средба во Толедо, Шпанија. Темата на неформалниот состанок на дипломатите била изнаоѓање на одржлив предлог за постигнување на праведен мир во Украина, а како гласноговорник кој ги соопшти нивните заклучоци постигнати таму, се јави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел. Тоа е истиот оној кој, неколкупати досега, успеа да не насмее по прашањето за Македонија, а посебно по прашањето за војната во Украина.

Што расправале и што договориле бирократите на злото? Нивните заклучоци од споменатиот состанок би ги систематизирал вака:

1.Прво, преку Борел обзнанија дека мировната формула на украинскиот претседател Зеленски е единствената можност, единствено можен предлог за постигнување на мир и тоа праведен мир.
2.Вториот заклучок е тоа што за Украина се предвидува одржлива поддршка на долг рок, односно обезбедување на финансиска поддршка за водење на војна и обука на украинските војници (за 40.000 војници!). Обуката ќе се изведува во европските армиски центри и тоа за период од четири години!
3.Еден од поглупавите заклучоци е, секако, изјавата дека „Путин со агресија не и нанесе штети само на Украина туку и на земји кои се одалечени стотици километри… (и тие) се соочуваат со последиците од користењето на храната како оружје“.
4.ЕУ треба да продолжи со напорите да се бори против руските „дезинформации“ што, наводно, Русија ги шири ширум светот.
5.Петто, европската „загриженост“ за случувањата во Африка („африкански решенија за африканските проблеми“!).

Кога некои од овие заклучоци би биле само за внатрешна употреба, без да имаат влијание на другите кои не се ни криви ни должни што ЕУ се бори со сопствениот канцер за кој нема лек, тогаш тоа би го сфатил и би го прифатил во смисла на претсмртен кошмар на извесниот покојник. За жал, тие се ем веќе мртви, ем не знаат за тоа, ем продолжуваат да нанесуваат проблеми. Како да се одговори збирно (зашто поединечно не заслужуваат простор) на ваквите заклучоци и ставови?

Исклучивоста на ЕУ секогаш мора да води кон ставови кои мора да претставуваат задолжително четиво за секој и секого. Тие нивни ставови мора да формираат свест на „позитивна“ авторитарност која, во основа, е секако антидемократска. Со ваквото формулирање на своето политичко дејствување, им станува нејасно и чудно дека во светот живеат и други народи со свои автентични интереси и автентични начини на реализација на тие интерси. Но, како тие други народи можат да помислат да живеат и како воопшто можат да бараат да живеат ако не се однесуваат онака како што тоа на разни формални и неформални состаноци го договориле бирократите на ЕУ? Па така, нема друг
„мир“, освен „мирот“ кој тие го замислиле и го договориле. Тие се чудат како тоа Русија сосе Кина и другите слободољубиви народи реагираат и дејствуваат во согласност со сопствените интереси, без притоа да ја прашаат ЕУ. Не им е јасно дека светот веќе одамна е уморен и навреден од нивните „мировни конференции“ и наметнати решенија. Дека за Русија, на пример, е навредлив било каков предлог од страна во вид на диктат, зашто неа веќе не и требаат никакви предлози и „мировни“ решенија, кога е самата способна да доминира, да ги казни провокаторите и предизвикувачите и да донесе онаков мир каков што налага моментот и каков што е возможен, не водејќи сметка за себичните европски интереси.

Европското лицемерие, како битна константа во дејствувањето, а посебно кога се во прашање послабите, веќе не може да биде метод на европско воздигнување, а пропаст на оние кои не се во нивно друштво. Безобразно договараат „мир“, а полни се со воени и налудничави решенија. Каков тоа исклучив „мир“ договориле, кога предвидуваат долгорочна војна во Украина и финансирање на таа војна? Имаат и сознание за времетраењето: четири години! Долгорочна определба им била воспоставување на „мир“, ама долгорочно планираат продолжување на таа војна со јавно обзнанување дека ќе ја финансираат војната и за таа цел ќе ги обучуваат Украинците! Не им пречеше понижувачкото трчање на германскиот канцелар дури до Кина да моли да не ја снабдувале Русија со оружје и тоа што замина скоро набркан. Така е и овие денови со нова финансиска помош на Германците од 400 милиони евра за да Украинците и понатаму продолжат да гинат. Никакво достоинство кога се на колена. Може ли да има помизерно лицемерие од ова? Може ли да има помизерни луѓе од европејците со нивните политичари кои ја поддржуваат оваа политика без политика, зашто нив политика и не им треба, тие настапуваат волунтаристички, како тоа во овој момент ќе им се допадне и ќе им се види целисходно.

Горделивоста, ароганцијата и безобразието ја исфрлија нивната „демократска“ девиза за некакви си „африкански решенија за африканските проблеми“! И, како во случајот со Русија, чудно им е дека и Африка постепено ги исфрла од својот континент и дека европските лекции и формулации за наводна демократија (платена со десетици, ако не и стотици милиони африкански жртви!) таму веќе не поминуваат. Донекаде би ги сфатил европските бирократи заради нивната недоветност и изгубеност во времето и просторот, ако на крај во заклучокот за Африка не го беа ставиле можното решение за војна, но „добродушно“ заклучуваат дека воената акција „засега не е во игра“. Значи, само нив им се дозволени и воени решенија кога сметаат дека е тоа погодно и кога ќе најдат дека е тоа згодно и потребно за нив.

Заврши и овој неформален состанок на европските самонаречени „демократи“. Повторно ништо ново, повторно во игра нереалноста, себедоволноста, горделивоста, заканите… Всушност, ги заболе нив за Украина; ги заболе за африканските народи; ги заболе и за Македонија и за налудничавите бугарски барања да влезат во Уставот; ги заболе и за демократијата…Единствен проблем за кој треба навистина сериозно да бидат загрижени е потрагата по лекот за својот канцер кој тешко ги разјадува одвнатре. За вистината дека никој не мора да ги уништи однадвор, зашто тие се распаднати (веќе одамна) одвнатре. Дека и без војна се обезличија; го изгубија својот идентитет; ја изгубија или се на пат да ја изгубат својата христијанска основа; дека се преплавени со криминалци од целиот свет и белосветски
терористи; дека колонизираните им станаа премиери…А, сепак ми е жал што не можат се уште да сфатат (заради моја сатисфакција): фашизмот кој го практикуваат е работа која се враќа како бумеранг. Порано или подоцна. Но, што подоцна, тоа бумерангот потешко ќе им возврати!


Придружете се на телеграм каналот на Родина Македонија Телеграм Родина

Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!

Пополнете пристапница