Skip to content Skip to footer

СТАТУТ

Врз основа на членовите 14 и 16 од Законот за политичките партии(„Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004 и 5/2007, 8/2007, 7/2008, 23/2013), Основачкото собрание на политичката партија Родина Македонија, одржано на 18.3.2020 година, го донесе следниов

С Т А Т У Т

НА РОДИНА МАКЕДОНИЈА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој статут поблиску се уредуваат името и скратеното име на политичката партија Родина Македонија; седиштето на партијата; политичките цели на дејствување; остварувањето на јавноста во работењето; начинот на дејствувањето; зачленувањето и престанувањето на членството во партијата и правата, обврските и одговорностите на членовите; застапувањето и престанувањето на партијата; органите на партијата, изборот и отповикувањето на органите, мандатот и начинот на одлучувањето; стекнувањето и располагањето со средствата; имотот на партијата и постапување во случај на престанок на партијата; знамето, симболот и амблемот како и други прашања од значење за функционирање на партијата.

Член 2

Име и скратено име

Името на политичката партија е Родина Македонија (во натамошниот текст: Родина). Скратеното име на партијата е РОДИНА, испишано со големи букви.

Член 3

Статус и седиште

Родина има својство на правно лице. Седиштето на Родина е во Скопје, на ул. „Никола Парапунов“ бр. 3 А/52, Скопје.

Член 4

Ознаки и симболи

Родина има свое знаме и грб. Знамето има правоаголна форма, на црвено – жолта вертикално поставена основа. Црвеното поле ја означува почетната буква на партијата, „Р“. Во полукругот на буквата „Р“ се наоѓа исцртано стилизирано жолто сонце, а под него е испишано името на партијата со големи букви „РОДИНА“.

Грбот има форма на штит, на црвено – жолта вертикално поставена основа. Црвеното поле ја означува почетната буква на партијата, „Р“. Во полукругот на буквата „Р“ се наоѓа исцртано стилизирано жолто сонце. Под штитот, во полукружна форма е испишано името на партијата, со големи букви „РОДИНА“.

Родина има печат кој е во кружна форма и штембил во правоаголна форма.

Член 5

Основна идеолошка ориентација

Родина е народна партија издигнатa врз културните и традиционалните вредности на македонскиот народ, водена од природните принципи и праведни закони, каде сите сме еднакви и сите сме дел од една целина, дел од нашиот РОД и како такви сите треба да му служиме заедно, а најдобрите да бидат први во тој ред. Тоа е должност и обврска на секој Македонец. Милениумски слоеви од култура, традиција и цивилизација преточени се во нас Македонците како дел од нашето битие, знаење и начин на живот. Тоа е мудроста, разумот и силата кои ни овозможиле да опстоиме низ илјадалетијата како еден од ретките народи. Тие вредности ја прават и денес нашата држава место каде сите имаат право на достоинствен живот и сопствен развој. Тоа е основа за праведна, стабилна и просперитетна Македонија.

Член 6

Родина во остварување на својата основна идеолошка ориентација може да соработува со домашни и странски политички партии, организации и здруженија, да стапува во коалиции и да истапува од нив и да членува во соодветни странски организации.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И НАЧИНИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА ДЕЈНОСТА

Член 7

1.Цели

Лицата се здружуваат во Родина заради остварување на поширок заеднички интерес, а особено за остварување на следниве политички и партиски цели и задачи:

-да го развиваат чувството на патриотизам и чувството на припадност кон македонскиот народ;

-да ги застапуваат и промовираат културните, духовните и традиционалните вредности на македонскиот народ;

-да градат општествено-политички услови за воспоставување модел на политичко-административно управување, базиран на изворна македонска доктрина и еманципирање на македонскиот народ и држава која во секој момент ќе одговори на странските штетни дејствија и влијанијата врз целокупниот вредносен систем на нацијата и државата;

-да ја промовираат националната, културната, историската, цивилизациската и духовната посебност и потенцијал на македонскиот народ;

-да овозможат активно вклучување надијаспората во севкупниот живот на Републиката;

-да развиваат соработка со деловите на македонскиот народ во соседните држави;

-да ги развиваат граѓанските, социјалните, културните и економските слободи и права на граѓаните;

-да се ангажираат во барање на системски модели за интегрирање на младите во севкупните текови во државата како форма за спречување на нивното масовно иселување од државата;

-да градат нови справедливи и конкурентни економски модели на одржлив развој, во согласност со новите економски парадигми за инклузивен развој со еднакви можности за сите;

-да ги активираат, правилно да ги ползуваат и насочуваат сите човечки, природни, минерални, енергетски, транспортни, инфраструктурни и геостратешки потенцијали за да функционираат во корист на македонскиот народ  и за градење на општество на благосостојба;

-да создадат можости и посигурни услови за развој и водење бизнис во државата и да промовираaт создавање извозен потенцијал на производи и услуги од светски квалитет;

-да градат систем на бесплатно образование и здравство;

-да обезбедат развој на образованието, науката и технолошкиот развој како столбови за нова и светски конкурентна информатичка и технолошка извозна база;

-да обезбедат сеопфатна и трајна заштита на животната средина;

-да го поттикнуваат земјоделието и сточарството и да градат ефикасни и стимулативни мерки за нивниот равој;

-за ГМО-слободна држава. Да се забрани производство, увоз или транзит на ГМО продукти и технологија на територијата на државата;

-да го поттикнуваат и популаризираат спортот;

-да го поттикнуваат и развиваат туризмот и привлекувањето на поголем број на туристи;

-да градат односи со соседите врз принцип на достоинство, вистинитост и рамноправност како и врз принципот на реципроцитет;

-да ги развиваат односите со земјите од истокот, преку соработка и членство во Евро-азиските организации како што се ЕАЕС, ШОС, Патот на свилата и други меѓудржавни организации кога тоа е во интерес на државата;

-да градат односи со државите од Европа, САД и другите региони во светот, врз принцип на меѓусебно почитување и признавање на нашето национално име и идентитетот на македонскиот народ;

-да градат блиски односи со словенските земји и Русија, врз основа на припадноста на заедничката словенска култура и цивилизација; 

-да работат на градење соработка и со други држави и народи ширум светот, особено со оние кои не имаат признаено под нашето национално име.

Член 8

За остварување на целите од членот 7 од овој статут се изготвува програма за работа на партијата.

Програмата од ставот 1 на овој член ја донесува собранието на партијата.

2.Начела на работа

Член 9

Јавност

Работата на Родина е јавна.

Јавноста во работата на органите и телата на Родина се остварува преку:

-учество на членовите на Родина во работата на органите и телата на партијата;

-издавање на сопствени гласила и периодични публикации поврзани со работата на партијата;

-организирање на други медиуми кои се во функција на промовирање на работата на партијата;

-организирање на конференции за печат и издавање на соопштенија за јавноста;

-учество на разни собири, тркалезни маси, дебати како и преку настапи во средствата за јавно информирање;

-поднесување на извештаи за работа на паријата, односно нејзините органи и тела;

-известување на јавноста за партиските ставови за настани и случувања преку интернет страната на партијата;

-комуникација со јавноста преку социјалните мрежи.

Јавноста во работата може да биде ограничена само во случаи кога  се расправа за внатрепартиски работи, проблеми или заземање на партиски ставови за постапување. 

Одлука за ограничување на јавноста ја донесува претседателството.

Законитост и статутарност

Член 10

Своите политички цели, задачи и акти Родина ги заснова и остварува во согласност со устав и закон.

Партиско-политичката активност на Родина се остварува во согласност со одредбите на овој статут.

Член 11

Солидарност

Родина покажува грижа за своите членови и ќе работи на давање на помош и поддршка во рамките на своите можности.

Поддршката и помошта од ставот 1 на овој член се уредува со посебна одлука.

3.Начини на делување

Член 12

Членовите на Родина во остварувањето на дејноста на партијата  дејствуваат единствено, со почитување на утврдените цели и задачи заради нивна промоција.

Утврдените цели и задачи се обединувачки елемент за партиска активност.

Член 13

Остварувањето на целите и задачите на Родина ќе се одвива по пат на делување кое подразбира:

-презентација/промоција на утврдените партиски цели;

-иницирање на решенија за решавање на одделни (политички, економски, социјални, културни и сл.) проблеми;

-покренување на иницијативи за донесување на закони и други акти од сите области на општественото живеење;

-присуство во јавноста заради презентирање на партиските ставови и мислења;

-вршење на политичко влијание преку сопствени средства за комуникација;

-учество во власта и

-други начини на делување кои се во функција на реализација на основните партиски принципи, цели и задачи. 

Член 14

Родина има право и должност да се огради од индивидуалното однесување и дејствување на одделни нејзини членови кои се спротивни на партиската програма и статутот или кои не се овластени од партиските органи за одредено однесување или дејствување. 

Член 15

За официјален став на партијата ќе се смета само оној кој е усвоен и објавен од собранието, централниот одбор, претседателството или од овластено лице.

III. ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО

Член 16

Зачленување

Членувањето во Родина е доброволно.

Член на Родина може да биде секој полнолетен државјанин кој е деловно способен и кој ја прифаќа програмата и статутот на партијата.

Секој член има право активно да придонесува кон исполнување на целите на партијата.

Зачленувањето, по правило, се врши со пополнување на пристапница за членство во партијата на утврден образец, во писмен или во електронски облик.

Поблиско уредување на прашањата за зачленувањето, вклучувајќи го и исклучувањето од партијата, се уредува со посебен акт.

Партијата за своите членови води евиденција во посебен регистар за членство и тој се ажурира најмалку еднаш годишно. Начинот на водење на регистарот се уредува со посебен акт.

Член 17

Престанок на членувањето

Членувањето во Родина престанува:

a) со смрт на членот или со трајно губење на неговата деловна способност;

б) по барање на членот или

в) со исклучување од партијата.

Член 18

Престанокот на членството во Родина по барање на членот може да биде со давање изјава за доброволен престанок на членувањето, за што членот пополнува истапница или доколку членот станал член на друга политичка партија и со тоа се брише од евиденцијата, односно регистарот на членови на Родина.

Исклучувањето на член од Родина настанува во случаи на дејствување кое е спротивно на основачките документи или другите акти на партијата. За исклучување на член одлучува претседателството со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Секој член на телата на Родина може да покрене прашање за нечие членство во партијата ако има основано сомневање за намерите или вредностите на одреден член или за неговото делување во името на партијата во процедура утврдена од партијата.

IV. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Член 19

Права на членовите

Секој член на Родина ги има следниве права:

– да учествува во работата на партијата;

– да придонесува во создавањето и спроведувањето на политиките на партијата;

– да бира и да биде биран во партиските органи или на друг начин да учествува во работните тела;

– да биде кандидат или да кандидира други лица за партиските изборни листи и други јавни функции;

– да поднесе оставка на должноста т.е. функцијата на која е избран или именуван;

– да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;

–да поставува прашања до партиските органи и избраните или именуваните функционери;

– да обезбедува и ужива партиска солидарност;

– да биде информиран за активностите на пaртијата и др.

Член 20

Обврски на членовите

Секој член на Родина ги има следниве обврски:

– редовно да плаќа членарина;

– да соработува и делува на коректен начин со другите членови;

-да работи на развивање и унапредување на активностите кои произлегуваат од статутот, програмата и од другите одлуки и заклучоци кои се донесени од партиските органи и тела;

-да ги спроведува одредбите од основачките документи на партијата и своето политичко делување да го усогласи со статутот и програмата;

– да ги спроведува одлуките на партиските органи;

– да ги застапува интересите и ставовите на партијата и во своите јавни настапи да ја следи основната идеолошка идеја;

-активно да учествува во органите во кои е избран или именуван;

-да работи на  единство на партијата;

– да учествува во работата на партијата и да придонесува за нејзиниот развој;

– при вршењето функција во и надвор од партијата својот личен интерес да не го става пред македонските нацонални и општите партиски интереси.

V. ОРГАНИ НА РОДИНА

Член 21

Органи на Родина се:

-собрание;

-централен одбор;

-претседателство;

-совет на иницијатори;

-генералниот секретаријат;

-општинските одбори;

-задгранични комитети.

Во Родина може да се формираат и други помошни органи, тела, работни групи и сл., во согласност со потребите на партијата. Видот и надлежностите на овие помошни органи, тела, работни групи и сл., се утврдуваат со посебни акти на партијата.

Собрание

Член 22

Собранието е највисок орган на Родина.

Собранието:

-ги донесува и менува статутот и програмата на партијата;

-ги утврдува основните насоки и ставови за делување на органите и на партијата во целина;

-усвојува извештаи за работа на органите и телата на партијата;

-донесува деловник за работа и

-врши и други работи од интерес и значење за партијата.

Член 23

Собранието е составено од следниве делегати:

-претседавачот и генералниот секретар на партијата;

-членовите на претседателството;

-пратениците во Собранието на Републиката, министрите во Владата на Републиката како и високи државни функционери од редот на Родина;

-градоначалниците на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје од редот на Родина;

-претседавачите на општинските одбори;

-двајца претставници од општинските одбори;

-претседавачите на партиските органи и тела;

-членовите на советот на иницијатори;

-претседавачите на задграничните комитети.

Член 24

Собранието работи на седници.

Седниците на собранието можат да бидат редовни и вонредни. 

Редовните седници се одржуваат на четири години.

Вонредните седници се одржуваат по потреба.

Член 25

За остварување на својата надлежност, собранието донесува одлуки, мислења, ставови, заклучоци, препораки и други акти.

Член 26

Собранието го води претседавачот на партијата.

Собранието може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на делегати.

Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број делегати.

За менување на статутот, целите и задачите и основните принципи на партијата  потребно е 2/3 мнозинство од вкупниот број на делегатите.

За секоја седница на собранието се изготвува дневен ред кој во писмена или електронска форма се доставува до делегатите, најмалку четири недели пред одржување на собранието. За текот на седницата и донесените одлуки се води записник.

Седниците на собранието, по правило, ги свикува централниот одбор или претседателството. 

Вонредна седница на собранието може да се свика во случај кога тоа ќе го побараат најмалку 1/3 членови на партијата, 1/2 од членовите на централниот одбор или 1/2  од членовите на претседателството.

Вонредното собрание може да одлучува само по точките кои се предмет на вонредна седница на собранието.

Верификација на мандатот на делегатите го утврдува кадровската комисија на партијата.

Член 27

Собранието одлучува по точките од дневниот ред со јавно гласање.

По предлог на 1/3 делегати од присутните делегати на соборот, гласањето може да биде и тајно ако предлогот биде усвоен со мнозинство гласови од присутните.

Собранието има свој деловник за работа во кој подетално се разработуваат прашањата кои се однесуваат на начинот на работа, гласањето, свикувањето на седниците и за други прашања од значење за работата на соборот.

Централен одбор

Член 28

Централниот одбор е највисок политички и раководен орган на Родина помеѓу две собранија.

Мандатот на централниот одбор е четири години.

Член 29

Централниот одбор:

-раководи со партијата;

-се грижи за спроведување на одлуките на собранието и на другите органи и тела на партијата;

-на предлог на претседавачот на партијата избира генерален секретар на партијата;

-дава политички оценки и креира партиски ставови по разни прашања од општествено-политичките и економските случувања;

-именува кандидат за Претседател на Републиката, кандидати за пратеници и за други органи и тела на партијата по постапка утврдена од Партијата;

-утврдува предлог за изменување и дополнување на статутот;

-донесува одлуки за внатрепартиски избори;

-ја следи работата на носителите на јавните функции од редот на Родина;

-донесува финансиски документи во врска со работењето на партијата;

-управува со имотот на партијата;

-формира комисии, работни тела и други органи од значење за работата на партијата;

-спроведува активности поврзани со изборите;

-донесува одлука за коалицирање или прекин на коалицирањето;

-донесува акти за реализирање на својата активност;

-врши и други работи од значење за работата на партијата.

Член 30

Централниот одбор е составен од: 

-претседавачот и генералниот секретар на партијата; 

-претседавачот на советот на иницијатори;

-членовите на претседателството;

-претседавачите на општинските одбори;

-претседавачите на партиските органи и тела.

Член 31

Централниот одбор работи на седници.

Седниците се одржуваат по потреба, а најмалку еднаш во шест месеци.

Централниот одбор го води претседавачот на партијата.

Претседавачот ги свикува седниците и раководи со нив. Претседавачот го подготвува дневниот ред за седниците, се грижи за благовремено известување на членовите на централниот одбор за прашањата кои се на дневен ред, како и за подготвување на записникот и одлуките кои произлегуваат како заклучок од работата на  централниот одбор.

За секоја седница на централниот одбор се изготвува дневен ред кој во писмена или електронска форма се доставува до членовите на одборот најмалку две недели пред седница на централниот одбор. За текот на седницата и донесените одлуки се води записник.

Седница на централниот одбор, освен на барање на претседавачот, може да се свика и во случај кога тоа ќе го побараат најмалку 1/3 од вкупниот број членови на централниот одбор или претседателството.

Член 32

Централниот одбор може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членовите.

Централниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Централниот одбор одлучува по точките од дневниот ред со јавно гласање, а на предлог на 1/3 од присутните членови на одборот, гласањето може да биде и тајно ако предлогот биде усвоен со мнозинство гласови од присутните.

Член 33

Централниот одбор донесува одлуки, решенија, заклучоци, насоки, ставови, упатства и други акти заради реализација на своите цели и задачи утврдени со овој статут.

Претседателство

Член 34

Претседателството е политичко – извршен орган на партијата.

Претседателството е составено од 13 членови кои ги избира централниот одбор, на предлог на советот на иницијаторите. 

Мандатот на членовите на претседателството е четири години, со можност за повторен избор. 

Член 35

Претседателството:

-утврдува предлози на акти кои ги донесува централниот одбор;

-ги спроведува актите кои ги донел централниот одбор;

-ги следи актуелните општествено-политички и економски случувања, расправа во врска со нив, зазема став по истите и во врска со тоа предлага иницијативи и мерки до централниот одбор;  

-се грижи за организационата мрежа на партијата и презема мерки за унапредување на истата;

-донесува одлука за исклучување и одговорност на партиските членови;

-донесува одлуки за основање и распуштање на општинските и задграничните комитети;

-се грижи за материјално-финансиското работење на партијата;

-основа и укинува помошни органи, тела, комисии, одбори  и работни групи за потребите на партиските активности;

-дава предлози до централниот одбор за преземање одредени мерки и активности;

-одлучува за тековни активности од значење и интерес за партијата;

-врши и други работи и задачи кои се во функција на извршување на партиските ставови, одлуки и заклучоци.

Член 36

Со претседателството раководи претседавач.

Претседателството избира четири заменици – претседавачи. 

Претседавачот ја претставува и застапува Родина.

Претседавачот се избира од редот на членовите на претседателството.

Претседавачот има мандат од две години, а се избира со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на претседателството, со право на повторен избор. 

Мандатот на претседавачот му престанува ако му изгласаат недоверба мнозинство од вкупниот број на членови на претседателството. 

Претседавачот ги свикува седниците на претседателството. Седниците се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш во текот на две недели.

Седница може да се свика и на барање на најмалку 1/3 од вкупниот број на членови на претседателството.

Претседавачот го составува дневниот ред на седниците, а за текот на седниците се води записник.

Член 37

Претседателството може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членовите.

Одлуките се донесени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број на членовите на претседателството.

Гласањето е јавно.

Член 38

Претседателството донесува предлози, мислења, ставови, заклучоци, упатства, одлуки, решенија и други акти преку кои ја остварува својата дејност.

Совет на иницијатори

Член 39

Советот на иницијатори е орган на партијата кој има советодавна, надзорна и иницијативна функција, чија основна функција е зачувување на изворните принципи на програмските определби заради кои е основана партијата.

Советот на иницијатори ги следи активностите во партијата, односно на нејзините органи, тела, работни групи и општинските и задгранични одбори како и на лицата кои се избрани за вршење на јавни функции (пратеници, членови на Владата, директори и сл.).

Советот на иницијатори може до соодветните органи и тела на партијата да иницира постапки; да укажува на одредени настани и случувања кои се од значење за остварување на основните партиски принципи; да дава совети и насоки за разрешување на одредни внатрепартиски проблеми; да зазема ставови по одредени прашања; да дава предлози за членови на претседателството и другите органи тела како и за други прашања од интерес на партијата.

Член 40

Советот на иницијаторите е составен од лицата – иницијатори за основање на Родина.

Советот на иницијатори има претседавач кој се избира со мнозинство на гласови од вкупниот број на неговите членови, за време од две години, со можност за повторен избор.

Советот на иницијатори може да работи на формални и неформални седници. Седниците се свикуваат по потреба.

Советот на иницијатори може да се обновува со членови од редовите на Родина кои дале значаен придонес во развојот на партијата.

Нов член на советот на основачи се станува со мнозинство од 2/3  гласови од вкупниот број на членовите на советот на основачи.

Советот на основачи ги предлага членовите на претседателството со мнозинство гласови од вкупниот број.

Генералниот секретаријат

Член 41

За вршење на оперативни, кадровски и помошно-технички работи за потребите на партијата се формира стручна служба, односно генерален секретаријат.

Лицата кои ги вршат активностите од ставот 1 на овој член се ангажираат врз доброволен принцип. За вршење на одредени работи и задачи може да се  заснова и работен однос, во согласност со закон кој ги уредува работните односи.

Член 42

Во рамките на генералниот секретаријатот или самостојно може да се формира еден или повеќе партиски истражувачко – аналитички центри.

Целите, задачите и начинот на работата на истражувачко – аналитички центар, односно центри се уредува со актот за нивното основање. 

Актот за основање на истражувачко – аналитичките центри го донесува претседателството.

Финансирањето на центрите од ставот 1 на овој член се врши на начин утврден со закон.  

Член 43

Со генералниот секретаријатот раководи генералниот секретар на Родина.

Генералниот секретар се грижи за организирање на службата, за навремено извршување на доверените работи и задачи, за унапредување на работата на службата, за иницирање на одредени прашања пред соодветните партиски органи и тела и сл.

Генералниот секретар за својата работа е одговорен пред претседателството.

Основни помошни органи и  тела

Член 44

За вршење на стручни, нормативно-правни, аналитички, советодавни и други работи и активности во одделни подрачја на општественото живеење се формираат одбори, комисии и други помошни органи и тела. 

Како постојани партиски тела се формираат надзорниот одбор и кадровската комисија.

Член 45

Надзорниот одбор:

-врши надзор во делот на материјално-финансиското работење на партијата и на поединците (одговорните лица) и изготвува извештаи еднаш месечно кои ги доставува до претседателството и централниот одбор;

-предлага решенија во делот на финансиската активност на партијата;

-доставува извештај за својата работа до претседателството и централниот одбор.

Член 46

Кадровската комисија:

-ја следи активноста и работата на членовите и воспоставува систем на вредности за избор на членови за комисиите, државни и општински функции, пратеници во Собранието и членови на други работни тела;

-утврдува одговорност и вина на партиските членови, која понатаму ја разгледува и по неа одлучува претседателството;

-утврдува предлог за одговорност и вина на членови вршители на јавни фукнции, кој понатаму го разгледува и по него одлучува претседателството;

-утврдува предлог за исклучување од членство, кој го разгледува и по него одлучува претседателството.

Претседавачот како и другите членови на кадровската комисија можат да ги вршат своите работи и активности и надвор од седиштето на партијата, а особено зарди непосреден увид и контрола во работењето на избраните/именуваните лица во сите органи и тела на партијата како и  на државни или општествени функции.

Член 47

Во актот за основање на одборите, комисиите и другите помошни органи и тела се утврдуваат бројот, надлежноста, раководењето, мандатот и начинот на одлучувањето.

Во органите и телата од ставот 1 на овој член може да членуваат и експерти, стручни и копетентни лица  кои не мора да бидат членови на партијата.

Општинско организирање

Член 48

Своите партиско – програмски активности Родина ги остварува на целата територија на државата, преку организирање на општински ограноци.

Општински ограноци на Родина се организираат во општини каде што бројот изнесува најмалу седум членови.

Член 49

Основен орган на општинските ограноци се општинските одбори.

Заради пофункционално организирање на општиските ограноци може да се формираат и месни одбори.

Член 50

Општинските одбори претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските цели на партијата на територијата на една општина.

Општинските одбори:

-утврдуваат насоки за работа и делување на одборот на општинско рамниште;

-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од општински интерес;

-иницираат предлози до партиските органи и тела кои се од интерес за општината како и интерес на партијата во целина;

-избираат секретар на општинскиот одбор;

-одлучуваат за основање на месни одбори;

-предлагаат кандидати за градоначалници, советници во советите на општините и за пратеници во Собранието на државата;

-донесуваат деловник за работа;

-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 51

Општинските одбори се составени од девет членови.

Секој општински одбор има претседавач на одборот. Претседавачот на општинскиот одбор го претставува и застапува одборот, свикува и раководи со седниците на одборот и врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на одборот или органите на партијата.

Седница на општинскиот одбор може да се свика по барање на 1/3  од вкупниот број на членови на општинскиот одбор.

Претседавачот се избира од редот на членовите на општинскиот одбор.

Претседавачот има мандат од две години, избран со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на општинскиот одбор.

Со мнозинство на гласови на седница на општинскиот одбор може да се прекине мандатот на претседавачот и да се избере друг претседавач на општинскиот одбор.

Член 52

Мандатот на членовите на општинскиот одбор е четири години, со право на повторен избор. 

Член 53

Општинските одбори работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш месечно. 

Одлучувањето по точките од дневниот ред се врши со јавно гласање. Одлуката се смета за донесена ако за неа гласале повеќе од половината од вкупниот број на членови на општинскиот одбор.

Член 54

Составот на месните одбори, надлежностите, начинот на работа и одлучувањето и мандатот на членовите на одборот се уредува со одлука на општинскиот одбор.

Член 55

Општинските одбори можат да формираат и други органи и тела заради остварување на својата дејност.

Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите, составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.

Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со одредбите на овој статут.

Задгранично организирање

Член 56

Своите партиско – програмски активности Родина ги остварува и надвор од територија на Републиката, преку организирање на задгранични ограноци.

Задграничните ограноци на Родина се организираат во места каде што бројот изнесува најмалу девет членови.

Член 57

Основен орган на задграничните ограноци се задграничните комитети.

Член 58

Задграничните комитети претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските цели на партијата на територијата каде живеат делови на македонскиот народ.

Задграничните комитети:

-утврдуваат насоки за работа и делување на одборот;

-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од заеднички интерес;

-иницираат предлози до партиските органи и тела кои се од интерес за македонската заедница како и интерес на партијата во целина;

-избираат секретар на задграничниот одбор;

-донесуваат деловник за работа;

-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 59

Задграничните комитети се составени од најмалку пет членови.

Секој задграничен комитет има претседавач на одборот. Претседавачот на задграничниот комитет го претставува и застапува комитетот, свикува и раководи со седниците на одборот и врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на одборот или органите на партијата.

Седница на задграничниот комитет може да се свика по барање на 1/3  од вкупниот број на членови на општинскиот одбор.

Претседавачот се избира од редот на членовите на задграничниот комитет.

Претседавачот има мандат од две години, избран со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на задграничниот комитет.

Со мнозинство на гласови на седница на задграничниот комитет може да се прекине мандатот на претседавачот и да се избере друг претседавач на комитетот.

Член 60

Мандатот на членовите на задграничниот комитет е четири години, со право на повторен избор. 

Член 61

Задграничните комитети работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш месечно.

  Одлучувањето по точките од дневниот ред се врши со јавно гласање. Одлуката се смета за донесена ако за неа гласале повеќе од половината од вкупниот број на членови на задграничниот комитет.

Член 62

Задграничните комитети можат да формираат и други органи и тела заради остварување на својата дејност.

Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите, составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.

Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со одредбите на овој статут.

VI СРЕДСТВА НА ПАРТИЈАТА, НАЧИН НА СТЕКНУВАЊЕ И РАСПОЛАГАЊЕ

Член 63

Партијата ги стекнува средствата за работа од следниве извори:

-партиска членарина;

-донаторства и прилози од правни или физички лица;

-Буџетот на државата и

-од други извори предвидени со закон.

Член 64

За стекнатите средства од ставот 1 од овој член, за начинот на располагање со тие средства како и за целокупното материјално-финансиско работење на партијата, претседателството донесува посебен акт.

VII ПРЕСТАНОК НА РОДИНА И РАСПОЛАГАЊЕ СО ИМОТОТ ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА

 Член 65

Партијата престанува да постои и во случаите утврдени со закон кој се однесува на политичките партии (врз основа на правосилно решение за бришење од судскиот регистар; врз основа на забрана за дејствување или кога е намален потребниот број на членови, во случаи кога Уставниот суд ќе утврди дека програмата и статутот не се во согласност со Уставот на Републиката како и во други случаи утврдени со закон). 

 Член 66

Со одлуката за престанок од членот 65 на овој статут, се утврдуваат и субјектите на кои ќе премине имотот на партијата.

Субјекти од ставот 1 на овој член можат да бидат хуманитарни организации, здруженија на граѓани, фондации и сл.

VIII ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ  НА СТАТУТОТ И АКТИТЕ НА ПАРТИЈАТА

Член 67

Измените и дополнувањата на статутот се вршат на седница на собранието.

Иницијатива за изменување и дополнување на статутот на Родина може да поведат органите на партијата, органите и телата и општинските одбори. 

Иницијатива за промена на статутот може да поднесе и поединец – член на партијата, со доставување на образложен предлог за изменување и дополнување на статутот до претседателството.

Овластените иницијатори од ставовите 2 и и 3 на овој член иницијативата за изменување и дополнување на статутот ја поднесуваат во писмена форма. Писмениот предлог се разгледува во органите и телата на партијата, а предлогот го утврдува централниот одбор кој го става на гласање на седница на собранието. 

Член 68

Изменувањето и дополнувањето на другите акти на партијата се вршат на начин како за нивно донесување.

IX ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 69

Толкување на одредбите на статутот врши централниот одбор.

Толкување на другите акти на партијата даваат органите кои се овластени за нивното донесување.

Член 70

Овој статут влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се применува со уписот на Родина во судскиот регистар на политички партии.