Колумна: Коста Јовчевски – Корчагин, Претседавач на Советот за Родина
„Кога цветаа тиквите“. Прекрасна книга од српски автор. Она што не чини е тоа што цветовите откај соседите се развија и дадоа плодови на македонско тло. Така, Маричиќ ни држи предавања дека СДС врз АСНОМ – ските принципи ги заштитил македонскиот јазик и идентитет. Бидејќи многу работи му се непознати, ќе треба очигледно да му се појасни.
Точно е дека постојниот Устав на Република Македонија, во Преамбулата се повикува на духот и традицијата на АСНОМ, што е во ред и поради тоа треба да бидеме горди на нашето минато. Меѓутоа, читајќи што пишува во актуелниот Устав, ни од далеку не може да се насети духот и традицијата кои произлегуваат од АСНОМ – ските одлуки и решенија, па произлегува дека вметнувањето на АСНОМ во Преамбулата претставува само декор.
Претходно, треба да се укаже на неколку други пршања кои се поврзани или се однесуваат на тврдењето на Маричиќ. Од една страна, во новиот Устав, во неговата Преамбула, се зборува за правните одлуки донесени на Првото заседание на АСНОМ, а од друга, во продолжеток на Преамбулата, се споменува Охридскиот рамковен договор. Ваква противречност во еден сериозен документ како што е устав на една држава, не смее да постои. Треба да биде јасно дека актите донесени на АСНОМ – ското заседание немаат ама баш ништо заедничко со октроираниот Охридски рамковен договор. Најпрво затоа што одлуките на АСНОМ се резултат на изборена слобода против фашистичките окупаторски сили и е израз на вољата на македонскиот народ, а Охридскиот договор е резултат на наметната воља на странски интервенционистички сили по пат на употреба на терористички дејствија против македонскиот народ и македонската држава, преземени од страна на едно воено организирано малцинство. Со оглед на тоа што Преамбулата се повикува на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, да ги споредиме решенијата кои ги содржи овој Проглас и решенијата кои ги нуди актуелниот Устав, само во делот кој се однесува на споредбата со Прогласот. Притоа, треба да забележиме, дека останува нејасно зашто во Уставот се инсистира токму на Прогласот, а не на пример на Манифестот, каде што, се повикува на обединување на сите делови на македонскиот народ. Веројатно, ова е и причината за „помекиот“ акт – Прогласот.
Без оглед на претходното, на Маричиќ ќе треба да му се појасни поширокиот АСНОМ – ски концепт и да се направи споредба со решенијата од споменатиот октроиран Устав, за да може да го почувствува амбиентот во кој ние Македонците треба да се бориме за сопствените идентитетски права во сопствената земја, Татковина, држава. треба да се потсетиме на некои основни ставови кои се соопштени во Прогласот.
Најосновно нешто кое не му е јасно на Маричиќ кога веќе го споменува Уставот е и АСНОМ, односно неговите документи е тоа што Прогласот се однесува на Македонскиот народ, како народ кој е суверен на својата територија на која гради своја нова (не прва!) држава. И, сите делови од Прогласот се однесуваат само на Македонскиот народ и никаде не се споменува изразот „нација“, што јасно укажува на тоа дека токму Македонецот е предмет на обраќање, па нема потреба никој, вклучително ни СДС, да се бори за реализација на тие права, кога се тие одамна загарантирани.
Би било корисно и практично за возгордеаните и самобендисани СДС – овци да знаат што Прогласот зборува за македонските предавници (за Ванчо Михајлов, на пример) и за бугарските фашистички окупатори, како и за потребата од нивно протерување од Македонија. Можам само да замислам каков би бил одговорот на составувачите на Прогласот кога би ја чуле идејата за Бугарите како администратори во војната и за неопходноста од нивно внесување во Уставот. Денешниве политичари, особено оние од владеачката Партија и нивните сослужители, би требало да го имаат предвид не помалку визионерскиот заклучок во Прогласот дека „Фашистичките окупатори и нивните слуги се пред пропаст, ама ги превземаат сите мерки како би го одложиле своето пропаѓање. Они изнајдуваат нови трикови, како би го задржале македонскиот народ мирно да го поднесува фашистичкиот јарем“. Прекрасен совршен опис за актуелните политичари и нивната услужно – профитерска мисија на полтронирање и коленичење на и пред светскиот глобален фашистички систем! Барем да ја сфатат пораката од Прогласот пред да мафтаат во јавноста со вградување на АСНОМ – ските принципи и нивна (соодветна) имплементација. Визионерската опомена за нив нема значење заради нивната возгордеаност, па не сфаќаат дека историјата е пророк свртен нанзад! А, казната доаѓа.
Прогласот се обраќа и до македонските родољуби и родољупки, па повикува дека е „Краен час за секој еден Македонец е да го отфрли секое колебање и да тргне во последен бој за слобода на нашиот вековно поробен народ.“ Опомената овде се однесува до заспаниот дел од Македонскиот народ и делот кому комфорот и комоцијата им се побитни од татковината и борбата за нејзино зачувување.
И, она што е карактеристично за Прогласот е тоа што на ниту едно место не ги споменува националните малцинства како колективитети. Прогласот е исклучиво наменет за Македонскиот народ, а овде еден немакедонец претставен во ликот на некојси Маричиќ, дели историски лекции на Македонците, толкувајќи историски документи кои се однесуваат на Македонците во нивната држава, а за кои толкувања тој нема ниту морално ниту историско право, што секако ќе му биде отежителна околност.
Оттука, не гледам како новиот Устав на Република „Северна“ Македонија го гради својот континуитет на АСНОМ – ските документи, односно на споменатиот Проглас и на правните документи кои тој ги набројува и како тоа СДС, според Маричиќ, соодветно ги заштитил македонскиот јазик и идентитет? Заправо, станува збор за обратното, за замена на тезите, за извртување на вистинската состојба, за перфидна намера.
Најпрво, повеќе не станува збор за онаа држава за која зборува Прогласот, за Народна Република Македонија, туку станува збор за самоволно, непроцедурално, неправно и приватно менување на основниот национален белег – името на државата и народот, во Република „Северна“ Македонија (народот дури и нема име), за омаловажување на неговиот идентитет сведен до непостоење (доказ? Па, трите коси црти во личните документи што значат?), а на списокот на омаловажените е и јазикот како најбитен белег на тој идентитет.
Впрочем, да не постоеше преамбулата на Уставот, немаше да знаеме дека во оваа „Северна“ творба воопшто живеат и Македонци, а тоа е во директна спротивност со Прогласот и набројаните документи и на идентитетските постулати воспоставени во Прогласот.
Ако со Уставот (поточно, почнувајќи од неговата претходна варијанта) е воведен непознатиот во меѓународни правни рамки термин за национални малцинства – заедници (тука е нејасно дали под овој поим се подведуваат и Македонците?), како тоа се одразува на Македонскиот етнос? Дали со тоа се подобрува статусот на историското мнозинство или се намалува неговата непобитна предност, сведувајќи ја на колективитет израмнет со оние кои воопшто не претставуваат меѓународен народносен субјект? Притоа, како споредба, Прогласот воопшто не зборува за националните малцинства, а камоли за заедници, па е повторно нејасно како СДС ги имплементира своите АСНОМ – ските придобивки?
Каков дух и традиција од Прогласот наоѓаме во сегашниот Устав, кога нему му се скоро без исклучок присутни и познати само граѓаните како еден аморфен и недефиниран поим, за разлика од Прогласот кој, пак, без исклучок зборува и му се обраќа на Македонскиот народ, со свој јазик и иднтитет, поради што е и изделен како посебен, Македонски народ!
Со правното (уставното) вметнување на „заедниците“ како клин во македонското ткиво, Уставот не само што им даде неограничени права на малцинските групи да бидат надредени во историската македонска земја, туку, како пример, законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, а кои природно треба во македонска држава да се однесуваат на Македонците (значи, за идентитетските обележја!), за нив Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република „Северна“ Македонија! Со други зборови, ние како Македонци можеме да се простиме од нашите идентитетски симболи, културни, историски и слични народносни карактеристики, доколку малцинските претставници сметаат дека не треба да бидат донесени. Па е нормално да се запрашаме каде се Македонците, македонскиот народ од Прогласот? Ова е подобрување на идентитетскиот и јазичниот квалитет или негово целосно намалување?
Дека Уставот со своите одредби, токму поради отсуството на АСНОМ – ските принципи, произведува крајно штетни последици и излегува од секоја можна споредба со прокламираните идеи во Прогласот, гледаме и по практичните последици: промени на лични карти во кои нема веќе Македонци, бришење на идентитетските обележја, напад врз секој организационен облик кој има предзнак на патриотски, македонски или национален облик, а камоли да се зборува за соодветна вграденост на историските документи во денешните релевантни акти.
И така, се поставува прашањето зашто имало потреба во овој Устав, односно во неговата преамбула да се споменуваат некои историски институции и акти, кога тие воопшто не кореспондираат со актуелниот општествен и политички амбиент? Ако е во прашање совеста некако и ќе ги разбирам иако сметам дека оваа политичка гарнитура е далеку од свеста за постоење на совест. Некако сама се наметнува завршницата на текстот, а која е упатена до СДС и неговите експоненти: не чепкајте по Македонија со предавнички раце! Нека не ги манипулираат Македонците типови од рангот на разни минорни маричиќи. Нека не ја замаглуваат историската придобивка на АСНОМ – ските придобивки, зашто ако тие се активираат, судовите ќе имаат преполни раце со разни маричиќи.
А, на оние другите кои се сметаат за опозиција само пред избори, да им се појасни и конечно да им се раздени следново: не постојат четири „златни“, „свети“… букви, туку нека пребројат колку букви ги содржи зборот „Македонија“ и ќе дознаат колку навистина се и златни и свети!
Придружете се на телеграм каналот на Родина Македонија Телеграм Родина
Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!