ИДЕОЛОГИЈА

РОДИНА е народна партија издигнатa врз културните и традиционални вредности на македонскиот народ, водена од природните принципи и праведни закони, каде сите сме еднакви и сите сме дел од една целина, дел од нашиот РОД и како такви сите треба да му служиме заедно, а најдобрите да бидат први на тој ред. Тоа е должност и обврска на секој Македонец.
Милениумски слоеви од култура, традиција и цивилизација преточени се во нас Македонците како дел од нашето битие, знаење и начин на живот. Тоа е мудроста, разумот и силата кои ни овозможиле да опстоиме низ илјадалетијата како еден од ретките народи. Тие вредности ја прават и денес Република Македонија место каде сите имаат право на достоинствен живот и сопствен развој. Тоа е основа за праведна, стабилна и просперитетна Македонија.
Децениското немање национална стратегија за зачувување и јакнење на македонизмот во секој еден од нас, не доведува во ситуација да одродените идеологии и стратешки добро припремени системи од надвор ја нагризуваат суштината на нашето општество и начин на живот. Тие идеологии ги негираат природните закони и човековиот создател. Нападите на традиционалните вредности и семејството, манипулацијата со децата, жените, девалвирање на чесниот труд, чесниот човек, се спротивни на македонските идеали.
Сето тоа доведува до духовна и морална деградација, изнемоштеност и беда на нашиот народ, која беда се користи за обезличување на македонското име, народ и неговата суштина.
Денес сме донесени пред судот на историјата во кој сме исправени пред неправдата и перфидното насилство, за да докажеме пред себе си дека сме на страната на доброто, традицијата, народното и изворното во нас, за да постоиме како Македонци. Доброто е нашиот сојузник и вечен заштитник и тоа ни дава сила да опстоиме како народ кој ја носи светлината во своите гени и во својата свест.

Време е да им се вратиме на нашите изворни вредности: семејството, породот, родот, народот,природата. Да им се вратиме на традицијата, духовноста и моралот.
РОДИНА верува во способноста и волјата на македонскиот народ да ги земе работите во свои раце за да ја врати државата на изворните принципи и вредности на македонскиот народ. Родина значи да се сака својот народ како прв и единствен услов за зачувување на Македонија и македонските идеали. Затоа РОДИНА се залага и верува во принципот на меритократија, служење на народот и служба на најдобрите во име на народот.

РОДИНА е токму тоа, ДА СЛУЖИ НА НАРОДОТ, А НАЈДОБРИТЕ СЛУЖАТ
ПРВИ ВО ТОЈ ПРАВЕДЕН ПОРЕДОК!