Пишува: Коста Јовчевски – Корчагин, член на Претседателството на Родина Македонија
Пред неколку денови ја слушнавме изјавата на д-р Весна Јаневска, министер за
образование и наука во актуелната Влада. Во својата изјава пред новинарите таа наброја
поголем број на проблеми со кои се соочува целокупниот систем на образование во
Република Македонија. Навистина, посочените проблеми се присутни и се суштински, а
сите тие заедно резултираат не само со колапс на образовниот систем, туку со негово
целосно уништување. Состојбата во образовниот систем таа ја оцени со „кец“. До тука, таа
беше сосем во право: кец за образованието!
Но, една работа е да се констатира нешто или некаква состојба, а друга работа е да
се влезе во суштината на причините за тоа. Изгледа дека секоја влада во Републикава,
составена ту од едната ту од другата политичка опција, почнува со констатации, но со
единствена цел претходникот да се оцрни и да се создаде привид дека сегашните, штом
веќе констатирале слабости, ќе тргнат да ги разрешуваат за разлика од претходните. Но,
не. Досегашната политичка пракса во Република Македонија не учи дека се што е кажано
и констатирано не значи нужно дека ќе биде и реализирано. Впрочем, да не заборавиме
дека вината за состојбите во образованието не е само во антимакедонската партија СДС,
туку подеднакво паѓа на товар на совеста и на ВМРО ДП(М)НЕ, зашто во досегашниот
разградувачки процес на образованието учествуваа и тие во некои изминати времиња
кога беа на власт, кога со носење на закони и други подзаконски акти директно влијаеа на
се она што денес резултира со ваква катастрофална состојба.
Не навлегувајќи овде во поединечно анализирање на состојбите во образовниот
процес, сепак неминливо ќе треба да се допре и вториот сегмент од општественото
живеење, а кој го покрива (или, би требало да го покрива) Министерството за образование
и наука, а тоа е науката. Министерот во својата изјава не го ни допре ова прашање, а него
не го допираа ниту претходните министри во оваа област. Науката, научноистражувачката
дејност во Република Македонија е целосно уништена. Овој процес трае веќе со децении, а
особено откако во 2000-тата година беше укинато Министерството за наука (со Законот за
органите на државната управа, донесен токму од страна на ВМРО ДП(М)НЕ!). Потоа,
следеа години и децении во кои никој не водеше сметка што се случува во оваа дејност, со
минимални финансиски одвојувања за функционирање на дејноста и со глупава
подвоеност на институтите на јавни и на единици (?) во состав на мамутската творба
наречена Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. За науката никој не се грижеше, па таа
постана навистина буџетски товар. Ниту државата има(ше) план и цели за искористување
на истражувачките резултати ниту, пак, истражувачките организации знаеја зошто
воопшто постојат, што работат и што треба да работат. И, кому треба да му ги испорачаат
своите услуги. Од нив никој ништо не бара и ништо не очекува, а вработените
(истражувачите) немаат никаква одговорност ниту отчет пред кого било за
(не)направеното. Едноставно, во најголем број од институтите денес не се ни оди на
работа! И, тоа во вистинска смисла на зборот. Со денови и со недели, па и со месеци некои
истражувачи се толку комотни во својата веќе стекната позиција која, се чини, им
прирасна за срце, и денес тешко дека некој би ги натерал на нормален, вообичаен работен
ден. Бидејќи никој ништо ниту бара ниту очекува од нив, слободното време го посветуваат
на барањето за поголеми плати. А, толку може и мора да се направи со оваа дејност за
развој на државата.
Затоа, „кецот“ кој го спомна министерот за образование и наука се однесува како за
состојбите во сите степени на образованието така и во делот на науката. Сега останува да
видиме што ќе се направи понатаму. Зашто, одговорноста се зголемува кога веќе нешто
сте контатирале, сте утврдиле, а не сте направиле ништо за менување на воочените
состојби.