Врз основа на членот 38, а во врска со членот 35 став 1 алинеја 6 од Статутот на Родина Македонија, Претседателството на Партијата, на седницата одржана на 26.8.2020 година, донесе
У П А Т С Т В О за основање на општински одбори
Член 1
Со ова упатство се регулира начинот и постапката за основање на општински одбори на политичката партија Родина Македонија. Начинот и постапката за основање на одборите од ставот 1 на ова упатство се засновани и се во согласност со одредбите од Статутот на Родина Македонија.
Член 2
Општински одбор се основа во општина или населено место кадешто има потребен број на членови на Родина Македонија. Бројот на потребни членови за основање на општински одбор изнесува девет или повеќе членови.
Член 3
Во оние општини или населени места кадешто постои заинтересираност за основање на општински одбори, но бројот на членовите во моментот на основање е под девет лица, општинскиот одбор може да отпочне со работа со права и обврски утврдени во Статутот и ќе има функција на иницијален орган (општински одбор во основање). Иницијалниот одбор, односно општинскиот одбор во основање од ставот 1 на овој член избира претседавач од своите редови на начин предвиден во Статутот на Родина Македонија. Иницијалниот орган, односно општинскиот одбор во основање од ставот 1 на овој член ќе се стекне со статус на општински одбор кога ќе ги исполни условите во делот на потребниот број на членови.
Член 4
Организирањето, односно начинот и постапката за основање на месни одбори како и други работи во врска со нивното функционирање, е во надлежност на општинските одбори. Општинскиот одбор има обврска да го извести Претседателството на Родина Македонија за основање на месен одбор како и за членовите од кои е составен новооснованиот месен одбор.
Член 5
Постапката за основање на општински одбор отпочнува со воспоставување на комуникација и првични облици на соработка со заинтересираните лица. Со воспоставувањето на комуникацијата и соработката од ставот 1 на овој член, Кадровската комисија на Родина Македонија врши непосреден увид во лицата/членството и поднесува извештај од увидот до Претседателството, со соодветна препорака. Врз основа на извештајот од ставот 2 на овој член, Претседателството донесува одлука за формирање на општински одбор или за одбивање на препораката од страна на Кадровската комисија. За основан ќе се смета само оној општински одбор кој ги исполнил условите за негово формирање во смисла на овој член од упатството. Не може да се повикува на својство општински одбор на Родина Македонија и да настапува во нејзино име оној организационен одблик кој е формиран независно од утврдената постапка за негово основање. Членовите на општинскиот одбор потпишуваат изјава. Изјавата, односно образецот на изјавата ја пропишува Претседателството.
Член 6
Во случај кога има две или повеќе групи заинтересирани за основање на оптштински одбор, за официјален одбор ќе се смета оној кој добил позитивна препорака од Кадровската комисија и има потврда, односно одлука за основање од страна на Претседателството.
Член 7
Општинските одбори се должни во спроведувањето на своите активности да се придржуваат кон основните идеололишки ставови и принципи на Родина Македонија и кон начелните мислења, предлози, забелешки и укажувања од страна на органите и телата на Партијата. Задолжително е користењето на симболите на Родина Македонија на подрачјето на секој општински одбор. Општинскиот одбор може истовремено да истакнува и симболи карактеристични за тој општински одбор, но тие симболи не можат да содржат битно различни симболи од оние кои произлегуваат од идеолошката ориентација на Родина Македонија, ниту да содржат недолични или непристојни обележја. Во случаите од ставот 2 на овој член, Претседателството може да донесе одлука за забрана за употреба на таквите општински симболи.
Член 8
На задграничните комитети се применува на соодветен начин истата постапка за основање како за основање на општинските комитети.
Член 9
Општински одбор кој ќе отвори канцеларија заради вршење на партиски активности е должен таа канцеларија уредно да ја одржува, да ги истакне симболите на Родина Македонија и да ја користи исклучиво за намената за која е отворена канцеларијата. Канцеларијата која ќе ја отвори општински одбор не може да се користи за непартиски активности, да се точи алкохол, да се создава неред, галама или на било кој друг начин да се нарушува јавниот ред и мир или да се вознемирува непосредното соседство. Трошоците за канцеларијата се на товар на општинскиот одбор, а Родина Македонија може да помогне со финансиски средства доколку има можности за тоа. За секоја канцеларија треба да се склучи договор за закуп. Плаќањето на трошоците мора да се врши исклучиво преку сметката на Партијата.
Член 10
Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување.