СТАТУТ

Врз основа на членовите 14 и 16 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004 и 5/2007, 8/2007, 7/2008, 23/2013), Собранието на политичката партија Родина Македонија, одржано на 20.5.2023 година, го донесе следниов

С Т А Т У Т
НА РОДИНА МАКЕДОНИЈА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој статут поблиску се уредуваат името и скратеното име на политичката партија Родина Македонија; седиштето на партијата; политичките цели на дејствување; остварувањето на јавноста во работењето; начинот на дејствувањето; зачленувањето и престанувањето на членството во партијата и правата, обврските и одговорностите на членовите; застапувањето и престанувањето на партијата; органите на партијата, изборот и отповикувањето на органите, мандатот и начинот на одлучувањето; стекнувањето и располагањето со средствата; имотот на партијата и постапување во случај на престанок на партијата; знамето, симболот и амблемот како и други прашања од значење за функционирање на партијата.

Член 2

Име и скратено име
Името на политичката партија е Родина Македонија (во натамошниот текст: Родина).
Скратеното име на партијата е РОДИНА, испишано со големи букви.

Член 3

Статус и седиште
Родина има својство на правно лице.
Седиштето на Родина е во Скопје, на ул. „27 Март“ број 10 влез 1 стан 2, Скопје.

Член 4

Ознаки и симболи
Родина има знаме и грб.
Знамето има правоаголна форма, на црвено – жолта вертикално поставена основа. Црвеното поле ја означува почетната буква на партијата, „Р“. Во полукругот на буквата „Р“ се наоѓа исцртано стилизирано жолто сонце, а под него е испишано името на партијата со големи букви „РОДИНА“.
Грбот има форма на штит, на црвено – жолта вертикално поставена основа. Црвеното поле ја означува почетната буква на партијата, „Р“. Во полукругот на буквата „Р“ се наоѓа исцртано стилизирано жолто сонце. Под штитот, во полукружна форма е испишано името на партијата, со големи букви „РОДИНА“.
Родина има печат кој е во кружна форма и штембил во правоаголна форма.

Член 5

Основна идеолошка ориентација
Родина е народна партија издигнатa врз културните и традиционалните вредности на македонскиот народ, водена од природните принципи и праведни закони, каде сите сме еднакви и сите сме дел од една целина, дел од нашиот род и како такви треба да му служиме заедно, а најдобрите да бидат први во тој ред. Тоа е должност и обврска на секој Македонец. Милениумски слоеви од култура, традиција и цивилизација преточени се во нас Македонците како дел од нашето битие, знаење и начин на живот. Тоа е мудроста, разумот и силата кои ни овозможиле да опстоиме низ илјадалетијата како еден од ретките народи. Тие вредности ја прават и денес нашата држава место каде сите имаат право на достоинствен живот и сопствен развој. Тоа е основа за праведна, стабилна и просперитетна Македонија.

Член 6

Родина во остварување на својата основна идеолошка ориентација може да соработува со домашни и странски политички партии, организации и здруженија, да стапува во коалиции и да истапува од нив и да членува во соодветни странски организации.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И НАЧИНИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА ДЕЈНОСТА

Член 7

1.Цели
Лицата се здружуваат во Родина заради остварување на поширок заеднички интерес, а особено за остварување на следниве политички и партиски цели и задачи:
-да го развиваат чувството на родољубие и чувството на припадност кон македонскиот народ;
-да ги застапуваат и промовираат културните, духовните и традиционалните вредности на македонскиот народ;
-да градат општествено-политички услови за воспоставување модел на политичко-административно управување, базиран на изворна македонска доктрина и еманципирање на македонскиот народ и држава која во секој момент ќе одговори на странските штетни дејствија и влијанијата врз целокупниот вредносен систем на нацијата и државата;
-да ја промовираат националната, културната, историската, цивилизациската и духовната посебност и потенцијал на македонскиот народ;
-да овозможат активно вклучување на дијаспората во севкупниот живот на Републиката;
-да развиваат соработка со деловите на македонскиот народ во соседните држави;
-да ги развиваат граѓанските, социјалните, културните и економските слободи и права на народот;
-да се ангажираат во барање на системски модели за интегрирање на Македонците, со акцент на младите во севкупните текови во државата како форма за спречување на нивното масовно иселување од државата;
– стимулирање и создавање услови за населување на Македонци и сродни народи на територијата на Републиката;
-да градат нови справедливи и конкурентни економски модели на одржлив развој;
-да ги активираат, правилно да ги ползуваат и насочуваат сите човечки, природни, минерални, енергетски, транспортни, инфраструктурни и геостратешки потенцијали за да функционираат во корист на македонскиот народ, за возобнувавање на свеста за припадност кон македонската нација и градење наопштество на благосостојба;
-семејството да биде основна, структурна и функционална единка на општеството;
-да го постават семејството како заедница на традиционалниот, културниот, воспитниот и духовниот живот;
-да се создаваат услови за воспитување на децата и младите во духот на вековните традиционални вредности;
– да се неутрализираат до целосно затворање на разни странски и домашни здруженија кои промовираат активности во духот на странски несвојствени однесувања и појави кои се спротивни на секаков морален, етички, традиционален и културен лик кај Македонците;
-да создадат можости и посигурни услови за развој и водење бизнис во државата и да промовираaт создавање извозен потенцијал на производи и услуги од светски квалитет;
-да градат систем на бесплатно образование и здравство;
-да обезбедат развој на образованието, науката и технолошкиот развој како столбови за нова и светски конкурентна информатичка и технолошка извозна база;
-да обезбедат сеопфатна и трајна заштита на животната средина;
-да го поттикнуваат земјоделието и сточарството и да градат ефикасни и стимулативни мерки за нивниот равој;
-за ГМО-слободна држава. Да се забрани производство, увоз или транзит на ГМО продукти и технологија на територијата на државата;
-да го поттикнуваат и популаризираат спортот;
-да го поттикнуваат и развиваат туризмот и привлекувањето на поголем број на туристи;
-да градат односи со соседите врз принцип на достоинство, вистинитост и рамноправност како и врз принципот на реципроцитет;
-да ги развиваат односите со земјите од истокот, преку соработка и членство во Евро-азиските организации како што се ЕАЕС, ШОС, Патот на свилата и други меѓудржавни организации кога тоа е во интерес на државата;
-да градат односи со државите од Европа, САД и другите региони во светот, врз принцип на меѓусебно почитување и признавање на нашето национално име и идентитетот на македонскиот народ;
-да градат блиски односи со словенските земји и Русија, врз основа на припадноста на заедничката словенска култура и цивилизација;
-да работат на градење соработка и со други држави и народи ширум светот, особено со оние кои не имаат признаено под нашето национално име.

Член 8

За остварување на целите од членот 7 од овој статут се изготвува програма за работа на партијата.
Програмата од ставот 1 на овој член ја донесува собранието на партијата.

2.Начела на работа

Член 9

Јавност
Работата на Родина е јавна.
Јавноста во работата на органите и телата на Родина се остварува преку:
-учество на членовите на Родина во работата на органите и телата на партијата;
-издавање на сопствени гласила и периодични публикации поврзани со работата на партијата;
-организирање на други медиуми кои се во функција на промовирање на работата на партијата;
-организирање на конференции за печат и издавање на соопштенија за јавноста;
-учество на разни собири, тркалезни маси, дебати како и преку настапи во средствата за јавно информирање;
-поднесување на извештаи за работа на паријата, односно нејзините органи и тела;
-известување на јавноста за партиските ставови за настани и случувања преку интернет страната на партијата;
-комуникација со јавноста преку социјалните мрежи и преку други соодветни начини на комуницирање.
Јавноста во работата може да биде ограничена само во случаи кога се расправа за внатрепартиски работи, проблеми или заземање на партиски ставови за постапување.

Законитост и статутарност

Член 10

Своите политички цели, задачи и акти Родина ги заснова и остварува во согласност со устав и закон.
Партиско-политичката активност на Родина се остварува во согласност со одредбите на овој статут.

Член 11

Солидарност
Родина покажува грижа за своите членови и ќе работи на давање на помош и поддршка во рамките на своите можности.
Поддршката и помошта од ставот 1 на овој член се уредува со посебна одлука.

3.Начини на делување

Член 12

Членовите на Родина во остварувањето на дејноста на партијата дејствуваат единствено, со почитување на утврдените цели и задачи заради нивна промоција.
Утврдените цели и задачи се обединувачки елемент за партиска активност.

Член 13

Остварувањето на целите и задачите на Родина ќе се одвива по пат на делување кое подразбира:
-презентација/промоција на утврдените партиски цели;
-иницирање на решенија за решавање на одделни (политички, економски, социјални, културни и сл.) проблеми;
-покренување на иницијативи за донесување на закони и други акти од сите области на општественото живеење;
-присуство во јавноста заради презентирање на партиските ставови и мислења;
-вршење на политичко влијание преку сопствени средства за комуникација;
-учество во власта и
-други начини на делување кои се во функција на реализација на основните партиски принципи, цели и задачи.

Член 14

Родина има право и должност да се огради од индивидуалното однесување и дејствување на одделни нејзини членови кои се спротивни на партиската програма и статутот или кои не се овластени од партиските органи за одредено однесување или дејствување.

Член 15

За официјален став на партијата ќе се смета само оној кој е усвоен и објавен од собранието, централниот одбор, претседателството или од овластено лице.

 

III. ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО

Член 16

Зачленување
Членувањето во Родина е доброволно.
Член на Родина може да биде секој полнолетен државјанин кој е деловно способен и кој ја прифаќа програмата и статутот на партијата.
Секој член има право активно да придонесува кон исполнување на целите на партијата.
Зачленувањето, по правило, се врши со пополнување на пристапница за членство во партијата на утврден образец, во писмен или во електронски облик.
Поблиско уредување на прашањата за зачленувањето, вклучувајќи го и исклучувањето од партијата, се уредува со посебен акт.
Партијата за своите членови води евиденција во посебен регистар за членство и тој се ажурира како редовна и постојана активност. Начинот на водење на регистарот се уредува со посебен акт.

Член 17

Престанок на членувањето
Членувањето во Родина престанува:
a) со смрт на членот или со трајно губење на неговата деловна способност;
б) по барање на членот или
в) со исклучување од партијата.

Член 18

Престанокот на членството во Родина по барање на членот може да биде со давање изјава за доброволен престанок на членувањето, за што членот пополнува истапница или доколку членот станал член на друга политичка партија и со тоа се брише од евиденцијата, односно регистарот на членови на Родина.

Исклучувањето на член од Родина настанува во случаи на дејствување кое е спротивно на основачките документи или другите акти на партијата. За исклучување на член одлучува претседателството со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Секој член на телата на Родина може да покрене прашање за нечие членство во партијата ако има основано сомневање за намерите или вредностите на одреден член или за неговото делување во името на партијата во процедура утврдена од партијата.

IV. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Член 19

Права на членовите
Секој член на Родина ги има следниве права:
– да учествува во работата на партијата;
– да придонесува во создавањето и спроведувањето на политиките на
партијата;
– да бира и да биде биран во партиските органи или на друг начин да
учествува во работните тела;
– да биде кандидат или да кандидира други лица за партиските изборни
листи и други јавни функции;
– да поднесе оставка на должноста т.е. функцијата на која е избран или
именуван;
– да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
–да поставува прашања до партиските органи и избраните или именуваните функционери;
– да обезбедува и ужива партиска солидарност;
– да биде информиран за активностите на пaртијата и др.

Член 20

Обврски на членовите
Секој член на Родина ги има следниве обврски:
– редовно да плаќа членарина;
– да соработува и делува на коректен начин со другите членови;
-да работи на развивање и унапредување на активностите кои произлегуваат од статутот, програмата и од другите одлуки и заклучоци кои се донесени од партиските органи и тела;
-да ги спроведува одредбите од документите и актите на партијата, а своето политичко делување да го усогласи со статутот и програмата;
– да ги спроведува одлуките на партиските органи;
– да ги застапува интересите и ставовите на партијата и во своите јавни
настапи да ја следи основната идеолошка идеја;
-активно да учествува во органите во кои е избран или именуван;
-да работи на единство на партијата;
– при вршењето функција во и надвор од партијата својот личен интерес
да не го става пред македонските нацонални и општите партиски интереси.

V. ОРГАНИ НА РОДИНА

Член 21

Органи на Родина се:
-собрание;
-централен одбор;
-претседателство;
-совет за Родина;
-генерален секретаријат;
-општински одбори;
-задгранични одбори.
Во Родина може да се формираат и други помошни органи, тела, работни групи и сл., во согласност со потребите на партијата. Видот и надлежностите на овие помошни органи, тела, работни групи и сл., се утврдуваат со посебни акти на партијата.

Собрание

Член 22

Собранието е највисок орган на Родина.
Собранието:
-ги донесува и менува статутот и програмата на партијата;
-ги избира членовите на претседателството на партијата;
-разгледува прашања од општ интерес за партијата;
-ги утврдува основните насоки и ставови за делување на органите и на партијата во целина;
-усвојува извештаи за работа на органите и телата на партијата;
-донесува деловник за работа и
-врши и други работи од интерес и значење за партијата.

Член 23

Собранието е составено од следниве лица:
-претседавачот и генералниот секретар на партијата;
-членовите на претседателството;
-пратениците во Собранието на Републиката, министрите во Владата на Републиката како и високи државни функционери од редот на Родина;
-градоначалниците на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје од редот на Родина;
-претседавачите на општинските одбори;
-еден претставник од општинските одбори;
претседавачите на партиските органи и тела;
-членовите на советот за Родина;
-претседавачите на задграничните одбори.

Член 24

Собранието работи на седници.
Седниците на собранието можат да бидат редовни и вонредни.
Редовните седници, по правило, се одржуваат на четири години.
Вонредните седници се одржуваат по потреба.

Член 25

За остварување на својата надлежност, собранието донесува одлуки, мислења, ставови, заклучоци, препораки и други акти.

Член 26

Со седниците на Собранието раководи претседавачот на партијата.
Собранието може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови.
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
Менување на статутот, целите и задачите и основните принципи на партијата се врши со 2/3 мнозинство од присутните членови.
За секоја седница на собранието се изготвува дневен ред кој во писмена или електронска форма се доставува до делегатите, најмалку четири недели пред одржување на собранието. За текот на седницата и донесените одлуки се води записник.
Седниците на собранието, по правило, ги свикува централниот одбор или претседателството.
Вонредна седница на собранието може да се свика во случај кога тоа ќе го побараат најмалку 1/3 членови на партијата, 1/2 од членовите на централниот одбор или 1/2 од членовите на претседателството.
Вонредното собрание може да одлучува само по точките кои се предмет на вонредна седница на собранието.
Верификација на мандатот на делегатите го утврдува кадровската комисија на партијата.

Член 27

Собранието одлучува по точките од дневниот ред со јавно гласање.
По предлог на член, односно членови на собранието гласањето по одделни точки може да биде и тајно доколку предлогот го поддржале повеќе од половината членови од присутните.
Собранието донесува деловник за работа.

Централен одбор

Член 28

Централниот одбор е највисок политички и раководен орган на Родина помеѓу две собранија.

Член 29

Централниот одбор:
-раководи со партијата меѓу две собранија;
-се грижи за спроведување на одлуките на собранието и на другите органи и тела на партијата;
-дава политички оценки и креира партиски ставови по разни прашања од општествено-политичките, економските и другите случувања;
-утврдува кандидат за Претседател на Републиката, кандидати за пратеници, кандидати за градоначалници и членови на советите на општините и Град Скопје;
-утврдува предлог на статут или за изменување и дополнување на статутот, врз основа на иницијативи од претседателството, основните помошни органи и тела, општинските одбори, советот за Родина и/или поединци – членови на партијата ;
-донесува одлуки за внатрепартиски избори;
-ја следи работата на носителите на јавните функции од редот на Родина;
-донесува финансиски документи во врска со работењето на партијата;
-формира комисии, работни тела и други органи од значење за работата на Одборот;
-донесува одлука за коалицирање или прекин на коалицирањето, на предлог на претседателството;
-донесува акти за реализирање на својата активност;
-врши и други работи од значење за работата на партијата.

Член 30

Централниот одбор е составен од:
-претседавачот и генералниот секретар на партијата;
-членовите на советот за Родина;
-членовите на претседателството;
-претседавачите на општинските одбори;

Член 31

Централниот одбор работи на седници.
Седниците се одржуваат по потреба.
Централниот одбор го води претседавачот на партијата.
Претседавачот ги свикува седниците и раководи со нив. Претседавачот го подготвува дневниот ред за седниците, се грижи за благовремено известување на членовите на централниот одбор за прашањата кои се на дневен ред, како и за подготвување на записникот и одлуките кои произлегуваат како заклучок од работата на централниот одбор.
За секоја седница на централниот одбор се изготвува дневен ред кој во писмена или електронска форма се доставува до членовите на одборот најмалку две недели пред седница на централниот одбор. За текот на седницата и донесените одлуки се води записник.
Седница на централниот одбор, освен на барање на претседавачот, може да се свика и во случај кога тоа ќе го побараат најмалку 1/3 од вкупниот број членови на централниот одбор или претседателството.

Член 32

Централниот одбор може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членовите.
Централниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
По предлог на член, односно членови на Одборот гласањето по одделни точки може да биде и тајно доколку предлогот го поддржале повеќе од половината членови од присутните.

Член 33

Централниот одбор донесува одлуки, решенија, заклучоци, насоки, ставови, упатства и други акти заради реализација на своите цели и задачи утврдени со овој статут.

Претседателство

Член 34

Претседателството е политичко – извршен орган на партијата.
Претседателството е составено од седум членови кои ги избира собранието, на предлог на советот за Родина.
По исклучок, претседателството, во периодот помеѓу две собранија, може со мнозинство гласови од вкупниот број членови да изврши промена и назначување на нови членови на претседателството, но најмногу до 1/3 од вкупниот број. Новите членови се избираат врз основа на предлог на Советот за Родина. Мандатот на новоизбраните членови завршува со истекот на мандатот на членовите на претседателството.
Промената, односно назначување на член на претседателството во смисла на ставот 3 од овој член може да се врши само во случаите од членот 37 алинеи 1, 3, 4 и 5 од овој статут.
Мандатот на членовите на претседателството е четири години, со можност за повторен избор.

Член 35

Претседателството:
-утврдува предлози на акти кои ги донесува централниот одбор;
-ги спроведува актите кои ги донеле собранието или централниот одбор;
-ги следи актуелните општествено-политички и економски случувања, расправа во врска со нив, зазема став по истите и во врска со тоа предлага иницијативи и мерки до централниот одбор, а по потреба и до собранието;
-се грижи за организационата мрежа на партијата и презема мерки за унапредување на истата;
-на предлог на претседавачот на претседателството избира генерален секретар на партијата;
-донесува одлука за исклучување и одговорност на партиските членови;
-донесува одлуки за основање и распуштање на општинските одбори и задграничните комитети;
-донесува одлуки за промена на претседавачи и одговорни лица во општинските одбори;
-се грижи за материјално-финансиското работење на партијата;
-определува лице задолжено за материјално – финансиско работење на партијата;
-одлучува за набавка на движни и недвижни ствари за потребите на партијата;
-основа и укинува помошни органи, тела, комисии, одбори и работни групи за потребите на партиските активности;
-дава предлози до собранието и централниот одбор за преземање одредени мерки и активности;
-одлучува за тековни активности од значење и интерес за партијата;
-врши и други работи и задачи кои се во функција на извршување на партиските ставови, одлуки и заклучоци.

Член 36

Со претседателството раководи претседавач.
Претседателството избира заменик – претседавач.
Претседавачот ја претставува и застапува Родина.
Претседавачот и заменикот – претседавач се избираат од редот на членовите на претседателството.
Претседавачот и заменикот – претседавач имаат мандат од две години, а се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на претседателството, со право на повторен избор.
Мандатот на претседавачот или заменикот – претседавач престанува ако им се изгласа недоверба со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на претседателството.
Претседавачот ги свикува седниците на претседателството. Седниците се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш неделно.
Седница може да се свика и на барање на најмалку 1/3 од вкупниот број на членови на претседателството.
Претседавачот го составува дневниот ред на седниците, а за текот на седниците се води записник.
Во отсуство или спреченост на претседавачот, неговите работи и задачи ги врши заменикот – претседавач, се додека трае отсутноста, односно спреченоста на претседавачот.

Член 37

На член на претседателството му престанува мандатот во следниве случаи:
-на барање на членот;
-со истек на мандатот за кој е избран;
-доколку е подолготрајно отсутен или спречен да учествува во работата на претседателството;
-доколку му е изречена дисциплинска мерка заради која нема да биде во можност да учествува во работата на претседателството;
-доколку неоправдано отсуствува на три последователни седници, односно пет седници во текот на една година и
-во други случаи утврдени со статутот или закон.

Член 38

Претседателството може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членовите.
Одлуките се донесени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број на членовите на претседателството.
Гласањето е јавно.

Член 39

Претседателството донесува предлози, мислења, ставови, заклучоци, упатства, одлуки, решенија и други акти преку кои ја остварува својата дејност.

Совет за Родина

Член 40

Советот за Родина е орган на партијата кој има советодавна, надзорна и иницијативна функција, чија основна функција е зачувување на изворните принципи на програмските определби заради кои е основана партијата.
Советот за Родина ги следи активностите во партијата, односно на нејзините органи, тела, работни групи и општинските и задгранични одбори како и на лицата кои се избрани за вршење на јавни функции (пратеници, членови на Владата, градоначалници,членови на советите на општините,директори и сл.).
Советот за Родина до соодветните органи и тела на партијата може:
-да иницира постапки по разни прашања од интерес за партијата;
-да укажува на одредени настани и случувања кои се од значење за остварување на основните партиски принципи и да покренува прашања пред соодветните органи и тела на партијата, со барање да се донесе заклучок во врска со прашањето;
-да дава совети и насоки за разрешување на одредни внатрепартиски проблеми;
-да зазема ставови по одредени прашања;
-да дава предлози за членови на претседателството.

Член 41

Член на советот за Родина може да биде лице кое:
-учествувало во првичните активности на создавање, профилирање и дефинирање на идеолошката ориентација, програмата и целите врз кои се темели партиско – политичката активност на Родина Македонија, пред нејзиното формално основање;
-е веќе докажано во својата партиско – политичка активност и кое покажало континуитет и доследност кон основните програмски цели;
-во ниту еден момент не оставило сомнеж за неговите искрени и чесни намери во врска со делувањето на Родина Македонија;
-давало во континуитет значајни резултати во реализација на програмските цели;
-е континуирано присутно на работните состаноци и активности на Родина Македонија и
-е посветено на основните идеолошки и програмски цели на Родина Македонија.
За прием на нови членови во советот за Родина одлучува советот со 2/3 мнозинство од вкупниот број на членови.

Член 42

Советот за Родина има претседавач кој се избира со мнозинство на гласови од вкупниот број на неговите членови, за време од две години, со можност за повторен избор.
Советот за Родина може да работи на формални и неформални седници. Седниците се свикуваат по потреба.

Член 43

Мандатот на членовите на советот за Родина не е однапред утврден.
На член на советот за Родина му престанува мандатот во следниве случаи:
-на барање на членот;
-доколку е подолготрајно отсутен или спречен да учествува во работата на советот;
-доколку му е изречена дисциплинска мерка која го прави несоодветен за членување во Советот;
-доколку неоправдано отсуствува подолг период од работењето на Советот;
-доколку од неоправдани причини застапува погледи, мислења и ставови во јавноста кои не се во согласност со ставовите на партијата;
-доколку континуирано не се придржува или намерно се дистанцира од програмските определби на партијата и
-во други случаи утврдени со статутот или закон.
Подолготрајното отсуство или спреченост, неоправданоста на отсуствата и застапувањето на спротивни погледи, мислења и ставови во јавноста или дистанцирањето од програмските определби на партијата, го утврдува советот за Родина, врз основа на што одлучува за донесување на соодветни мерки.
Против член на советот за Родина може да биде поведена дисциплинска постапка, независно од преземањето на мерки во смисла на ставот 2 на овој член.
За отповикување на член на советот одлучува Советот со 2/3 мнозинство од вкупниот број на членови.

Генералниот секретаријат

Член 44

За вршење на оперативни, кадровски и помошно-технички работи за потребите на партијата се формира стручна служба, односно генерален секретаријат.
Лицата кои ги вршат активностите од ставот 1 на овој член се ангажираат врз доброволен принцип. За вршење на одредени работи и задачи може да се заснова и работен однос, во согласност со закон кој ги уредува работните односи.

Член 45

Во рамките на генералниот секретаријат или самостојно може да се формираат еден или повеќе партиски истражувачко – аналитички центри.
Целите, задачите и начинот на работата на истражувачко – аналитички центар, односно центри се уредува со актот за нивното основање.
Актот за основање на истражувачко – аналитичките центри го донесува претседателството.
Финансирањето на центрите од ставот 1 на овој член се врши на начин утврден со закон.

Член 46

Со генералниот секретаријат раководи генералниот секретар на Родина.
Мандатот на генералниот секретар е две години.

Генералниот секретар се грижи за организирање на службата, за навремено извршување на доверените работи и задачи, за унапредување на работата на службата, за иницирање на одредени прашања пред соодветните партиски органи и тела и сл.
Генералниот секретар за својата работа е одговорен пред претседателството.

Основни помошни органи и тела

Член 47

За вршење на стручни, нормативно-правни, аналитички, советодавни и други работи и активности во одделни подрачја на општественото живеење се формираат одбори, комисии и други помошни органи и тела.
Како постојани партиски тела се формираат надзорниот одбор и кадровската комисија.

Член 48

Надзорниот одбор:
-врши надзор во делот на материјално-финансиското работење на партијата и на поединците (одговорните лица) и изготвува извештаи еднаш месечно кои ги доставува до претседателството и централниот одбор;
-предлага решенија во делот на финансиската активност на партијата;
-доставува извештај за својата работа до претседателството и централниот одбор.

Член 49

Кадровската комисија:
-ја следи активноста и работата на членовите и воспоставува систем на вредности за избор на членови за комисиите, државни и општински функции, пратеници во Собранието и членови на други работни тела;
-утврдува одговорност и вина на партиските членови, која понатаму ја разгледува и по неа одлучува претседателството;
-утврдува предлог за одговорност и вина на членови вршители на јавни фукнции, кој понатаму го разгледува и по него одлучува претседателството;
-утврдува предлог за исклучување од членство, кој го разгледува и по него одлучува претседателството.
Комисијата кога ги врши работите од ставовите 2, 3 и 4 од овој член постапува во својство на дисциплинска комисија.
Претседавачот како и другите членови на кадровската комисија можат да ги вршат своите работи и активности и надвор од седиштето на партијата, а особено зарди непосреден увид и контрола во работењето на избраните/именуваните лица во сите органи и тела на партијата како и на државни или општествени функции.

Член 50

Во актот за основање на одборите, комисиите и другите помошни органи и тела се утврдуваат бројот, надлежноста, раководењето, мандатот и начинот на одлучувањето.
Во органите и телата од ставот 1 на овој член може да членуваат и експерти, стручни и копетентни лица кои не мора да бидат членови на партијата.

Општинско организирање

Член 51

Своите партиско – програмски активности Родина ги остварува на целата територија на државата, преку организирање на општински ограноци.
Општински ограноци на Родина се организираат во општини каде што бројот изнесува најмалку тројца членови.

Член 52

Основен орган на општинските ограноци се општинските одбори.
Заради пофункционално организирање на општиските ограноци може да се формираат и месни одбори.

Член 53

Општинските одбори претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските цели на партијата на територијата на една општина.
Општинските одбори:
-избираат претседавач на општинскиот одбор;
-утврдуваат насоки за работа и делување на одборот на општинско рамниште;
-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од општински интерес;
-иницираат предлози до партиските органи и тела кои се од интерес за општината како и интерес на партијата во целина;
-одлучуваат за основање на месни одбори;
-предлагаат кандидати за градоначалници, советници во советите на општините и за пратеници во Собранието на државата;
-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 54

Општинските одбори се составени од најмалку тројца членови, а максималниот број го утврдува одборот со одлука.
Секој општински одбор има претседавач на одборот. Претседавачот на општинскиот одбор го претставува и застапува одборот, свикува и раководи со седниците на одборот и врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на одборот или органите на партијата.
Седница на општинскиот одбор може да се свика и по барање на 1/3 од вкупниот број на членови на општинскиот одбор.
Претседавачот се избира од редот на членовите на општинскиот одбор.
Претседавачот има мандат од две години, избран со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на општинскиот одбор.
Со мнозинство на гласови на седница на општинскиот одбор може да се прекине мандатот на претседавачот и да се избере друг претседавач на општинскиот одбор.
За работите во врска со кадровските промени општинскиот одбор го известува претседателството во рок од три дена од денот на настанатата промена.

Член 55

Мандатот на членовите на општинскиот одбор е четири години, со право на повторен избор.

Член 56

Општинските одбори работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш месечно.
Општинскиот одбор може да работи доколку се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови, а одлуките се донесени доколку гласале повеќе од половината од присутните членови.

Член 57
Составот на месните одбори, надлежностите, начинот на работа и одлучувањето и мандатот на членовите на одборот се уредува со одлука на општинскиот одбор.

Член 58

За подрачје на неколку општини и/или населени може да се формира регионален одбор.
Неколку општински одбори може да одлучат да се здружат во регионален одбор.
Составот на регионалниот одбор, надлежностите, начинот на работа и одлучувањето и мандатот на членовите на одборот се уредува со одлука на регионалниот одбор.

Член 59

За подрачјето на секоја изборна единица, за време на изборните активности, се назначува лице-координатор.
Лицето-координатор своите активности ќе ги врши според упатствата дадени од страна на централниот одбор и претседателството.

Член 60

Општинските одбори можат да формираат и други органи и тела заради остварување на својата дејност.
Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите, составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.
Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со одредбите на овој статут.

Задгранично организирање

Член 61

Своите партиско – програмски активности Родина ги остварува и надвор од територија на Републиката, преку организирање на задгранични ограноци.

Член 62

Основен орган на задграничните ограноци се задграничните одбори.

Член 63

Задграничните одбори претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските цели на партијата на територијата каде живеат делови на македонскиот народ.
Задграничните одбори:
-избираат претседавач на Одборот;
-утврдуваат насоки за работа и делување на Одборот;
-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од заеднички интерес;
-иницираат предлози до партиските органи и тела кои се од интерес за македонската заедница како и интерес на партијата во целина;
-донесуваат деловник за работа;
-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 64

Задграничните одбори се составени од најмалку тројца членови.
Секој задграничен одбор има претседавач на Одборот. Претседавачот на задграничниот одбор го претставува и застапува Одборот, свикува и раководи со седниците на Одборот и врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на Одборот или органите на партијата.
Седница на задграничниот одбор може да се свика и по барање на 1/3 од вкупниот број на членови на Одборот.
Претседавачот се избира од редот на членовите на задграничниот одбор.
Претседавачот има мандат од две години, а се избира со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на задграничниот одбор.
Со мнозинство на гласови на седница на задграничниот одбор може да се прекине мандатот на претседавачот и да се избере друг претседавач на Одборот.
За работите во врска со кадровските промени задграничниот одбор го известува претседателството во рок од три дена од денот на настанатата промена.

Член 65

Мандатот на членовите на задграничниот одбор е две години, со право на повторен избор.

Член 66

Задграничните одбори работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку еднаш месечно.
Задграничниот одбор може да работи доколку се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови, а одлуките се донесени доколку гласале повеќе од половината од присутните членови.

Член 67

Задграничните одбори можат да формираат и други органи и тела заради остварување на својата дејност.
Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите, составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.
Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со одредбите на овој статут.

VI СРЕДСТВА НА ПАРТИЈАТА, НАЧИН НА СТЕКНУВАЊЕ И РАСПОЛАГАЊЕ

Член 68

Партијата ги стекнува средствата за работа од следниве извори:
-партиска членарина;
-донаторства и прилози од правни или физички лица;
-Буџетот на државата и
-од други извори предвидени со закон.

Член 69

За стекнатите средства од ставот 1 од овој член, за начинот на располагање со тие средства како и за целокупното материјално-финансиско работење на партијата, претседателството донесува посебен акт.

VII ПРЕСТАНОК НА РОДИНА И РАСПОЛАГАЊЕ СО ИМОТОТ
ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА

Член 70

Партијата престанува да постои и во случаите утврдени со закон кој се однесува на политичките партии (врз основа на правосилно решение за бришење од судскиот регистар; врз основа на забрана за дејствување или кога е намален потребниот број на членови, во случаи кога Уставниот суд ќе утврди дека програмата и статутот не се во согласност со Уставот на Републиката како и во други случаи утврдени со закон).

Член 71

Со одлуката за престанок од членот 70 на овој статут, се утврдуваат и субјектите на кои ќе премине имотот на партијата.
Субјекти од ставот 1 на овој член можат да бидат хуманитарни организации, здруженија на граѓани, фондации и сл.

VIII ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ
НА СТАТУТОТ И АКТИТЕ НА ПАРТИЈАТА

Член 72

Измените и дополнувањата на статутот се вршат на седница на собранието.
Иницијатива за изменување и дополнување на статутот на Родина може да поведат претседателството, основните помошни органи и тела, општинските одбори, советот за Родина и/или поединци – членови на партијата.
Иницијатива за изменување и дополнување на статутот на Родина во писмена форма се доставува до централниот одбор заради утврдување на предлог.

Член 73

Изменувањето и дополнувањето на другите акти на партијата се вршат на начин како за нивно донесување.

IX ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 74

Активностите преземени пред влегување во сила на овој статут ќе завршат според одредбите од Статутот на Родина Македонија (бр. 01 – 4/1 од 18.3.2020 година).

Член 75

Со влегувањето во сила на овој статут, престанува мандатот на членовите на досегашниот Централен одбор.
Новиот Централен одбор ќе се конституира со членови според утврдената структура во овој статут.
Конституирањето на новиот Централен одбор ќе се изврши во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој статут.

Член 76

Избраните членови на Советот на иницијатори според одредбите од Статутот на Родина Македонија (бр. 01 – 4/1 од 18.3.2020 година) продолжуваат со работа како членови на советот за Родина.

Член 77

Новоизбраното претседателство ќе избере нов претседавач и заменик – претседавач на првата седница после одржаното Собрание на партијата.
На истата седница на претседателството ќе се избере и генерален секретар.

Член 78

Со влегување во сила на овој статут, престанува да важи Статутот на Родина Македонија (бр. 01 – 4/1 од 18.3.2020 година).

Член 79

Овој статут влегува во сила со денот на донесувањето.

 

ПРЕТСЕДАВАЧ

Зоран Јованчев