АПЕЛАЦИЈА ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА НА ГОРАН ШУМКОСКИ, БИВШ ПРЕТСЕДАВАЧ И ЧЛЕН НА ПОЛИТИЧКАТА ПАРТИЈА РОДИНА МАКЕДОНИЈА

Цели пет месеци му беа потребни на регистрациониот Суд да спроведе легитимна Одлука на Претседателството на Родина Македонија за промена на својот прв претседавач кој се сврте против своите сопартијци! За жал, предолго траеше оваа сага, од септември 2020, до февруари 2021 година! 

Конечно пристигна и долгоочекуваното Решение на АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ деновиве, иако била донесена уште во декември, 2020 година. Истата је пренесуваме во Прилог на овој текст. Како што може да се види од истата, Судот ја потврдува промената на Претседавачот на политиката партија Родина Македонија.

Во јавноста малата група одметници, кои позади грб на органите на партијата, со месеци планирале нејзино целосно редефинирање и преземање, ширеше дезинформации за некаква нивна масовност на Централниот одбор одржан во Прилеп на 11.Октомври 2020 година. Цитираме дел од Решението на АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ, за тој настан: „Во контекст на наведеното е и фактот што согласно чл. 32 ст.1 и 2 од Статутот на политичката партија Родина Македонија, Централниот одбор може да работи и да одлучува само доколку има мнозинство од вкупниот број на членови, кој изнесувал 28 во согласност со Одлуката за основање на Централниот одбор, а видно од приложените докази на седницата одржана на 11.10.2020 година присуствувале само 11 членови“.

Од 28 члена на Централниот одбор, присуствувале само 11! Сите други биле гости, а добар дел веројатно и измамени дека се делегати и дека може да одлучуваат. Бројката која тие ја претставуваа во јавноста беше дека присуствувале педесетина члена на Централниот Одбор!

Во сето ова што се случуваше последниве пет месеци постојат елементи на кривично дело, злоупотреба на печат и злоупотреба на функција. Едно од легитимните прашања, на пример, е „Како тие луѓе станале делегати, кога нема одлука на Претседателството за формирање на општински и задгранични одбори?“

Родина Македонија има разбирање за голем дел од присутните, претпоставуваме дека од јачината на кампањата и од конструкцијата на неколкумина и бившиот Претседавач Горан Шумкоски, за жал, многу наши членови биле доведени во заблуда. За вистинските РОДољуби Родина Македонија нема никогаш да ги затвори вратите. Христијански е да се проштева, доколку барањето прошка е искрено!

Најважното од сите овие случувања е дека Родина Македонија го одбрани колективниот начин на одлучување. Соборноста е клучниот принцип за зачувување на изворната македонска идеја и идеологија, принцип врз база на кој се крена и функционира Родина Македонија!

Веројатно Родина Македонија е една од ретките партии, каде злоупотребата на поединци, во нашиот случај дури и од страна на Претседавач на Претседателството, беше спречена. Статутот и органите на партијата го положија тестот.

Ни претстои реорганизација, ажурирање на членство и враќање на старите патеки на раст. Не се откажуваме од намерата да подигнеме МАКЕДОНСКА суверенистичка организација која ќе биде ставена во служба на нашиот народ и која ќе направи сѐ за раст и просперитет на Република Македонија.

РОДИНА Е ТУКА ДА МУ СЛУЖИ НА НАРОДОТ, А НАЈДОБРИТЕ СЛУЖАТ

ПРВИ ВО ПРАВЕДЕН ПОРЕДОК! 

ПРИЛОГ –  РЕШЕНИЕ од Седница на Апелациониот Суд одржана на 24.12.2020.

Жалбата на противникот Горан Шумкоски СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

РЕШЕНИЕТО на Основен граѓански суд Скопје РПП-14/20 од 06.11.2020 година, СЕ ПОТВРДУВА.

Пренесуваме дел од образложението на АПЕЛАЦИОНИОТ СУД, кој многу јасно ја образложува одлуката:

Седницата на Претседателството на политичката партија Родина Македонија одржана на 02.09.2020 година во Скопје била свикана согласно чл.31 од Статутот на политичката партија Родина Македонија.

На оваа седница согласно чл.35 од Статутот на политичката партија Родина Македонија, мнозинството од вкупниот број на членови на Претседателството му изгласале недоверба на Претседавачот Горан Шумкоски, сега противник и донеле Одлука бр.02-24/1 од 02.09.2020 година. Истовремено на наведената седница мнозинството од вкупниот број на членови на Претседателството избрале нов Претседавач на Претседателството, сега предлагачот Зоран Јованчев за што донеле Одлука заведена под број бр.02-25/1 од 02.09.2020.

Имајќи го во предвид наведеното, по оцена на овој суд правилно првостепениот суд утврдил дена на Седницата на Централниот одбор на политичката партија Родина Македонија, одржана на 11.10.2020 година, донесените Одлуки за промена на правен и финансиски застапник на политичката партија не се донесени од овластени лица согласно Статутот на политичката партија, од причина што Претседавачот на Претседателството на политичката партија Родина Македонија Горан Шумкоски на Седница на Претседателството одржана на 02.09.2020 му била изгласана недоверба, на истиот му престануваат правата и обврските како Претседавач на Претседателството на политичката партија Родина Македонија. За што била донесена Одлука заведена под бр.02-24/1 од 02.09.2020 година, а согласно чл.31 в.в. со чл.35 и 36 од Статутот на политичката партија Родина Македонија од 18.03.2020 година, што значи дека таквите Одлуки не се потпишани од овластено лице, односно од лицето кое е овластено да ја застапува и претставува политичката партија. Во контекст на наведеното е и фактот што согласно чл. 32ст.1 и 2 од Статутот на политичката партија Родина Македонија, Централниот одбор може да работи и да одлучува само доколку има мнозинство од вкупниот број на членови, кој изнесувал 28 во согласност со Одлуката за основање на Централниот одбор, а видно од приложените докази на седницата одржана на 11.10.2020 година присуствувале само 11 членови.

Согласно член 363 ст.1 од ЗПП, во образложението на пресудата, односно на решението, второстепениот суд ги цени жалбените наводи што се од решително значење и да ги означи причините што ги зел предвид по службена должност, па така овој суд ги ценеше и останатети жалбени наводи на противникот, меѓутоа за истите најде дека се ирелевантни и без влијание за поинакво одлучување и такците немаат влијание по правилноста и законитоста на самата одлука.

Апелационен суд Скопје, ГЖ-3344/20 од 24.12.2020 година.