Skip to content Skip to footer

Зошто Бојкот а не Гласање на Предстојните КвазиИзбори

Во случај на бојкот, не чека долга, мачна и исцрпна борба, но и надеж за подобра иднина. Борба за Македонија, борба за нас обичниот македонски народ.

Во случај на излегување на избори даваме легитимитет на ненародната власт, одродените и превземени институции и насила безправно донесените договори, измени на уставот, но и дозвола, согласност, за методите со кои тоа го сторија, во иднина повторно да го сторат на истиот начин. Со нашиот глас на избори организирани од оваа невласт, неинституции и група на окупатори на својот народ ќе биде прифатен од нас самите она што ќе следи, устоличување на уште еден нелегитимен претседател поради измама во изборните процедури. Во случај да се избере кандидат на т.н. власт, штетните политики секако ќе продолжат, со можност и голема веројатност да бидат засилени.

Дали може новиот претседател, можен патриот за какви што ги претставуваат дел од кандидатите, да го смени досегашниот тек на штетните политики на т.н. власт? Во случај на избор на ,,патриот“ постојат две можности. Првата е да добие пригоден поклон и ветување за втор мандат доколку продолжи со вазалската политика на досегашните политичко-предавнички елити. Втората можност, за нас посакувана, е да проба да ја опструира т.н. власт и да превзема чекори за неутрализирање на штетните договори. Но тука веднаш би се соочил со нелегитимното, предавничко, фашистичко, двотретинско мнозинство, тогаш веќе признаено со учество на изборите. Идниот можен претседател нема да има основа да ги оспори легитимитетот на џафери за претседател, легитимитетот на двотретинското мнозинство формирано со притисоци, уцени, закани, подмитување како и сите закони и договори донесени од нив. Претседателот би бил избран на избори распишани од нелегитимните власти и од нив поставени изборни структури, а со своето учеството во изборниот процес идниот претседател би ги признал оние кои ги спроведуваат изборите. Дури и да се обиде да ги исправи властите во своето владеење или да ги заобиколи нелегитимното собрание и т.н. влада, постои реална и многу веројатна можност од активирање на „дивото двотретинско мнозинство“ со кое можат да го оспорат или спречат во своите намери. Како крајна нелегалност, структурите на т.н. власт би пристапиле кон нелегитимни и нелегални правни мерки. Сите органи на државата, како и судството, се веќе под неуставна и нелегитимна контрола на овие т.н. власти.
Да се потсетиме на членот 87 од Уставот, кој вели: „Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот. “

Затоа сестри и браќа Македонци, само БОЈКОТ на овој разграден, наметнат, предавнички и корумпиран систем на владеење може да доведе до создавање услови за негов пад и услови за враќање на државата на своите изворни АСНОМ-ски принципи од страна на нови здрави патриотски неуценети и никому должни сили. Секоја друга варијанта е погубна за нас.