Колумна на Елизабета Чингарова Матевска
Молитва Богородице Дево, радувај се благодатна Марије, Господ е со тебе, Благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба, Зашто си го родила Спасителот на душите наши, Богородице Дево, радувај се благодатна, Зашто телесно во утробата го носеше Синот Божји, Радувај се оти го роди, Радувај се, оти мудреците му се поклонија, Радувај се, оти Христа по три дена си го пронашла во храмот, Радувај се, оти Христос воскресна од мртвите и се вознесе на небесата, Радувај се, оти ти самата на небесата си земна, Радувај се, оти тебе сите небесни жители ти се послушни, Радувај се, оти се` што сакаш можеш да направиш, Радувај се, оти блиску си до пресвета Троица, Радувај се, Благодатна Марије, Господ е со тебе!
Ако можеби најстариот мит во Македонија, е за преубавата обожувана божица, Божицата Ма, божица на убавината и цвеќињата, кој вели дека Богот Илл, богот на Сонцето, се заљубил во неа и од таа взаемна љубов се родил богот Македон. Обожувањето, култот кон Божицата Ма-јка продолжува во континуитет до ден денешен, документирано со бројни артефакти, од издлабени мегалитски форми со различни димензии од по неколку метри (Цоцев камен, Мал Сурун Прилепско и др) на оваа територија стари и 8000год пне, се‘ до фасцинантните теракотни скулптури на Големата Мајка Ма, пронајдени на неколку локалитети (Тумба Маџари, Церје кај Говрлево) од неолитскиот период, 6500-3500год пне. Каменото доба е период на изложеност на неизвесност, трагање по храна, страв. Мајката е таа која успева да го излекува стравот, таа укажува на женската мудрост и интуиција и го менува светот. Женски принцип! Наместо да трчаш по животните, припитоми ги, наместо да бараш растенија, одгледувај ги! Покрај снагата на мајчинството таа станува и главен оганизатор на животот, земно божевство.
Фигурите на Големата Мајка Богинка, преставуваат скулптурална целина жртвеник, со димензии од 25- 59 см, со непроценливо значење, симбол на нашите предци, кој останал да говори за едно време кога во Македонија цветал матријархатот. Таа е филозофски концепт каде Мајката се прикажува како извор на животот, заштитник на семејството, куќата. Мајката е ликот кој детето најпрво го гледа и собитисува во почетокот на животот, а таа нераскинлива врска во текот на човековата еволуција е база за централниот култ кон неа.
Идејата за ‘‘Големата Мајка‘‘ скулптурално е реализирана и претставена преку еден цилиндер со лик што излегува од еден правоаголен постамент, куќа, а истовремено со широко отворените раце го држи покривот, односно излегува од него. Наративниот изглед посебено е дефиниран со рацете кои се раширени и свиткани во лактите и со дланките лесно наслонети на покривот од објектот што ја означува долната половина на жртвеникот. Авторитетот е дел од оваа поставка, кој посочува ‘‘Јас сум домот, јас сум мајката господарка , јас знам се‘, јас се грижам за се‘‘!
Ликот понекогаш е шематизиран, очите се нагласени, со фризура актуелна за тоа време, мали гради, понекогаш таа се прикажува во време на гравидитет. Секако незаобиколна женственост нагласена со украси на рацете и окулу вратот, но и како симболи на авторитет, богатсто, доблест, одважност!
Мајката Божја Богородица
Богородица Марија, Дева Марија, Светата Мајка, Мадона, Блажена Марија, Мајка на Исус. Во православието и католицизмот таа е најпочитуваната светица, а во исламот е една од трите совршени жени. Мери Ен кај католиците, Мерјем Ана кај муслиманите, Мирјам кај евреите, Марија кај православните христијани.
За раниот живот на Марија има малку сознанија, родителите на Марија се викале Јоаким и Ана, припаѓале на лозата на цар Давид. Тие долго време немале деца, додека Бог не ги чул молитвите и им подарил ќерка. Според верувањата, Бог го одредил името на ќерката да се вика Марија (Љубена), да биде Богородица и дека Марија од првиот момент на нејзиното постоење била ослободена од нејзините гревови, бидејќи од Бог добила посебна милост. Во третата година од нејзиниот живот, нејзините родители ја одвеле во Ерусалимскиот храм, за да ја посветат на Бог. Таа останала да живее во храмот, каде била воспитувана се додека не навршила полнолетство.
Била ветена на дрводелецот Јосиф. Пред свадбата тие живееле одвоено, и во тоа време Бог го испратил Архангел Гаврил во Назарет кај Марија. Ангелот ја поздравил со зборовите: ‘‘Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените!‘‘ ‘‘И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сèвишниот.“ На ова, Марија му рекла на ангелот, ‘‘Како ќе биде тоа, кога не знам за маж‘‘, а ангелот одговорил, ‘‘Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сèвишниот ќе те осени, затоа Светото кое ќе биде родено од тебе, ќе се нарече Божји Син.‘‘ На ова Марија одговорила, ‘‘Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор.‘‘ Така, според верувањата, во тој момент Марија се зачнала со Исус………………..
По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрсение кај неговиот ученик и апостол Свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок и учесник на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.
Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус и порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка, ‘‘Жено, ете ти син‘‘! Потоа му рече на ученикот, ‘‘Ете ти мајка!‘‘ И од тој час ученикот ја зеде при себе. Истражувачите на оваа проблематика сметаат дека Исус и се обратил со, жено на место со мајко, за да ја заштити од непријателите кои се наоѓале наоколу, ако дознаат дека таа му е мајка.
За време на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица, така што и врз неа слегол Светиот Дух, при што и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Богородица живеела кај Свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги започнал своите големи прогони на христијаните, апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда евангелието. Јован со Богородица отишол во Ефес.
Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос и пратил вест дека се наближува часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега и кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. И предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на Свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде.
На 15-тиот ден во месецот, (28 август) во третиот час од денот Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикала, ‘‘Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови‘‘,по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение, ‘‘Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените.‘‘ Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето и светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.
По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот Светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.
Според други извори, но и археолошки испитувања и докази гробот на Мајката Божја се наоѓа во Ефес, Турција, место каде таа живеела со синот Јован, посочен од Исус, кој таму по наводение го ширел христијанството. Тоа е една мала камена куќа секогаш посетена од огромен број на верници и посетители.
Македонија и Македонците имаат развиено посебно чувство, култ кон ликот на Мајката Божја, Богородица. Посебно кон празникот, Упокојувањето, Успение на Мајката Божја, кој е еден од најголемите христијански празници и многу значаен во Македонија.
Евидентни се 235 цркви кои го носат нејзиното име на територијата на Р. Македонија. Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на пресвета Богородица, а секое петто семејство оваа Светителка ја празнува како домашна слава, заштитничка.
Во црковниот календар, има најмалку пет дена од годината што ѝ се посветени токму нејзе. Тоа е нејзиното Успение (Голема Богородица), нејзиното Рождество (Мала Богородица), Воведението во храмот (Пречиста), Покров на пресвета Богородица, Денот кога се слави нејзиното Заштитништво, Благовештение денот за веста за нејзиното зачнување (Благовец) и Собор на пресвета Богородица. Речиси и да нема населено место или град во Македонија во кој нема по еден храм посветен на мајката на Исус Христос.
Градот Скопје вековно го негува култот и обожувањето кон Богородица и таа е заштитничка на градот. Постои една мистерија поврзана со старо Скопје, која сѐ уште не е разгатната. Станува збор за сѐ уште не откриената местоположба на најголемиот и најзначаен средновековен верски храм, катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“. Изградена кон крајот на 11век и почетокот на 12 век. Од духовен аспект, црквата била исклучително значајна, била седиште на Патријаршијата, во неа биле крунисувани цареви, (Цар Душан 1346г) а големо било почитувањето на народот кон култот на Света Богородица Троерачица. Средновековните сведоштва зборуваат дека таа била ‘‘една од најубавите цркви во градот‘‘. Како посебен реликвит е Чудотворната икона „Св. Богородица Троерачица“ која била донесена од Ерусалим во Скопје околу 1230 година и била дарувана на катедралната црква што е посебно значаен податок. Името Троерачица го добила по иконата на која постои уште една, трета рака, додадена во долниот десен агол. Подоцна иконата била пренесена од Скопје во манастирот во Хилендар, и во тој манастир можела да се види во долг временски период. Црквата‘‘Света Богородица Троерачица ‘‘ во тоа издание постоела дури до 1688 год се до спалувањето на Скопје од страна на австрискиот генерал Пиколомини, а покасно по преданијата била целосно урната од страна на турската војска.
Како нејзина последователна значајна црква која ќе го носи името на Богородица некаде 1809-1835г год започнала изградбата на катедралната соборна црква ‘Света Богородица‘ и покрај забраната за изградба на цркви од османлиите, скопските великодостојници, ктитори, со итроштина успеале да издејствуваат градба на една оваква значајна црква под мистријата на Зографот Дамјан. Соборната црква “Света Богородица” била спалена и брутално ограбена од бугарските фашистички окупатори во 1944 година и, конечно, збришана од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Познати се преданија и приказни за илјадници скопјани на кои на сон им се појавувала светицата и им го покажала светиот храм. Приказни за необјаснивото и за чудното, но не и за невозможното. Приказни за исконскиот стремеж кон духовен мир и за патот до него распослан со мистерии и со преданија, итроштини и вонвременски случувања.
Денес црквата ‘Света Богородица ‘ е возобновена на истото место и е осветена во 2008год.
Празникот на смртта на Пресвета Богородица и нејзиното Успение на небото е еден од најрадосните празници на нашата Црква. Тој е победа на животот над смртта, на радоста над тагата, победа над вечните божји вредности, грижата, довербата, сплотеноста и убавината. Со нејзината чудесна помош и поткрепа, македонскиот народ успевал и се уште успева да ги преброди најголемите историски и животни предизвици, давајќи му нов дух и сила да истрае во верата и љубовта во Бога.
Големиот култ на светителката одамна е присутен кај нашиот народ, кај кого е позната како негова вечна заштитничка и покровителка. Нејзиниот светол лик отсекогаш бил верен сопатник во неговите вековни борби за слобода, за одбрана на верата и Татковината. Денеска, овој обнароден лик блеска на фреските во нашите преубави храмови, а нејзиното име во молитвите милозвучно ги гали срцата на сите верници.
Успението на Пресвета Богородица е сведоштво дека таа е жива и е меѓу нас, а нејзините чуда се доказ за тоа. Само треба да ги отвориме нашите срца и души за да ги примиме нејзините небески зраци. Како вистинска мајка-бдеец над секое нејзино македонско чедо, без разлика дали се наоѓа во Р. Македонија или надвор од неа, таа и денес влева надеж да продолжиме понатаму, и покрај сите препреки, со голема вера и ентузијазам да чекориме гордо и достоинствено на нашиот македонски пат.
Нека е вечен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица!
ДА ИСТРАЕМЕ И ДА НАДМИНЕМЕ СЕ‘ СО ПОМОШ НА НЕЈЗИНАТА ПРЕСВЕТА ЉУБОВ !
( Користени се материјали од повеќе автори.)
Бидете дел од политичката партија „Родина Македонија“