You are currently viewing СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Претседателството на политичката партија Родина Македонија има задоволство да ги извести нејзините членови и симпатизери како и целата јавност дека на ден 19.11.2020 година, пристигна Решението од надлежниот суд во Скопје, за конечно озаконување на разрешувањето на Горан Шумкоски од местото претседавач на Преседателството на Партијата и за потврдување на изборот на Зоран Јованчев за нов претседавач на Претседателството на Родина Македонија. Во споменатото Решение се прогласуваат за ништовни и донесените одлуки на нелигитимно свиканиот и одржан Централен одбор на Партијата.

Со донесувањето на ваквото Решение потврдена е исправноста на правната и праведната борба која ја водевме со цел зачувување на изворните идеолошки и програмски принципи врз кои е издигната Родина Македонија. Но, без оглед на задоволството кое е присутно заради исправноста од донесеното Решение, не може а да не почувствуваме и разочараност од приреденото сценарио од страна на група недобронамерни членови во Партијата предводени од Горан Шумкоски, чија крајна цел беше рушење на идејата и програмските цели кои ги промовиравме како и целосно гасење на Партијата и нејзината национална идеолошка платформа.

Исто така, со загриженост констатираме дека нејасната желба кај поединци и групи за постојано поткопување на националните стремежи на Македонците станува длабоко присутна во македонското општество. И наместо борбата да се води за македонските национално – идентитетски прашања, таа борба постојано се разводнува и дефокусира од невидливи подземни структури и слуги на нечии интереси. За жал, и Родина Македонија мораше да се соочи со тие мрачни сили, но за среќа излеговме и поединствени и позрели, без разлика на непријатноста на искуството.

Затоа, Претседателството на Родина Македонија ги повикува сите членови, симпатизери, лица кои се уште се двоумат или други заинтересирани или неопределени, да ја посетат канцеларијата на Родина Македонија и да се вклучат во заедничката борба за Македонија. Борбата треба да ја водиме ние самите, бидејќи друг, резервен народ – немаме!

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА РОДИНА МАКЕДОНИЈА