Пишува: Коста Јовчевски – Корчагин, член на Претседателството на Родина Македонија
„Единствена земја со која до сега не сме успеале да постигнеме спогодба е Русија.“ Така изјави претседателот на САД, Доналд Трамп. Во ненадејниот пресврт на ставот и мислењето во врска со специјалната воена операција во Украина, Трамп даде и некаков рок од 50 дена за постигнување на договор помеѓу Русија и Украина, инаку ќе било „многу лошо“ (?). Добро е што не даде рок од 40 дена зашто асоцијациите ќе беа симптоматични. Вакви зелено обоени изјави не би му прилегале ни на претседател на држава која го нема рангот на САД, а камоли на американски претседател. Или станува збор за некултивиран политичко – дипломатски играч или човеков не можел да додржи да не го каже она што стварно го мисли, што во основа ќе му дојде исто.
Што ни кажуваат овие две поврзани изјави? Прво, дека САД се уште сметаат на тоа дека се сопственици на светот и дека нивниот збор треба да е последен, а и извршен. Второ, на Американците им е чудно ако некоја држава (случајно е тоа сега Русија) не се согласува со желбите, намерите, потребите и толкувањата на САД, по одредено прашање. Трето, несериозните политички пресврти во ставовите за многу сериозни прашања како што е специјалната воена операција во Украина и во многу краток рок, укажува на се уште присутното американско сфаќање за каубојско решавање на светските проблеми (кои најчесто ги создаваат токму САД со неговите европски измеќари). Одредувањето на термините и сатнините укажуваат на пустата желба да наметнат привид како божем дека тие ја контролираат ситуацијата и доминираат над ситуацијата и над двете завојувани страни водејќи ги за рака како ученичиња. Неодмереноста на дадените изјави затскриено и тивко зборува за веќе осознаената немоќ на западните структури да се спротивстават на новите растечки сили (Русија, Кина,Индија, Бразил…), па, во меѓувреме, претаат колку другите да помислат (како во добрите стари времиња) дека тие стварно се сила и сега треба колективно сите да бидеме уплашени, за да нивната „демократија“ не не бомбардира. И, за крај, особено ведра и хумористична атмосфера предизвикува „разочараноста“ на Трамп што не може да се спогоди, односно договори баш само со Русија, иако толку пати досега низ историјата широкоградо, тие Американците, нуделе спогодби и договори со разни земји и држави, ама со Русите, ете, не им оди, не бива (заради Русите, секако). Впрочем, општо позната е американската подготвеност за спогодување и договарање и тоа врз принципот „милум или силум“, каде што она „силум“ е доминантниот дел од спомнатиот принцип. А, како се „договарале“ и „спогодувале“ најдобро е да се потпрашаат, на пример: Кореја, Иран, Гватемала, Либан, Индонезија, Куба, Виетнам, Доминиканска Република, Камбоџа, Лаос, Источен Тимор, Гренада, Либија, Никарагва, Панама, Ирак, Сомалија, Хаити, Југославија, Авганистан, Пакистан, Јемен, Сирија. Оние посреќните се „договарале“ и по неколку пати (Јемен, Иран, Авганистан, Ирак…). Или, според статистиката, САД од 1990 година покренале 251 воена интервенција во светот (т.н. „американски џихад“), веројатно со намера на дело да ја манифестираат својата подготвеност за „спогодување“ и „договарање“, со цел да им покажат и докажат на Русите за какви миротворци и човекољупци се работи. И, не ли е премногу индикативна американската „загриженост“ баш за Украина и тамошното крвопролевање, наспроти десетиците и десетиците држави кои заради сопствен ќеф ги уништија?
Сепак, не е лошо да се потсетат американските политичари и дипломати со еден многу битен факт кој треба да го имаат предвид и, во согласност со тоа сознание, да ги култивираат своите изјави кон Русија. Во 1864 година, рускиот цар Александар II ја спречил поделбата на САД помеѓу Канада и Мексико, изјавувајќи дека секое мешање во американските работи ќе се смета за објавување на војна против Русија, односно дека Русија „ќе стрела против првиот кој ќе стрела против Америка“. И, испратил поморска флота од двете страни на океаните, за да ја спаси Америка и успеал. Без спогодби, без договори или некакви рокови…што значи дека денешното постоење на САД е дело исклучиво на тогашна царска Русија.
…блазе си и на таа држава која си има претседатели кои „доделуваат“ медаљи бесејќи им ги на грб, кои бомбардираат заради доброто на бомбардираните или кои имаат ставови кои се менуваат по сопствено нејасно наоѓање. Такви „генијалци“ можат да бидат воспевани само уште од страна на нашата политичка елита и, евентуално, од Зеленски.