You are currently viewing И З В Е С Т У В А Њ Е

за неприсуството на Родина Македонија

на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори

Во врска со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори за парламентарните избори 2024 година, а кое се случи во Собранието на Република Македонија на ден 17.4.2024 година, политичката партија Родина Македонија ја известува јавноста дека не присуствуваше на чинот на потпишувањето на Кодексот. Постојат повеќе причини за неприсуство и непотпишување на овој Кодекс, а посебно би ги нагласиле следниве причини:

            1. Во услови кога владејачката политичка структура, подржана од опозициските партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија, изврши промени во Изборниот законик во самото предизборие, а со единствена цел да обезбедат стекнување на предност на претстојните парламентарни избори, сметаме дека уште на самиот почеток се доведува под сомневање чесноста на намерата за фер и демократски избори.

            Со ваквиот потег, изборната кампања на овие партии кои се опфатени со измените на Законикот е веќе одамна отпочната, односно уште со започнувањето на кампањата за претседателските избори и ќе трае во континуитет и за време на парламентарните избори. Овој временски период кои овие партии си го обезбедија преку измените во законската регулатива е неспоредливо подолг од временскиот период кој им останува на располагање на другите партии – учесници на парламентарните избори, па не може да стане збор за еднаков однос кон сите партии, туку, напротив, станува збор за фаворизирање на споменатите партии над останатите.

            2.Од друга страна, потврдувањето на кандидатските листи доцнеше десеттина денови, односно истите беа заглавени во лавиринтот на надлежните институции кои меѓусебно ја префрлаа одговорноста, но на крајот практичните последици ги сносат оние партии кои не се опфатени со споменатите законски измени.

            Имено, сите рекламни и пропагандни материјали кои се потребни за изборите се во сериозно доцнење, односно во временски теснец, заради споменатото неоправдано доцнење, што не е случај со привилегираните партии кои непречено можеа да работат на рекламните материјали, бидејќи не зависеа од бројот за избори и истиот можеа благовремено да го внесуваат во рекламно – пропагандните материјали.

            3.Исто така, доколку намерата на Кодексот е, меѓу другото, спречувањето и на говорот на омраза, треба да нагласиме дека во основа не е постигната таа цел. Употребата на придавката со суштинско значење „Северна“, претставува најглавниот пример за директно промовирање на навредлив однос и говор на омраза кон најголемиот дел на Македонците и на другите граѓани кои ја сметаат Македонија за своја татковина.

            4.И, на крај, медиумското претставување на партиите ни од далеку не го застапува принципот на фер и демократски избори, зашто огромниот дел на средствата за финансирање на овие изборните активности се слеваат во партиите кои се застапени во Собранието, додека сосем мал дел треба да се распореди на повеќе вонсобраниски партии кои треба да добијат ситен дел од средствата и со кои средства, едноставно, не можат да се покријат минималните потреби за партиско рекламирање. Освен тоа, Родина Македонија се соочува и со одбивање од страна на некои т.н. „национални телевизии“ за пристап и политичко рекламирање на тие телевизии, од причини кои, веруваме, се познати во јавноста, а тоа е фактот дека дел од тие телевизии работат како партиски гласила, заради што сме спречени за какво – такво медиумско претставување. Оттука, никако не може да се зборува ниту за фер односи, а уште помалку за рамноправна застапеност на сите оние партии кои ќе се јават во изборната кампања, при што, медиумските концесии стекнати за емитување на националниот простор, се користат за теснопартиски интереси, односно за потребите на т.н. „големи партии“.

            Поради претходните причини, сметаме дека потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори претставува само давање на легитимитет на сторените нефер и недемократски правила и практики воспоставени од страна на власта и опозицијата застапена во Собранието. Освен тоа, сметаме дека постојат законски акти кои опширно го уредуваат прашањето за спроведување на избори, па не гледаме особена причина за дополнителни документи кои можат само да ја релативизираат или замаглат основната интенција на Изборниот законик. Но, Родина Македонија, и покрај тоа што не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори, сепак, во изборната постапка ќе се залага за доследно почитување на законските одредби во областа на изборите и активностите поврзани со и околу изборите.


Придружете се на телеграм каналот на Родина Македонија Телеграм Родина

Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!

Пополнете пристапница