Пишува: Коста Јовчевски – Корчагин, член на Претседателството на Родина Македонија
Ништо ново. И годинава пожари на сите страни низ и онака опожарената Македонија од сите можни несреќи. Како и другите пожари кои се јавуваа во изминативе горе – доле две децении, така и овие го имаат истото сценарио: едновремено, оркестрирано, професионално појавување. Значи, да разјасниме уште на самиот почеток. Пожарите не се случајни и не се последица на жешкото време. Пожарите се подметнуваат и тоа е мотивирано од повеќе причини. Економска корист, намерно предизвикување на штета и во помал број на случаи подметнување од страна на умоболни пиромани. Иако, и првите две категории на сторители не се различни од овие последниве.
Треба да појасниме нешто, за да народот не стекне погрешна претстава за тоа кој и како ни ги пали шумите. Со доза на компетентност можам да зборувам за ова прашање, со оглед на тоа што бев директор на најодговорната институција во државата за справување со природни катастрофи, па и со пожарите. И знам дека и тогаш како и сега се е планирано и се се спроведува во дело според веќе планираното. И тогаш, а верувам и сега, се знаат сторителите, но реакција од ниту една институтција нема. Причините сосе сторителите не се далеку за да бидат откриени. Јасно е и познато. Тоа што се „влече за нос“ половина држава заради гасење на подметнатите пожари, тоа што се трошат огромни средства за овие акции, се ризикуваат и животи на спасувачките екипи, а зад сето ова останува само пустош, не е битна работа. Битна работа е зачувување на коалицијата и тогаш и сега. Кругот на залудните активности е следен: државата божем презема мерки, палачите и понатаму си палат, коалицијата функционира. Само народот поради сето ова е санкциониран.
Како? Па, крајна последица на ваквиот неодговорен однос на власта кон пожарите е секако ограничувањето на слободата на движење на луѓето во природа. При вакви екстрамни температури да се забранува на оние кои не се ни криви ни должни да посетуваат тивки, свежи и чисти шумски предели е, благо речено, злочин. Кому не му е јасно дека шумите не ги палат обичните посетители, риболовците, ловџиите, планинарите…туку ги палат криминалците! Нека не го правдаат својот злочин со скршени стакла и отпушоци кои можеле, наводно, да предизвикаат пожар. Врз основа на направени експерименти од страна на пожарникарите дојдено е до сознание дека ниту стаклата ниту отпушоците предизвикуваат пожар. Пожар предизвикуваат само криминалците. И, така, народот е повторно казнет, овојпат со огранучување на неговата основна слобода, слободата на движење и грижата за сопственото здравје. А, државата и понатаму глуми лудило по теркот на американско – каубојските филмови и се расфрла со ресурси кои непотребно се трошат и непотребно се осиромашуваме.
P.S. Оние кои во сезоната на дрва за огрев бесправно ги сечат и уништуваат македонските шуми, се истите тие кои денес ги палат. Тргнете во грејна сезона низ шумите и ќе ги слушнете моторните пили како ечат на сите страни. Се разбира, опасно е како совесен граѓанин и да помислиш да се јавиш во полиција, а камоли директно да се замешаш во одбрана на шумите. Блазе си им на нашите криминалци, секаде полицијата ги гони, само кај нас имаат успешна коегзистенција.