Колумна: Коста Јовчевски – Корчагин, Претседавач на Советот за Родина
Во фаза сме кога наголемо се шпекулира и се малтретира народот во врска со издавањето на лични документи за македонските граѓани, а во согласност со т.н. „Преспански договор“. Според овој „договор“ личните документи требаме да ги промениме до 12 Февруари иако сега тој рок ќе биде нешто продолжен. Продолжен или одложен, но не и преиспитан, па се до негово укинувањ.
Уште во членот 1 точка 3 потточка а) од договорот променето ни е вековното име и некој се согласил дека „Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes…“ (а, како ли можеле предвреме да бидат толку сигурни дека тоа име навистина ќе стане и уставно?)
Во членот 7 од диво склучениот договор, стои:
„Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
Во однос на Првата страна (Република Грција), овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
Во однос на Втората страна (Република Македонија), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).
Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.“
Оттука:
-Македонскиот народ, спротивно на својата волја изразена и на Референдумот од 2018 година, по приватна иницијатива на група граѓани кои се прикажуваат како премиери и министри, остана без своето вековно име, односно преименувана е во некаква произволна творба – Северна!
-се забранува какво било поистоветување на Македонците со својата неколкумилениумска историја посведочена и во самата Библија и какво било идно проучување на историската вистина;
-се гарантира ексклузивитет во поглед на историските факти во полза на „Првата страна“, односно Грција, без каква било можност за научно преиспитување;
-без никаква научна основа, без каква било шанса за идни историски истражувања, без каква било можност за идно научно преиспитување, премногу лесно и некомпетентно се прифаќа диктатот на државата Грција, во однос на Македонците и неговите универзални права.
И, згора на тоа, со не мала доза на цинизам и понижување, принудени сме да извршиме колективно самооткажување или посоодветно – самоубиство, зашто во договорот сме обврзани самите (самите!), веднаш по влегувањето во сила на спогодбата/договорот, да ги известиме сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член сме, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат името…па дури да ги известиме и ситe држави – членки на Обединети нации за влегувањето во сила на оваа спогодба и да побараме од нив да го прифатат и да го користат името…
И, конечно, како правно заокружување, односно запечатување на целата неправна меѓународна хајка против Македонците, во членот 1 точка 10 од договорот, се зборува за техничките и политичките преодни рокови за промена на личните документи. Без разлика на ретерирањето на власта и нудењето на некои подруги решенија, не се намалува констатацијата дека се работи за невидена во историјата самоуништувачка кампања. Независно од тоа која е намерата со новопонудените решенија, сепак, треба сериозно да ја земеме предвид намерата која што се сакаше да се постигне со првото решение кое што сега е, навидум, напуштено. А тоа е дека целта беа и се уште се само Македонците: бришење на националната припадност на Македонците! Да не се лажеме, тоа што сега не е постигнато не значи дека сме излегле победници и не значи дека домашниот и надворешниот непријател нема да се обидат со други средства и начини да дојдат до својата цел.
Имајќи ги предвид претходните одредби од Преспанскиот договор, неминовно се наметнува заклучокот дека во 21 век, „демократите“ од Запад, повторно ни намтнуваат бришење на цела една (македонска) култура, со цел искоренување на еден (македонски) народ, негова присилна асимилацијата во суштества (граѓани) кои битисуваат на одредена површина, но затоа воскреснуваат други непостоечки и вештачки народи на историската македонска земја! Ова во современата политичка теорија и пракса се нарекува етноцид! Етноцидот подразбира токму тоа: бришење на етничката култура (културоцид), на обичаите и на идентитетот на една етничка група или на една целата нација, а со сите случувања, особено после Преспанскиот договор, на добар пат сме да бидеме најновата жртва.
Зошто и врз која меѓународна правна основа се врши ваков прогон на македонскиот народ, пред целокупната меѓународна јавност? Заштитени ли сме според меѓународното право?
Тргнувајќи од Униврзалната декларација за човекови права (ООН, 1948 година) „…признaвaњeтo нa врoдeнoтo дoстoинствo и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт…“; „…Oбeдинeтитe нaции сo пoвeлбaтa ja пoтврдиja нивнaтa вeрбa вo oснoвнитe чoвeкoви прaвa, вo дoстoинствoтo и врeднoстa нa чoвeкoвaтa личнoст…“, а „зeмjитe – члeнки сe oбврзaa дa гo издигнувaaт унивeрзaлнoтo пoчитувaњe и слeдeњe нa чoвeкoвитe прaвa и слoбoди, вo сoрaбoткa сo Oбeдинeтитe нaции“, се потврда за меѓународната заштита на поединците и народите. Притоа, „Сeкoj имa прaвo нa слoбoдa нa мислeњe и изрaзувaњe. Oвa прaвo ja вклучувa и слoбoдaтa дa сe зaстaпувa oдрeдeнo мислeњe бeз никaквo наметнато вмeшувaњe и дa сe бaрaaт, дa сe примaaт и дa сe дaвaaт инфoрмaции и идeи прeку мeдиумитe и бeз oглeд нa грaниците“.
Скоро идентични одредби се содржани и во некои базични европски документи како што се Европската конвенција за заштита на човечките права и Повелбата на основните права на Европската Унија. Заправо, обратно, ниту еден европски документ не зборува за нарушување, повреда на правата на поединците и колективните права на народите. Тоа е изразено и во Конвенцијата за спречување и казнување на злосторства за геноцид (ООН, 1948 година), каде што, во членот 2 точка в) стои дека, меѓу другото, како геноцид се подразбира и намерното нанесување на групните услови на живот (на народите) пресметани за да се донесе неговото физичко уништување во целост или делумно. А, токму тоа се прави со примената на одредбите од Преспанскиот договор, посебно со наметнување на дискриминаторскиот однос кон македонскиот народ, заради правно бришење во личните документи.
Не ли е симптоматично инсистирањето на американските и европските центри на моќ да се намалат и во добар дел да се укинат идентитетските обележја на македонскиот народ и тоа по секоја цена? За да се сфати улогата на тие центри на моќ во антимакедонската кампања треба да разбереме и да се раководиме од тоа дека ова не е нивна нова политичка ориентација. Во поново време (1995 година) антимакедонската кампања се насочи кон менување на значајното идентитетско обележје – македонското државно знаме и традиционалното шеснаесеткрако сонце на него. Чудно е што ова не е прво вакво барање на европјаните кога е во прашање овој македонски национално – идентитетски симбол. Уште во времето на Кралевството Македонија и Епир, кога владееле претходниците на славниот Македонец Георгија Кастриот, француската лоза на Анжујците како и Венецијанската република, директно му се заканиле на тоа Кралство со војна доколку не биде тргнато како државен симбол истото тоа шеснаесеткрако сонце! Вистината за овој наш идентитетски симбол е далеку подлабока одошто ние мислиме и го припишуваме само на една исфрустрирана држава како што е тоа Грција. Овие удари врз националниот македонски идентитет со препознатливи облици на етноцид продолжуваат и до ден – денес. Ако се потсетиме, со Рамковниот договор (пак по диктат на осведочените македонски непријатели – Американците и ЕУ!), од историски и мнозински народ, претворени сме во заедница, или што би се рекло, во група граѓани. Оваа намера денес ескалира со издавањето на новите лични документи, преку кои целосно ќе обезименат на Македонците, без национално име и без припадност.
А, зашто нашите самопрогласени политичари така лесно се согласија на ваков авантуристички потег? Дури и сегашниот (каков – таков) Устав на државата, во некои одредби зборува – вистина скромно, но сепак зборува – за македонски народ. Во Преамбулата на Уставот се споменува македонски народ, а се споменува и во членот 36 каде што се зборува за самобитноста на македонскиот народ. Македонскиот народ се споменува и во членот 49, каде што се зборува за културното и историското наследство на македонскиот народ и за дијаспората (како дел од македонскиот народ кој живее надвор од границите на македонската држава). Притоа, поимот „македонски јазик“ не е спорен ниту со Преспанскиот договор, па се поставува едноставното прашање: кој го зборува македонскиот јазик ако не Македонците? И, каде исчезнаа Македонците, односно македонскиот народ споменат во сегашниот Устав, за да во новите лични документи се зборува само како некаква групација означена како граѓани?
Затоа, конечно мораме да се разбудиме од комфорот и комоцијата во која одамна потонавме и да се спротивставиме на приватно склучениот Преспански договор. Мораме колективно да реагираме, зашто дното е близу иако се уште не е достигнато. Мораме да сфатиме дека предметот на договорот е недозволив, зашто никој нема право, ниту Собранието, ниту Владата, па ниту какво било изјаснување на референдум, да го менува идентитетскиот лик на Македонија и македонскиот народ. Идентитетската посебност и каректеристики не се ниту сопственост ниту привилегија на моменталната жива генерација Македонци, за да тие се менуваат според моментот на живеење. Предвид треба да ги имаме и другите аспекти на проблемот, а имено, дека Преспанскиот договор како меѓународен договор, дури и да прифатиме дека е валиден договор, според членот 118 став 1, мора да биде во согласност со Уставот и само тогаш може да стане дел од правниот поредок, а бидејќи не е, не може да стане ниту дел од правниот систем и не може да произведува дејствија, права, обврски и слично. Впрочем, спогодбата/договорот е неовластено потпишана, а според Уставот „Меѓународните договори во името на Република Северна Македонија ги склучува претседателот на Република Северна Македонија“ (член 119 став 1), што не е случај со овој договор, па со самото тоа не може да има никакво извршно дејство, односно тој е неспроведлив.
Оттука, има многу прекршени и правно несовладливи бариери поради кои Преспанскиот договор не може да отпочне да се применува. Не само да не може да се применува, туку тој треба да биде поништен! Треба јавно, гласно и недвосмислено да се отпочне постапката за уривање на овој етноциден документ, зашто целокупната правна и морална позадина е во наша корист. Треба да се отпочне постапка пред меѓународни институции за поништување на овој наметнат документ, а во оваа борба да се вклучат не само добро платените научници и академици, туку и адвокати, правници и други кавалификувани интелектуалци како од земјава така и од редот на нашите иселеници и пријатели во странство. А, оние кои не доведоа во оваа состојба со несогледливи последици по национално – идентитетските и историските белези на својот народ и Татковина, да ги потсетиме на одредбите од Кривичниот законик:
„Член 308
Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години.“
Нека му ја мислат предавниците, антимакедонците, фашизираните структури, лицемерните опозиционери: ништо не е толку трајно за да трае премногу долго. Единствено Македонија го има тоа својство, да биде трајна и вечна!