You are currently viewing ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ НАСПРОТИ „ДЕНОТ НА ЕВРОПА“

Пишува: Коста Јовчевски – Корчагин, член на Претседателството на Родина Македонија

„Зашто тие не спијат ако не направат
зло и сонот не им иде ако не го
голтнат некого. Зашто го јадат лебот на
нечесноста и го пијат виното на
насилништвото“
(Свето Писмо, Пословици, 4:16-17)

Историјата е пророк завртен во минатото. Универзален патоказ за случувањата и општествените процеси низ минатите, сегашните и идните
времиња. Поинаку кажано, ако не знаеш што ќе биде, заврти се и погледни што било, ќе ти се разјасни што можеш да очекуваш во иднина.

Втората светска војна заврши (главно) на 8 – ми, односно 9 – ти Мај 1945 година, со потпишување на капитулацијата од страна на Германија, најпрво со еден прелиминарен документ во Ремс, Франција, а малку подоцна со потпишувањето на капитулацијата од страна на Германија и нејзините сателити во советската команда во Берлин. Со завршетокот на оваа војна, падна Германија и се сруши идејата за наметнување на фашизмот како глобална идеологија. Или, барем така се надеваа оние кои тогаш победија, на чело со Советскиот Сојуз, се разбира. И, нормално е оние кои победија да го слават и празнуваат тој симболичен ден на нивната победа. Овој ден – Ден на победата над фашизмот го славевме и ние во поранешна Југославија и Македонија и тоа со причина: процентуално, тогашна Југославија (во нејзините рамки и Македонија), беше втора земја по бројот на загинати лица во оваа војна иницирана од фашистичката идеологија (некаде околу 11% од вкупното население), и тоа веднаш после Советскиот Сојуз (таму загинале повеќе од 15% од вкупното население). За жал, судбината на Русија да се бори против фашизмот е се уште актуелна и не се заврши на 9 – ти Мај 1945 година. Таа и денес е приморана да води специјална воена операција против преживеаните, новообликувани нацистичко – фашистички елементи во Украина, поддржани и инсталирани од Европската Унија и САД.

Но не сите подеднакво гледаат на потребата од славење на овој празник. Западното фашизирано општество ги создаде двете најголеми војни во историјата: Првата, а потоа и Втората светска војна. Заради свои причини, а водени од и за свои интереси. Се разбира, во нивните налудничави сфаќања за човештвото, секогаш ги избираа парите и профитот, без оглед на начинот преку кој ќе дојдат до таа своја цел. Состојба присутна и денес, само што таа е дополнета со уште неколку „придобивки“ на „западниот слободен свет“ како што се: пуштањето во оптек на некакви си маргинализирани групи и популации кои, според нивното изопачено разбирање на нормалноста, треба да бидат иднината на светот и замена за целиот (се уште!) нормален Божји народ; предизвикување на масовни болести и временски деструкции, глобални финансиски малверзации и криминали…Иако на Светот му ја наметнаа Втората светска војна и предизвикаа невидени страдања (главно на словенското население) преку создадените фашистички држави и влади, тие ниту денес немаат намера да му се извинат на човештвото и да ги признаат своите затемнети и демонски мигови на нивната „слободна западна демократија“. Едноставно, ги испраа рацете со оцрнување на една личност (Хитлер), а и ден – денес ја перат својата совест со фрлање на вина на споменатиот човек кој, пак, за волја на вистината, беше само врв на ледениот брег изникнат од демонизираниот Запад или барем од одредени темни центри на моќ во него. На поразот на Германија и нејзините сателити тие не гледаа како на пораз на фашистичката идеологија, туку само како завршеток на една една фаза и продолжување на друго ниво, со изменета терминологија за именување на истите процеси во поствоеното време (некако во стилот: Третиот рајх е мртов – да живее Четвртиот!).

Ете затоа Европа, односно Европската Унија, денес нема потреба од прослава на 9 – ти Мај, во смисла на победа над фашизмот и затоа го демонизираат секој политичар или држава кои ќе пројават желба да учествуваат на парадата во Москва по повод овој празник. Зашто, не оди некако да го слават сопствениот пораз. Впрочем, кој тоа би го славел падот на фашизмот во Европската Унија? Дали е тоа водечката држава во овој конгломерат – Германија? Или, можеби, Италија? Или, Шпанија, Португалија, Австрија, Финска, Романија, Бугарија, Унгарија…квислиншка Норвешка, па Франција со фашистичката влада на Петен и смешното „Движење на отпорот“ кое делотворноста во борбата против фашизмот може да ја промовира само уште во хумористичната емисија „Ало, ало“? Тука не ги спомнувам разните импотентни држави од аспект на спротивставување на фашистичката машинерија (Белгија, Холандија, Данска…). А, тие се денешната Европска Унија, тие се примерот на кој треба да се угладаме и да му се восхитуваме! Навистина, несериозно е од нас „варварите“, „нецивилизираните“ (со посебен осврт на Балканците, се разбира) да бараме од овие држави да го слават падот на фашизмот и капитулацијата на нивниот денешен хегемон Германија.

Но, затоа, пак, тие си смислија свој европски ден за славање -Денот на Европа (згора, имале не само еден ден, туку два: на 5 – ти и 9 – ти Мај!). Не знам каква има симболика во терминолошката промена, но ми изгледа како целта да им е избегнување на вистината, во прикривањето на историската вистина за вистинските победници над најголемото светско зло – фашизмот, а тоа е Советскиот Сојуз, односно Русија и неколкуте други словенски држави (меѓу кои и Македонија!), со минорно учество на останатите. Според нивно сфаќање, „Денот на Европа“ го означува мирот и единството на Европа. Оваа формулација која ме потсетува и е во духот на хипи – движењето изразува уште една карактеристика на тие држави, односно на Европската Унија, а тоа е секако лицемерието и неодговорноста за искажаното. Зашто тие ниту работат за мирот (да се потсетиме на сите нивни интервенции во поранешна Југославија, Ирак, Либија, Сирија, на африканскиот континент, а денес со воените повици за Украина) ниту се за некакво единство (тоа, ние Македонците, најдобро го чувствуваме). Заради вистината треба да споменам дека овој нивни празник ја означува и годишнината од крајот на Втората светска војна, но тоа само го потврдува претходното: се означува крајот на една ера која поминала и во која се поразени, а после поразот започнува друга ера која трае до денес. Значи, нема славење на поразот на една идеологија – на фашизмот, туку само крај на една фаза.

Неминовно е да се запрашаме каде сме ние, каде е Македонија во овој натпревар? Па, ние како и секогаш сме во погрешно време на погрешно место. Единствените малку светли точки кои ги имавме (како што е борбата против фашизмот, на пример) денес ги заменуваме со придружување токму кон оние кои ја практикувале и се уште ја практикуваат ретардираната меѓународна политика. Барем да сме некакви чинители па макар и на таквата политика! Ама ние сме целосни аутсајдери, без пријатели, без стратешки поддржувачи, никој не не вклучува во ниедна стратешка комбинација, па дури и непријателите од сожалување не знаат што да прават со нас. Проблемот е што со недостоинствените никој не сака да разговара. Тоа важи и на индивидуално, но и на секое друго ниво, само што нашите политичари (т.е. извршители на наредбите и мајтапите на пропаднатите политичари на пропаднатата Европска Унија) не го разбираат тоа, како што, впрочем, ништо друго и не разбираат. И, пак во погрешно време зафаќаме погрешна страна: онаа страна, односно онаа идеологија која е поразена веќе еднаш и во чиј пад учествуваме некогаш и ние. Но, денес, ние гордо извикуваме: каков 9 – ти Мај, каков пад на фашизмот, ние смело чекориме по европскиот пат кој води никаде! Она што успеаја да постигнат партизаните во војната 1941 – 1945 година (права реткост и ние да успееме во нешто после векови и милениуми!) величествено успеваме да го згазиме и да се приклучиме кон ставовите на декадентниот Запад. Е, па не се чудите зашто Исток не отпиша, а Запад не не запишува. И без да го сфатиме тоа, ние гордо стоиме отпат и од таквата „стратешка“ позиција беспричински правиме ќефови некому кој тоа не го заслужува, за сметка на Македонија, македонскиот народ и неговите цивилизациски интереси.

Напишете коментар