You are currently viewing СЕ ПОДИГНА И СКУЛПТУРА ВО ЧЕСТ НА МАКЕДОНСКИОТ АРХИМАНДРИТ ВО РУСИЈА

Пишува,
Мартин Буровски, посетител на валаамскиот манастир од 2018/2019 година.

Потеклото на отец Методиј со неговото световно име (Венко Петров) е од источниот крај на нашата земја, село Блатец, Виница. Таму завршил основно образование и потоа со неговата фамилија се преселил во Скопје, каде што дипломирал на градежниот факултет. Во неговата младост мечтаел да живее во Италија, но божјите патишта го однеле во Света Гора, во Григоријатскиот манастир кај старецот Григориј. За жал, тогашните политички односи помеѓу Грција и Македонија не биле добри, а отец Методиј бил одбиен од грчките бирократии за добивање дозвола за престој во Света Гора.

Скоро никому не му е познато под нашето поднебје дека дедото на отецот подигнал многу манастири како и манастирски конаци, а еден од нив е и манастирот Света Никита на Скопска Црна Гора, манастир којшто вдомил многубројни монаси прогонети од тогашниот комунистички режим во Русија. Една од пронајдените надгробни плочи во манастирот го носи името Панкратиј, името на сегашниот игумен – епископот Панкратиј, игуменот на Валаамскиот манастир.

Отец Методиј

Кога отец Методиј бил одбиен од грчките институции во Солун, веднаш потоа бил прашан од игуменот Григориј што планира да прави понатаму. Во меѓувреме, отецот се запознал со некои Руси во Солун и му кажал на старецот дека планира да замине во Русија. Старецот Григориј го прашал отецот: “Дали познавате таму некого?” Отецот му одговорил: „Да секако, тоа е Свети Серафим Саровски.”

Кога отецот пристигнал во Москва во Троицко Сергеева Лавра, благословот за сместување во лаврата го добил директно од старецот на лаврата – отец Кирил Павлов. Благословот го добил директно од старецот со зборовите: „Оставете го Македонецот да живее во лаврата.” Во лаврата отец Методиј бил гостин околу шест месеци, каде што се запознал со економот на лаврата Панкратиј. По краток период, старецот на лаврата го испратил економот Панкратиј да замине во Валаам и да го возобнови Валаамскиот манастир и манастирските скитови. Во меѓувреме му кажал: “земи си го и Македонецот со тебе”. Така, во 1996 година двајцата пристигнале во архипелагот Валаам. Во бедните и мрачните комунистички времиња манастирот бил разрушен и немало никакви услови за живеење, иако тој дел од Русија во меѓувреме страдал и од Финска, поради воените поделби. Отец Методиј како градежен инженер почнал со реконструкција на конаците, иако некои негови ќелејници ни кажуваат дека отец Методиј поминувал по цели дванаесет часа во олтарот, чистејќи ги старите певници, царските двери, всушност тоа ни кажува дека тој премногу ги сакал богослужбите особено вечерните валаамски бденија.
Откако бил изграден централниот храм посветен на преподобните Сергеј и Герман Валаамски чудотворци, основоположниците и подвижниците на Валаам уште во петнаесетиот век, како и храмот на Христовото преображение, отец Методиј заедно со отец Серафим служеле секој ден во многубројни часови за да се возобнови духовниот живот.

Лево Епископ и игумен на Валаам Панкратиј, десно Архимандрит отец Методиј

Старецот Серафим пристигнал неколку години по нив, всушност тој е духовно чедо на старец Софрониј Сахаров, каде што поминал цели петнаесет години во Есекс, Англија. Старецот Серафим е замонашен на неговите рани дваесет години и е со титула на три докторски теолошки студии. Воедно, тој е познавач и на осум јазици меѓу кои и старите класични јазици, кои исто така заедно со современите ги користи во неговите богослужби. Отец Серафим е последен валаамски старец и схимник, островот го напуштил одамна поради здраствени причини.

Отец Метдиј во неговите послушанички денови бил наставник во школото на Валаам каде што предавал општо познавање на православната вера. По краток период го отворил и најважното за него, а тоа е Православниот културно просветителски центар „Свет Валаам”. Се преведувале книги, се отворале многу работилници, како и за него најбитното – славјанската гостилница. Од живи извори, од негови фамилијарни членови, добиваме информација дека и како дете тој бил многу скромен, израснат само со неколку каши и основни продукти – ни раскажа неговата тетка, сестра Матрона, монахинка од манастирот Свети Спиридон, Пробиштип. Нешто што го дознавме и во текот на престојот на Валаамскиот обител е дека за секој кај отец Методиј има сѐ, само за него има многу малку. Всушност, отец Методиј беше премногу строг кон самиот себе, а со огромна љубов кон останатите.

Валаамски манастир, централен дел, Усадбе

По тешките напорни денови, физичка работа, преводите на книгите како и да не ги заборавиме возобновените останати тринаесет скитови, пристаништата и валаамското подворие во Петербург, всушност според нашата гледна точка отец Методиј возобновил цел манастирски град. Валаамскиот манастир брои тринаесет скитови и еден главен манастир, неговата главна функција таму беше гостоприемник, ги пречекуваше главните ктитори на манастирот меѓу кои и претседателот на Русија, Владимир Путин. Отец Методиј ја направил на Валаам славјанската гостилница во чест на сите словенски народи. Гостите биле пречекувани на највисоко благородно ниво од страна на отец Методиј.

Заради тешката физичка работа во раните години на Валаам, како и возобновувањето и сета таа преработеност и изнемоштеност кај архимантридот, животот го однесе во царството небесно на 22 јули 2021 година на шеесет години.

Пречекување на Рускиот Патријарх Кирил и Претседателот Владимир Путин од отец Методиј на Валаам.

Архимандритот Методиј беше одликуван со четириесет почесни медали од сите високи кругови на Руската Федерација.