You are currently viewing ЗА РОДОЉУБНИТЕ ЖЕНИ, ВОИНКИТЕ МАКЕДОНКИ

Колумна: Елизабета Чингарова Матевска, член на Претседателството на Родина Македонија

Нашата неисцрпна енегија, љубов, заложби, решителност ја црпиме од нашето славно минато, од генот, воспитувањето, традицијата од нашите мајки, баби, прабаби, од ПРАМАЈКАТА МА кои се олицетворение на нашата богата и бурна историја на Големите жени МАКЕДОНСКИ ВОИНКИ!

АНГЕЛИНА МАРКУС, МАКЕДОНСКАТА РОДОЉУБНА ИКОНА, МАЈКА НАД МАЈКИТЕ, водилка и инспирација, која ни покажа како лавовски, со знаење, збор, перо и дело, со огромна, неисцрпна љубов и родољубие треба да се бори за својата РОДИНА МАКЕДОНИЈА!

Ангелина Маркус

ОЛИМПИЈА, жена од македонската Антика, мајката на Александар Македонски. Нејзината борбеност, иако засенета поради популарноста на синот и сопругот Филип, била надалеку позната. За да ја  заштити сопругата на Александар, Роксана и нејзиниот внук, таа води неправедна борба со многуте непријателски настроени генерали со цела нејзина силна авторативна борбеност.

ВАСИЛИСА КЛЕОПАТРА била припадничка на Птоломејската династија која владеела со Стариот Египет. Таа е  наследничка на еден од генералите на Александар Македонски, Птоломеј  кој ја превзел контролата врз Египет после неговата смрт.

Македонската жена влегува во првите редови на христијанството, како симбол на отпорот против Римската империја и римското ропство. МАКЕДОНКАТА ЛИДИЈА била првата жена која го прифатила христијанството не само во Македонија, туку на Балканот и во Европа. Преку христијанската религија таа станува столб на семејството и вековен чувар на традициите и културата на македонскиот народ.

ВОЈВОТКАТА РУМЕНА пред да замине в планина,  оставила аманет до семејството, да се грижат за нејзиниот син Андон. Таа изјавила: „Ајдутин сум, целиот свет пропиштел на мене! Штом е така нека станам ајдутин“. Таа била наречена Планинска царица која успеала да го ослободи населението  од турски армиски чети,  ги напаѓала и чорбаџиите, но и предавниците и соработниците со османлиските власти и бегови.

СИРМА ВОЈВОДА,  исто така  позната  личност која зазема посебно место во македонската историја. Уште на 18 години решила да тргне во борба против зулумџиите. Еден ден без да ги извести родителите за својата намера, се облекла во татковите бечви и заминала на планината Стогово. Таму се нашла со седумдесет Македонци Мијаци кои биле со иста цел и исти желби

МАКЕДОНСКИТЕ ЖЕНИ  им се придружуваат на своите сопрузи и браќа за време на Илинденското востание и се спротивставуваат на турските трупи, пишуваат странските весници. Вестите дека жените се борат на бојното поле  доаѓаат до ушите на дипломатите кои смртно се загрижени поради тоа. Тие имаат чувство дека во Македонија целата популација се приклучува на востанието, па дури и жените.

„Ние немаме само една Јованка Орлеанка, туку десетици… Навикнати сме на жените борци. Ние не го одобруваме изложувањето на жените на опасностите од битката повеќе од другите луѓе, но сите овие жени имаат право да се борат. Ние лесно можеме да ги замениме со мажи, но кога жената доаѓа со света заклетва да умре во борба против Турците, бидејќи таа, или нејзината сестра или мајка, претрпеле неискажливи злосторства од рацете на Турците, мажот мора да се тргне настрана и да ѝ ја предаде пушката и своето место во групата. Овие жени се најчесто десперадоси, барајќи смрт, а некои од најпознатите херојски дела во нашите кампањи се извршени токму од нив“.

ЗА ПАРТИЗАНКИТЕ

Борбата за слобода не ја напушта македонската жена ни за време на Втората Светска Војна. Уште на почетокот на војната во 1941 година и потоа, Македонките масовно работеле на обезбедување облека и храна, илегални засолништа, извршувале курирска и известителна служба и слично. Меѓу првите стотина борци на НОБ биле и 11 жени. Во воени единици некои од нив извршувале должности на политички комесари и членови на највисоките партиски и воени раководства. На Првото заседание на АСНОМ (2. VIII. 1944) меѓу 122 делегати учествувале и 6 жени. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на Демократска Федеративна Македонија била озаконета и рамноправноста на жените во новата држава.

Официјално признато учество во НОБ имаат вкупно 5.752 жени. Од нив, околу 300 загинале, 7 биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941.

Македонки партизанки

ВЕРА АЦЕВА, ВЕРА ЈОЦИЌ, ЕЛПИДА КАРАМАНДИ,  ФАНА КОЧОВСКА ЦВЕТКОВИЌ, МАРА НАЦЕВА, ОВАДИЈА ЕСТРЕЈА – МАРА, ИБЕ ПАЛИКУЌА., итн.

МАГДАЛЕНА АНТОВА е прва жена борец од Македонија и жена борец која прва загинала во НОБ.

ВЕРА  ТЕОДОСИЕВСКА ТРАЈКОВСКА позната како ВЕРА КОТОРКА, исклучително храбра партизанка.

НЕВЕНА ГЕОРГИЕВА – ДУЊА, на 17 годишна возраст била тешко ранета, масакрирана…ѝ ја отсекле главата ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села, како и во велешките излози.

БЛАГА РАМПОВА храбро го дава својот живот, за да ги спаси своите другари.

РАТКА БАКАЛИНОСКА уште на 16 годишна воздраст била измачувана во затвор од бугарската окупаторска фашистичка власт.

ВЕНДА ТЕМЕЛКОСКА: „Бугарите започнаа да ни се приближуваат. Со кундаци нè удираа и нè бодеа со бајонети. На две места бев ранета со куршум пред тоа, а сега и тие пет пати ме прободеа. И сè уште не бев свесна дека сум ранета. Мислев дека сум толку многу облеана со крвта од Мара… “ (МАРА ЈОСИФОВСКА).

Меѓу партизаните и НАД 100 ЖЕНИ БОРЦИ херојски војувале и го ослободиле Скопје.

Познати активистки на АФЖ во Македонија се:

ВЕСЕЛИНКА МАЛИНСКА, е една од најистакнатите активистки на АФЖ,  борец во  НОВ и  учесник  во  АСНОМ.

ВАСКА ЦИРИВИРИ, мајка на две ќерки борци кои загинаа во НОВ – ВЕРА и ТОДОРКА ЦИРИВИРИ.  

ЛЕФТА ЈОСИФОВСКА, тетка на загинатата партизанка МАРА ЈОСИФОВСКА и на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу.

ПЛЕЈАДА ЖЕНИ БОРЦИ од Егејска Македонија, рамо до рамо се бореле со македонските партизани во НОВ и во Граѓанската војна во Грција.

МИРКА ГИНОВА.Жена херој. После нерамномерната борба била заробена, тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица, под ноктите ѝ забивале шајки, а низ телото и  спроведувале струја. Потоа била жива закопана до висина на вратот, додека жандармите пукале над нејзината глава.

Еден грчки војник, кој присуствувал на чинот на стрелањето, ги забележал последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко, тој напишал:

„…Ви честитам за ќерката што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело, пеејќи. Сите присутни се зачудивме. Во 5:30 ѝ се доближив и прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: „Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот“. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. А исто така и другите шестмина, но, повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината што ја видов. Ве поздравувам јас, еден војник кого должноста го натера да присуствува на овој жален чин и ја имав желбата да Ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка…“

Мирка Гинова и Вера Фотева

КАТИНА ТИНА АНДРЕЕВА – ЦВЕТА,  ТОДОРА АНАСТАСОВА СКОРНА,  ГЕРМАНИЈА ПАЈКОВА,  ТИНКА ДУМКОВА, сите ги положиле своите млади животи за време на граѓанската војна во Грција, борејќи се за Слободна Обединета Македонија.

ЕВДОКИЈА БАЛЕВА ФОТЕВА – ВЕРА – КИЧА, овој текст ќе го завршам со неа, таа е МОЈОТ ИДОЛ ЗА ЖЕНА ВОИНКА И ВЕЧНА ИНСПИРАЦИЈА НА ЖЕНА МАЈКА РОДОЉУПКА. Нејзината животна сага, преплет од животни настани, борба, затвор во озлогласената Лубјанка,  штабот  НКВД– во Москва, прогон во Сибир…Кога ќе ја прашав, „Тетка Вера, колкумина злосторници уби во војувањето“?, таа ќе се насмевнеше: „Броев до 44, потоа не броев“ .

СЛАВА НА СИТЕ СПОМНАТИ И НЕСПОМНАТИ ЖЕНИ БОРЦИ, ВОИНКИ!!!

ВЕЧНА ПОЧИТ И БЛАГОДАРНОСТ ЗА ТОА ШТО ХРАБРО СЕ БОРЕВТЕ! ОСТАВИВТЕ ОГРОМНА ОБВРСКА ДА ГО ОДБРАНИМЕ ТОА ШТО ВИЕ ГО СТВОРИВТЕ – МАКЕДОНИЈА!

Делови  од текстот се преземени од неколку  автори.

Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!