-подобро: како да направиш други да те замразат
Пишува: Коста Јовчевски – Корчагин, член на Претседателството на Родина Македонија
Омразата е психолошка категорија. Се дефинира како чувство на непријателство, злоба, одбивност кон некого или нешто. Не ми е целта да го анализирам овој поим од психолошка гледна точка, туку да го сместам предметот на овој текст.
Во еден кочански медиум беше објавена вест дека на 14 Јуни (значи, изминатава недела) во дворот на т.н. „Руска црква“, во с. Блатец, виничко, ќе се одржи средба за разговор на културни теми во интерес на развојот на македонско – руските пријателски и културни врски и за развој на православието. За традицијата на двата народи во градење на добрите односи. Лично, а и како припадник на македонистичката партија Родина Македонија, се израдував дека некои работи можеби конечно ќе тргнат од мртва точка. Тоа е онаа точка до која не доведе налудничавата политика на власта, континуирано формирана од СДС и ДПНЕ, инаку две партии кои функционираат како две филијали на западните недобронамерни центри на моќта, а посебно озлобени кога се Македонија и македонскиот народ во прашање.
Но, сепак, не било баш така. Пред одржувањето на собирот се огласи Брегалничката епархија (значи, став на МПЦ) дека не го благословила собирот и се оградува од него, притоа не пропуштајќи да се додаде дека МПЦ – ОА не стои зад настанот. Тоа го прочитавме од претставникот на Брегалничката епархија, за да и самиот митрополит на Епархијата го потврди истото. Но, затоа, во порталот „Религија“ наидуваме на една страшна конструкција, која од една страна не се согласува со млаката реакција на Епархијата, а од друга страна се напаѓа Руската црква и Русија дека го ширеле руското влијание врз црковната јавност, моделирајќи ја анти НАТО и анти ЕУ!!! Еден друг аутсајдерски портал („Вардарски“) соопштува дека ова се организирало од анонимни организатори и тоа било опасна игра со православието!!! Истиот портал го пренесува ставот на Брегалничката епархија дека таа за прв пат се соочувала со ваков „дрзок повик“!Значи, за црковните власти се работи за дрзок повик (оној објавен во кочанскиот медиум). Да разговараш за православни вредности, за културна соработка, за заеднички вредности, е дрзок повик. Тука, впрочем, настанува главниот проблем: во кое својство настапува Црквата кога таа и медиумите околу неа толку се испаничија заради неодржаниот настан (како ли ќе реагираа ако навистина се одржеше?)? Од каде ваква жестокост и отпор кон се што има каква и да било врска со Русија и со објективните историски текови? Зарем ова смее да си дозволи Црква која ги покрстила и руската кнегиња Олга (955 година во Охрид, прва жена Русинка која го примила христијанството од охридскиот патријарх!) и рускиот кнез Владимир во 987 година? Смее ли да си дозволи нашата Црква да го занемари фактот кој се среќава во руските историски извори дека Руската црква во XI век била една од епархиите на старата Охридска патријаршија и дека името на Црквата во Охрид била длабоко навлезено во свеста на руските маси? Дека двајца наши црковни дејци (Анатолиј Жунгуловски и Партениј Зографски) биле духовни татковци на цареви од руското царско семејство Романови? Конечно, пред неколку години не ли Руската православна црква ја призна Македонската православна црква? И, што е сега проблемот? Од каде ваков став, ваква отворена одбојност, непријателство кои (според она што го прочитавме во медиумите) се претвораат во очигледна омраза? Ние, бедни и скудни во создавање на пријатели, отворивме војна со оние кои по природата на нештата ни се блиски. Од ништо и никого предизвикани протеравме неколку руски дипломати, влеговме во војна со Русија давајќи оружје (и она малку што го имавме) на Украина, практично поддржувајќи го наци – фашистичкиот режим на таа земја со што се вклучивме во пропаднатиот морално – идеолошки и општествено – економски систем на губитникот наречен со име Европска Унија! И, после, се прашуваме што ни помогнала Русија? А всушност, што е тоа што некој треба да ни помогне? Да постане поголем Македонец од Македонците и да дојде овде да ни ги среди работите додека ние се чепатиме по грчките плажи, незаинтересирани за што и да било што се случува околу и за нас? И, нека ми објасни некој, ако веќе Русија е виновна што не ни помага, како тоа Европската Унија ни помага? Ни го смени името и идентитетот, направи војна во Македонија, ги форсира Албанците за сметка на се што е македонско, се мајтапи со приемот во дувлото Европска Унија условувајќи не со најниски, најподли и лицемерни барања (да ја споредиме само најновата провокација со навестената постапка за прием на Украина во ЕУ, додека Македонија се условува со разрешување на билатералниот спор со Бугарија кој и не е билатерален, всушност е едностран бугарски „спор“ на самите со себе). Има ли поголемо омаловажување и негирање на нашата земја? Има ли некој тоа да го разбере и да размисли околу тоа и кога?
И, така, од дворот на црквата во изградба во Блатец, на крајот бевме избркани. По улиците и сокаците на селото човек не поминува, ама известен е бричениот во глава кој експресно дојде во црквата за да ја отстрани опасноста која се надвила над пропаднатата, исмеана, омаловажена, упропастена, никаде признаена, разнебитена држава, покажувајќи ни го патот надвор од објектот.
Сепак, на крајот, морам да го изразам разочарувањето од целиот настан. Сфаќам дека имаме црковна организација која делува како политичка партија; сфаќам дека нејзиното полититизирање е под влијание на „проевропските“ политичари – измеќари на западните тешко оболени кругови; сфаќам и тоа дека од такви недостоинствени политичари ќе немаме никаква иднина и како народ и како држава; а сфаќам и тоа дека народот е уплашен! Уплашен од самиот себе, од политиката и од нешто што ни самиот не го знае. Уплашен е кога треба да одлучува за својата иднина, а сепак ме радува фактот дека на волшебен начин се ослободува од стравот кога треба да ги посети кафаните или да планира и да замине на одмор. Ете барем една светла точка во нивните напатени души!
И така, ние, продолжуваме да си создаваме непријатели. За разлика од тоа, не стекнуваме пријатели. И не можеме кога немаме колективен идентитетски пристап и, врз основа на тоа, став по одредени битови прашања. Имаме, за жал, само партиска клиентела: едните во таборот на предавничко – озлогласената, други во „најпатриотската“ партија, а резултат не никаде, туку за никаде, односно – наназад. И се тоа во името на прием во Европската Унија. Таму кај што не мразат, понижуваат и се мајтапат. Не верувам дека некој од власта и од партискатаклиентела помислил дека со промената на геополитичките односи, ќе настапи друго интересно влијание. Само што нашето политичко слепило тогаш ќе почне да ги дава контрапродуктивните резултати: и Албанците побрзо ќе се сетат на Русија, за разлика од нас кои ќе продолжиме да мразиме во име и за сметка на Европската Унија! Макар таа не постоела…
