Skip to content Skip to footer

ИНТЕРВЈУ ЗОРАН ЈОВАНЧЕВ,ЧЛЕН НА ИО-РОДИНА, ЗА РУСКИОТ ПОРТАЛ „ПОЛИТНАВИГАТОР“: Приоритет за Македонија е вклучување во Евроазискиот сојуз од Лисабон до Владивосток

«ПолитНавигатор» : Зошто вашата организација во последно време спроведува протести? Каква е реакцијата на општеството? Дали излегуваат многу луѓе на протестите? Какви се вашите планови за иднина?

Зоран Јованчев : Родина излегува на протести поради политичката угнетеност на народот од страна на наметнатата, недемократска, прозападна власт, но и нивното штетно дејствување по македонскиот народ и државата Македонија. Впрочем и појавувањето на Родина на политичката сцена се должи токму на оваа состојба во Македонија. Реакциите на народот се во најголема мера восхитувачки, бидејќи ние протестираме за теми и говориме на начин на кој размислуваат сите Македонци. За жал многу малку луѓе се охрабруваат јавно да ги искажат своите ставови поради физичката и психолошката тортура што оваа така наречена власт ја спроведува врз сопствениот народ, а која што тортура од разни извршители, и странски и домашни,  трае во континуитет повеќе од еден век. Денеска во 21 век, во „демократска“ Европа неправедно се затворени Македонци поради мирни протести и пеење на македонска химна. Забрането е истакнување на вековни македонски симболи, а народната волја изразена на двата референдуми е погазена, а посебно на последниот на кој народот кажа: НЕ за ЕУ, НЕ за НАТО и не за промена на името Македонија. Сето ова психолошки делува на народот така што луѓето што излегуваат на протести се вистински херои. Затоа нашето дејствување во иднина ќе биде во насока на охрабрување и организирање на македонскиот народ за борба за своите основни човекови права, правото на самоопределување, правото на сопствен македонски идентитет, правото на слободен живот и право на избор.

Вие споменавте за репресии, на кои се изложени противниците на прозападниот курс. Дали има некаква реакција на властите на вашите активности околу протестите ?

За сега, освен силно полициско присуство на нашите протести, директно дејствие спрема наши членови не е забележано, што не значи и дека власта толерира патриотско слободоумно дејствување. Ние сме релативно млада иницијатива, партија во формирање, но сме во силен фокус на блиски соработници на власта, докажани западни платеници, кои во неколку наврати преку своите портали и телевизии правеа низа прилози со цел да го сатанизираат нашето појавување во јавноста. Приказната одеше во правец дека Родина е главен непријател на западот во Македонија, дека сме партија на Путин во Македонија и дека поставуваме старословенски тотеми по околните планини. Од независноста на Македонија, 1991 година, до денеска во Македонија се врши политички прогон против секој неистомисленик на западните окупатори. Кулминација се случи двапати. Еднаш после воената агресија од страна на западниот протекторат Косово во 2001 година и вторпат после државниот удар на 27 Април 2017 година. Во првиот случај западните структури во Хаг судеа припадници на македонските безбедносни сили кои си ја бранеа сопствената држава и народ, додека албанските терористи кои извршија воени злосторства против цивилното македонско население, ги наградија со тоа што преку специјална војна и државен удар ги инсталираа во највисоките структури во власта. И токму тука е и втората кулминација на борба со македонските патриоти кои во знак на револт од насилната инсталација на терористичкиот командант на место претседател на собранието, западниот миленик, Талат Џафери, влегоа во собранието да го заштитат македонскиот устав. Македонците беа прогласени за терористи и затворени а терористот Џафери неуставно и без записник го направија претседател на македонското собрание. Западните амбасадори уште во истиот саат го признаа изборот за легитимен а ги осудија Македонците. До денеска не се разрешени убиствата на многу Македонци од страна на терористички албански групации, а убијците под притисок на западни структури се на слобода. 

Каква алтернатива постои за Македонија? Србија потпиша договор за слободна трговска зона со Евроазиската економска унија. Дали може тоа да биде пример и за Македонија?

Родина во своите програмски цели јасно ја покажува алтернативата за Македонија, тоа е Евроазиската економска унија, Патот на свилата, билатерални односи со земји и сојузи кои ја почитуваат Република Македонија и македонскиот народ. Предолго Балканот и Македонија се заложници на дволичните и антинародни политики на НАТО и ЕУ, кои Балканот го претворија во обична колонија на западните интереси во кои вирее само политичкото рециклирано ѓубре, газејќи ја волјата на народите.  Потпишувањето на Договорот за слободна трговија со Евроазиската економска унија од страна на Србија е поттик за целиот Балкан да излезе од колонијален во развоен регион кој соработува со сите страни на светот. Словенските народи на Балканот секогаш со својот концепт на општество, начин на живот и уредување били поблиски со истокот. Да споменам само дека првиот Евроазиец од овој регион е Александар Македонски кој го обедини светот во духот на меѓусебно почитување на различните цивилизации и тоа го направи на истокот. До ден денеска делото на таа нашта славна империја и водач се памети и почитува од Македонија до Киргистан.

Што може Русија да направи поактивно во Македонија?

За Родина улогата на Русија во меѓународните односи и новиот свет е исклучително важна и пример како една држава го почитува меѓународното и домашното право. Во даден момент нам ќе ни бидат потребни тие универзални вредности за да си го вратиме нашето исконско, природно име Република Македонија, нашето име на народ Македонски, со нашиот древен јазик македонски, кои ни беа одземени на еден варварски начин со државен удар менаџиран од западните сили, газејќи ја вољата на македонскиот народ со Преспански договор кој не е вреден ни колку една тоалетна хартија од аспект на правото. Со Русија делиме исти јазични, писмени, културни и духовни вредности, традиции. Блиски братски народи и земји денеска многу малку користат од тој родољубив потенцијал. Наша задача е да ги воспоставиме темелите за плодородна соработка. Ја охрабруваме Русија и за пошироко медиумско присуство, да ги збогатиме содржините во медиумскиот простор, соработка на невладиниот сектор, економијата, културната размена, туризмот итн итн..

ЕУ го одложи проширувањето, но САД ветија дека преговорите за пристапување наскоро би можеле да продолжат за Македонија. Кој е трикот?

За Родина моделот на Европската Унија како што денеска е поставена е антинароден, античовечен, антихуман, каде човекот егзистира надвор од природата во еден вештачки синтетички свет на унифициран граѓанин со социјално бројче, надвор од традициите на европските народи. Самото одложување на проширување на ЕУ е поради внатрешната криза во ЕУ, која е суштинска, длабока и која ќе резултира со губење на приматот. САД пробуваат да се инсталираат во средина на Европа и да го спречат природниот процес на нормализација на односите на Русија со западна Европа и стравот од идејата за Евроазија од Владивосток до Лисабон. Но Евроатланската идеја, односно западот денеска го изгуби кредибилитетот во светот, поради злосторства против човештвото, уривање на суверените држави, предизвикување на мигрантски кризи, како и нивниот колонијалниот однос према остатокот на светот. Светот креираше алтернатива на тој систем. Тоа е иднината и наша задача како организација е и нашиот македонски народ да го пренесеме во тој свет. 

Каков е ставот на македонскиот народ кон идејата за влез во НАТО?

Ставот на Родина е НЕ во НАТО. Нашиот македонски народ е предмет на специјална војна креирана од најдобрите социјални инжинери на западните служби кои со едноумието во медиумскиот простор ја повторуваат веста дека НАТО и ЕУ немаат алтернатива, веќе 28 години, 24/7. Но народот за разлика од пред една деценија, денеска е посвесен, денеска се почесто се слуша за Евроазија, за мултиполарен свет, за Русија, Кина, Патот на свилата, борбата на суверенистичките европски организации за поправеден свет. И ние сме дел од тие процеси.

Дали има носталгија за Југославија кај населението во Македонија, колку е голем процентот на оние што би сакале да ја вратат единствената држава?

Југославија има две лица. Едното е пример како треба да живеат и соработуваат блиските словенски и други народи. Второто е како не треба да се организира држава во систем каде вредностите се потчинети на партијата.
Да не ги заборавиме и времињата на војни помеѓу блиските братски народи, помогнати од запад.
Улогата на македонскиот народ во тие процеси секогаш била во насока да се сочува заедничкото а да се почитува различното, без притоа некому да се наштети.
Секако блискоста на словенскиот балкан е основа за идна блиска соработка помеѓу народите. Ние и во нашата програма ставаме акцент на Балканот како регион на мирот, со слободен проток на луѓе, добра, идеи. Регион со подеднакви права на сите народи.

Како во Македонија се гледа на перспективите на решавањето на проблемот со Косово и заканата од создавање на „Голема Албанија“

Проектот на западните дворови за голема Албанија на словенските земји имаше веќе еден обид во времето на фашистичка Германија, каде заедно со фашистичка Бугарија беше поделена Македонија. Тоа беа страшни етнички чистења на словенското православно население на овие простори.
Со Косово гледаме дека се прави повторен обид од истите западни сили за креирање на голема Албанија.
Во Македонија преку фалсификуваниот попис, силниот западен притисок за прифаќање на терористички организации како дел од влада, како и проекти кои ја дезинтегрираат Македонија, се креираат предуслови за креирање на голема Албанија.
Тоа се опасни процеси кои може да донесат повторно големи страдања на народите на Балканот.
За Македонците Косово е дел од Србија, промената на границите на Балканот се опасен преседан и треба да се почитува суверинитетот на секоја една земја.

Линк од интервјуто за „ПолитНавигатор“,

https://www.politnavigator.net/dogovor-serbii-s-evrazijjskim-soyuzom-impuls-dlya-vsekh-balkan.html/amp?imnu=7dd44887db8a9869d7cec0413c3a4f0a&fbclid=IwAR3hw1BIAHEDBaRjEenYsZPJimiArwDQojFXwB9-EuIaVQV6QH9YwShdpmM