-Или, кој ги убиваше македонските народни херои-
Колумна: Коста Јовчевски – Корчагин, Претседавач на Советот за Родина
На денешен ден, на 20 Февруари 1943 година, убиен е македонскиот револуционер и партизан, Раде Јовчевски – Корчагин. Убиен е во тајна акција на бугарската окупаторска фашистичка полиција, по извршено предавство од страна на Македонец, како што честопати се случувало низ нашата тажна историја. Корчагин бил убиен иако успеал да се пробие меѓу бугарскиот олош, убивајќи еден бугарски агент, но влегувајќи во ќорсокак, бил пресретнат од друг бугарски агент, Анто Георгиев Антов, „на кого не му беше тешко, на растојание од неколку метри, да ги испука сите куршуми во градите на Корчагин“. А, на тој фашистички олош, Анто Антов, не му било нималку мачно, за да после после извршеното убиство како нормална работа (на кои, инаку, се навикнал за време на својот крвав пир низ Македонија и во однос на други револуционери), да се сети и да му порача на убиениот Корчагин: „Еве ти ја слободата, еве ти ја Македонија“. Така убиен среде улица бил држан цел ден за да гледаат луѓето и да се плашат од „слободата“ која ни ја ветувале бугарските фашисти.
За жал, Корчагин не е единствената или ретка жртва на македонските простори, извршена од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Убиени се безброј партизани – борци за национална и социјална правда, а убиени се голем број на недолжни цивили, не штедејќи ги ниту бебињата кои завршуваа на бугарските бајонети (Јаболчишта, Пуста Кула, Богомила…). Би било ред да се потсетиме и да споменеме барем дел од оние борци кои загинале, односно се убиени од бугарскиот окупатор, за да нема забуна кој убивал во Македонија, во периодот 1941 – 1944 година:
Мирче Ацев (1915 – 1943). Познат македонски револуционер, родум од Ореовец – прилепско. Семејството Ацеви во шест генерации дале борци и жртви за ослободувањето на Македонија, а едни од нив се и Мирче и Вера Ацеви.
Во декември 1942 година, при една блокада на бугарската фашистичка полиција во Велес, бил заробен. После ѕверското измачување какво што човечката современа цивилизација не памети, подлегнал на повредите од тие измачувања. Официјалниот став на бугарската полиција бил дека се самоубил. За ова сведочат самите бугарски извршители (на пр., Љубомир Јорданов, началник во бугарската државна безбедност; при измачувањето се „прославиле“ и Христо Стоилов, Крум Панков и Васил Цанков и други, сите од Обласната полициска управа во Скопје).
Цветан Димов (1909 – 1942). Познат борец – учесник во НОБ. Бил роден во Скопје, а животот го завршил во бугарската Обласна полициска управа.
После провалата во партиската организација во Скопје, уапсен е од бугараската фашистичка полиција и затворен. Слично како и во случајот со Мирче Ацев, Цветан Димов бил страшно измачуван во затворот, повторно на чело со крвникот Љубомир Јорданов, во содејство со „административците“: Мане Мачков, Панков, Рајков, Чучков…). Не можејќи да се помират со херојското однесување на Цветан Димов, гореспоменатите „ослободители“ го фрлиле од вториот кат на зградата на полицијата, прогласувајќи дека извршил самоубиство.
Кузман Јосифовски – Питу (1919 – 1944). Познат и признат македонски револуционер, организатор и идеолог на македонската борба за национално ослободување.
Неговите зборови од рефератот на Преспанското советување (2.8.1943 година), се визионерски и актуелни и денес: „прибирање на сите внатрешни сили и отварање на една јака материјална снага во самата Македонија…отворање на полно единство на сите друштвени класи и слоеви, единство на сите стари и нови борци за слобода на Македонија…: создавање на единствен македонски народноослободителен фронт…“.
Убиен е од страна на бугарската фашистичка полиција, кај старата железничка линија која минуваше низ Козле.
Вера Јоциќ (1923 – 1944). Позната македонска партизанка како во самата Македонија така и во соседна Србија, кадешто (во Ниш) и е подигнат и споменик.
Учествувала во повеќе партизански одреди (Ваљевскиот, Јастребачкиот, Врањанскиот, Кумановскиот) кои воделе борба со фашистичките бугарски и четнички воени формации. Во една таква борба кај Страцин, јуришајќи на бугарските бункери, тешко била ранета и по пет дена починала.
Јордан Николов – Орце (1916 – 1942). Познат организатор, раководител и борец за македонско национално ослободување.
Апсен од режимот на предвоена Југославија, окупацијата го затекнала во затвор во Сремска Митровица. После спектакуларното бегство на 38 затвореници од тогаш познатитот затвор, се вклучува во партизанските единици во Србија, со цел постепено да се врати во Македонија. Неговиот план за враќање во Македонија (меѓу другото и по наредба на Врховниот штаб) завршува во Владичин Хан (град во Јужна Србија), кадешто во судир со бугарската војска, загинува.
Боро Петрушевски – Папучар (1920 – 1943). Македонски партизан кој е познат и по тоа што на 8.9.1941 година (денес случката може да има и симболичен карактер!) го уби првиот окупаторски (бугарски) војник во Македонија.
Страхил Пинџур – Страшо (1915 – 1943). Организатор на партизанското движење во Македонија и член на ПК на КПЈ за Македонија. Познат и по судирот со Методи Шаторов околу организирањето и кревањето на востанието.
Својата револуционерна активност ја започнал во Крагуевац каде станал член на СКОЈ, како и на Белградскиот универзитет кадешто студирал, основајќи го македонското студентско друштво „Вардар“. По враќањето во Македонија, учесник и член на сите позначајни народноослободителни организации и тела. Заедно со Мирче Ацев биле уапсени во Велес во 1942 година и затворени од бугарската фашистичка власт. Колку што било херојско однесувањето на Ацев, толку било, исто така, однесувањето и на Страшо Пинџур во бугарскиот затвор. Сведоштва за тоа наоѓаме кај самите сторители на овие антицивилизациски постапки, Љубомир Јорданов, Тенјо Рајков, Илија Николов, Маринов и други злосторници.
Со должно извинување и неспоменување на другите бугарски жртви, денес треба да изразиме згрозеност од идејата за некакво си „администрирање“ на Бугарија во Македонија за време на Втората Светска војна. Оние кои од македонска страна (историчари, политичари, новинари…) ја заговараат оваа идеја или дури и учествуваат во нејзина реализација, ќе треба да одговараат пред идниот народен суд за предавство и за злосторство против сопствениот народ. Не е јасен политичкиот мотив за некаков си „Договор за пријателство и добрососедство“, но е јасно дека штом толку се инсистира на него и се бара внесување на Бугарите во Уставот на Македонија, нешто сериозно не е во ред.
Не навлегувајќи подетално во сите претходни прашања, сепак ќе мораме да се запрашаме: зошто ова прашање се актуелизира во овој временски период, од оваа временска дистанца? Нели, за никого во светот не беше спорно што во 1947 година, на Париската мировна конференција, се потврди улогата на Бугарија во Втората Светска војна, како држава – учесничка на страната на фашистичките и нацистички сили? Нели, врз таа основа, на тогашна Југославија (и Македонија како нејзин составен дел) и беше доделена воена репарација од 25.000.000 долари кои во сегашни услови би изнесувале приближно половина милијарди долари, а тоа се средства од кои се откажавме во интерес на добрососедски односи? Па, ете пример за добрососедство, а не барање за прекројување на историјата, јазикот, културата, идентитетот воопшто, и тоа во форма на диктат! Зашто само Македонија е денес во центарот на интересот на бугарските политички кругови, кога истата „административна“ сила, во исто време и на ист начин, била воспоставена и во јужна Србија и во северна Грција, но таму не се проблематизира ова прашање и на ваков начин? Што би рекле и дали би имале разбирање денешните Евреи за бугарското депортирање по „административен пат“ на 7.148 лица – припадници на еврејската заедница во Македонија, во логорите на Треблинка, а од каде се нема вратено ниту едно лице?
Што треба да се прави? Треба веднаш и без одлагање да се прекине работата на било какви преговори на инсталирани „историски комисии“. Треба јасно да им стави на знаење на Бугарите дека светот веќе еднаш ги осудил како фашисти и дека треба да си го платат она што е пресудено во наша корист. Најитно да се прекине со каква било налудничава политикантско – профитерска идеја за внес на Бугарите во Уставот, а сите носители на оваа идеја да бидат изнесени пред суд. Треба да се бара неодложно почитување и примена на судските пресуди од Стразбур кои се во корист на Македонија, а против бугарската држава (нивниот број е некаде околу 19!). Македонските национални институти (Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик, Институтот за фолклор, Институтот за старословенска култура и другите соодветни високообразовни установи) под итно да ја преорганизираат својата работа и да се формираат други научни или ообразовни институции кои ќе ја зајакнат работата на античкиот период и археолошките истражувања. Да се почитува историската вистина и правната процедура за раскинување на Договорот од Блед во 1947 година и да се обнови барањето за воена оштета (репарација) од бугарската држава. Доколку Бугарија и понатаму продолжи да бара нешто што никој нормален не би го барал, да се реактивираат донесените меѓународни акти во врска со случувањата во Втората Светска војна и да се воспостави арбитражно тело составено од претставници на вистинските антифашисти, Русија, Белорусија и Кина, кое би ја согледало неправдата која на Македонија и ја нанесува Бугарија, под покровителство на членките на Европската Унија. Зашто, Европа веќе длабоко заглиби во фашизмот, ако воопшто некогаш и го напуштила (Германија, Италија, Шпанија, Финска, Романија, Унгарија, инспираторот В. Британија, Португалија и, секако, Бугарија се оние кои ја водеа војната на страната на фашизмот!). Но, ќе треба да се расчисто и со сегашниве политички партии од двете одродени „македонски“ партии (СДС и ДПМНЕ), кои заради тесни политички и лични интереси ја обезличуваат, понижуваат, упропастуваат и уништуваат Македонија!
Се разбира, денот кога ова ќе се случи, можеби е се уште далеку. Но, она што неминовно ќе дојде нека ги плаши денешните предавници, северџани, „патриоти“, но и нивните фашистички ментори од САД и Европската Унија. Зашто? Па затоа што со победата на Македонија ќе дојде и нивниот крај! А, Македонија била поразувана, но никогаш досега не изгубила!
Почитувани членови и поддржувачи на Родина Македонија. Родина Македонија е во фаза на пререгистрација! Ве повикуваме да дадете Изјава за пререгистрација кај еден од нотарите кои се поставени на следната страница.