НЕКА Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ДЕНЕШНИОТ ПРАЗНИК СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
  • Post category:Колумна

Родина Македонија, како достоинствен претставник на македонскиот народ  е на непоколеблив, вистински пат за опстанок и опстој на СЀ што значи МАКЕДОНИЈА-МАКЕДОНСКО-МАКЕДОНЦИ. ЗАТОА ДА ГО ПОЧИТУВАМЕ И НЕГУВАМЕ ТОА ШТО НЕ ОДЛИКУВА И ПРОСВЕТЛУВА КАКО ПОСВЕТИ  И ПООСВЕТЛЕНИ  од тие окулу нас! А самото наше просветлување во нас е толку силно затоа што ние самие сме дел од него, ние го даваме, осоздаваме, потекнува од нас!

За многу години празникот Свети Климент Охридски, Патрон на Вистинската  Македонска  Православна Црква!

ПРЕДГОВОР

Целта на  овој сублимиран текст од повеќе извори, енциклопедиски, научни експертизи, есеи, археолошки  потврди  итн,  да  послужи за солидно антиципирање, осознавање на делото на Св Климент Охридски, чие животно дело за словенските народи е многу значајно. Посебно е значајно за нас, македонскиот народ и  ќе послужи како самоосознание но и поттик на многумина, посебно кон помладите и даде позитивен импакт за понатамошно  подлабоко проучување, истражување на Климентовото  животно дело.

Текст на Елизабета Чингарова Матевска

ЕПИТЕТИ

8-ми декември, ден на Св. Климент Охридски. Македонската православна црква со посебно внимание, но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец.
Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски на 8 декември.
Климент Охридски (840- 27 јуни 916), светител, прв словенски епископ во Македонија, просветител и книжевник.
Свети Климент Охридски e спој на духовноста помеѓу Константинопол и Рим.
Тој се смета за прв Епископ Словенски со титула Епископ Велички.
Денеска Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква.
До крајот на XII век епископската титула на Свети Климент се среќава во неколку варијанти: ‘‘епископ Велички‘‘, ‘‘епископ Словенски‘‘, ‘‘епископ на Бугарија или епископ бугарски‘‘.
Сесловенската писменост била спасена во Македонија и од Охрид повторно изгреало сонцето што ќе го грее словенскиот свет повеќе од еден милениум!
Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Тој е директен наследник, следбеник кој учел од нивните божествени евангелски зборови и ги гледал нивните богоозарени ликови и свети евангелски дела.

ИЗВОРИ

Главните извори за животот на Климент се два средновековни документи, за кои се смета дека се напишани врз база на исчезнатото ‘‘Првото словенско житие‘‘, напишано од климентовите следбеници веднаш по неговата смрт.
Првото житие ‘‘Пространо житие‘‘ е напишано од охридскиот архиепископ Теофилакт (1084-1107), за кое треба да се има предвид дека во него има извршено извесна адаптација на неговата содржина, согласно идеолошките и црковно-политичките интереси на Византија.
Второто житие е од архиепископот Димитар Хоматијан (1216-1234), ‘‘Кратко житие на Климент Охридски‘‘, за кое исто така се смета дека изобилува со адаптација и преосмислување на разни настани.
Текстовите на двата охридски епископи биле направени на старословенски јазик. Секако понатаму хронолошки има повеќе извори посебно со отварањето на Мосхополската печатница. Посебно во XVIII век се почуствувал наплив од словенски ракописни состави. Во почетокот на XIX век се зголемил интересот за просветителите, особено кај Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Партениј Зографски ја превел на галички дијалект опширната ‘‘Биографија на Свети Климент‘‘.

РАН ЖИВОТ

Според ‘‘Опширно житие‘‘, напишано од охридскиот архиепископ Теофиклат, се вели дека Св Климент уште од неговата најрана младост или од најрано детство го придружувал учителот Св Методиј, кој управувал со Брегалничката област. Нешто што заедно со подоцнежната соработка со Св Кирил му овозможило да се здобие со извонредно образование. База која допринела да биде еден од најревносните пастирско мисионерски учесници во Моравската мисија( 863-885).
Свети Климент се родил околу 830- 840 година во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Струмичко-Брегалничкиот регион, некои во Охридскиот, некои во Солунскиот .
Климент се стекнал со солидно образование и уште од млади години стекнал одлични познавања од грчкиот јазик. Заедно со Св.Методиј привлекол и други соработници, ученици кои што потекнувале од Македонија.
Со своите ученици и помошници Кирил и Методиј работеле во манастирите на планината Олимп во Мала Азија, каде што престојувал и Климент (се претпоставува дека таму е составена глаголицата врз база на македонскиот словенски јазик од солунскато говорно подрачје. (Славистите утврдиле дека старословенскиот јазик се базирал на говорите од Јужна Македонија особено врз говорите од Сухо и Високо, Солунско).

Од повеќето мисии на светите браќа, Климент учевствувал во мисијата кај Хазарите, но и дека учевствувал во откопувањето на моштите на римскиот папа Климент, мошти кои биле однесени на римскиот папа Адијан II, како чин на длабока почит.
Во житието на Константин се вели дека, откако царот Михаил III го замолил да создаде словенска азбука, Константин ‘‘се предал на молитва со своите соработници‘‘.
Житието на Методиј ги нарекува овие помошници на Кирил и Методиј ‘‘други со ист дух како нив‘‘. Теофилакт пишува дека Кирил и Методиј, откако ја создале азбуката, ‘‘се погрижиле да им го пренесат божественото знаење на оние што се поспособни од нивните студенти‘‘, именувајќи ги кои биле ‘‘избрани и просветители на групата‘‘, Горазд, Климент, Наум, Ангелариј и Сава. Пради овие основи, може да се претпостави дека Климент бил дел од јазичниот круг на Кирил и Методиј и придонел за создавање на глаголицата.

МОРАВСКА МИСИЈА

Моравската мисија имала комплексен карактер, покрај дипломатска, политичка таа е просветителска, духовна. На барање на Моравскиот кнез Ростислав кон византискиот цар Михаил III, да овозможи создавање на словенско писмо и христијанството да се шири на словенски јазик, наспроти дотогашното проповедање на латински јазик, кој бил неразбирлив на населението од тие територии. Ростислав настојувал да основа самостојна словенска христијанска црква и да го шири Христовото слово и богослужба на разбирлив словенски јазик.
Сите подготовки се вршеле во Солун, важен административен, воено политички духовен култутен центар на Византија. Во неа од блиску учевствувал и Климент, ја следел и учевствувал во финалната дообработка на првата словенска азбука, глаголицата.
Моравската мисија се реализирала во три фази : 863-866/7, 867-869 и 869-885 и таа претставува нов, значаен и плоден период во животот и дејноста на Климент Охридски.
Во Моравија била преведена на словенски јазик цела црковна богослужба, а воедно ги научиле тамошните ученици да служат световна служба на словенски јазик. Застапена била и книжевната продукција во три области: преводи на библиски и богослужбени текстови, црковно правна литература и оригинални трудови. Меѓу оригиналните творби од овој период најзначајни се хагиографските трудови, помеѓу кои најпозната е ‘‘Панонски легенди‘‘ (869), чие составување и авторство му се препишува на Климент.

После три и пол години во Моравија, Кирил и Методиј заминале на југ да ги ракоположат во свештенство своите ученици, тука секако бил и Климент. Со што се потврдува дека Климент континуирано учевствува во моравската мисија и во создавањето на целокупниот литургиски циклус и обука на локалното свештенство.

ПРЕСТОЈ ВО РИМ

Кирил и Методиј со дел од нивните ученици, помеѓу кои и Климент во Рим пристигнале на крајот на 867 односно почетокот на 868 година, после престојот во Мосбург на езерото Балатон, во Коцел Панонија и Венеција. Во Рим биле примени со најголеми почести од римскиот папа Адријан II. Словенските учители ги носеле моштите на папата Климент, и нивното предавање преставувало највисок респект, удостојување кон римскиот папа. Во Рим, Климент имал контакти во највлијателните кругови во Римската црква, како и во грчката, можеби неговите контакти биле скоро исто толку значајни како оние на Кирил и Методиј. Тој веројатно го познавал лично Анастасиј Библиотекар, пријател и обожавател на Константин. Климент во Рим учествувал во настаните поврзани со осветувањето на словенските книги и бил учесник во светите литургии кои што се одржувале на словенски јазик во повеќе римски цркви.
Константин починал во Рим на 14 февруари 869 година. Методиј избрал да ја продолжи заедничката работа меѓу Словените. Климент ги поминал следните петнаесет години до смртта на Методиј со него во Панонија и Велика Моравија. Подоцна истата година, папата Адријан II го назначил Методиј за надбискуп на Панонија и го испратил во дворот на владетелот Коцел.

ПОВТОРНО ВО ПАНОНИЈА И МОРАВИЈА

Франкиското свештенство, луто од загубата на нивните приоритети во Панонија и Моравија, го обвинило Методиј за узурпирање на епископските права и организирало црковно судење од локалните владици, кои го осудиле и го испратиле во затвор. Методиј поминал две и пол години во затвор во Швабија, сè до интервенцијата на папата Јован VIII во 873 година кој ги принудил франкиските епископи да го ослободат. Последните години Методиј ги поминал во одбрана на црковнословенската литургија во својата епархија и истовремено морал да се бори против непријателството на Франките и недоследноста на новиот моравски владетел Сватоплук I.
После смртта на Методиј на 885година, Горазд бил наследник на мисијата. Притисоците од франкиските епископи биле многу силни, против литургиите на словенски јазик но и неслогата окулу доктрината Филиокве. Филиокве е спор кој се водел помеѓу црковните центри Рим и Цариград за происходот на Светиот Дух. (Источната догма вели Светиот дух вечно произлегува од Отецот, а Синот е вечно роден од Него од Отецот. Додека западната догма вели дека Светиот Дух произлегува и од Синот односно од бескајната љубов помеѓу Синот и Отецот). Источната доктрина за Светото Тројство била образложена пред германските свештеници и пред кнезот, а расправата предизвикала мачна атмосфера во која безуспешно посредувал Сватоплук I. Моравскиот владетел ја засилил позицијата на германското свештенство и побарал од Климент, Горазд и од останатите словенски свештеници да се приклонат кон барањата на франкиските епископи, односно Рим. Откако тие одбиле, се соочиле со државно прогонство. Покасно Филиокве е и една од причините, помеѓу другите догми и политички неслоги, за тн Голема шизма или Голем раскол од 1054г со што настанува дефинитивна поделба на источна и западна црква.
Со доаѓањето на папата Стефан V (885) ја забранил словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија, словенските книги биле уништувани, а учениците на словенските просветители биле протерани од оваа западнословенска земја. Наскоро започнале државните прогони против учениците на Методиј, на околу двеста свештеници и ѓакони. Некои биле продадени во ропство, други биле истерани од нивните домови и измачувани, а повеќе од нив биле затворени. Теофилакт ги посочува имињата на петмина од затворениците, Горазд, Климент, Лаврентиј, Наум и Ангелариј кои биле затворени во Нитра, денешна Словачка. Со што се ставил крај на моравската мисија и проповедањето богослужба на словенски јазик.
По краткиот престој во затвор, Климент и неговите придружници биле осудени на постојан егзил и биле депортирани во област кај Дунав Изворите понатаму наведуваат дека во 885-886 година учениците на Методиј пристигнале во Белград, кој тогаш бил во составот на Првото Бугарско Царство.

ПРЕСТОЈ ВО БУГАРИЈА

Кога Климент, Ангелариј и Наум тргнале кон Плиска, стара престолнина на Бугарија, тие не отишле таму со цел да се стават во служба на бугарскиот кнез Борис I, туку да ја продолжат својата мисионерска дејност во земја која не ги гони христијаните и кои што не го исповедаат погрешното учење на доктрината Филиокве.
По пристигнувањето во бугарската престолнина Плиска и покрај тоа што Борис бил воодушевен од доаѓањето на тројцата мисионери, при што им приредил пријатно добредојде, веднаш ги ставил во функција на својата политика. Учениците не нашле погодни услови за продолжување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, бидејќи во земјата постоела слична атмосфера како и во Моравското Кнежевство. Додека во Моравија се воделе спорови со германо-латинските свештеници, овде се водел спор со Византија. Црквата била ново основана во 870 година и била под јурисдикција на Цариградската патријаршија и била раководена од византиска црковна хиерархија на чело со византиски епископ, а во храмовите се служело на византиско-грчки јазик, па и ним не им било дозволено да вршат богослужба и да проповедаат на старословенски јазик, а и клирот се избирал и поставувал од страна на патријаршијата.
Имало антагонизам кон учењето на Кирил и Методиј, причините не биле јасни, но можно е да потекнувале и од верноста на прабугарската аристократија кон своето паганско минато кое не било така дамнешно, односно минале само дваесетина години од почетокот на покрствањето иницирано од кнезот Борис.
Набргу по пристигнувањето во Плиска, тројцата мисионери се разделиле. Ангелариј починал неколку месеци по пристигнувањето во главниот град. Наум останал во Плиска, покасно во Преслав, каде ги поставил темелите на Преславската книжевна школа, а Климент, бидејќи уште од Методиј бил назначен за Епископ на цел Илирик, во 886 година бил испратен како мисионер во областа Кутмичевица во Македонија, каде ја основал Охридската книжевна школа која станала расадник на писменоста и културата во целата охридска околина и пошироко во Македонија.

КУТМИЧЕВИЦА , ОХРИДСКА КНИЖЕВНА ШКОЛА

Точните граници на регионот Кутмичевица не се познати, но веројатно тие ги вклучуваат западните македонски езера (Преспанско и Охридско ) и територијата западно од нив до Јадранското Море во денешна јужна Албанија.
Истовремено со испраќањето на Климент во Кутмичевица, Борис го назначил Домет за гувернер на округот. Климент заедно со новиот управител требало заеднички да работат меѓу населението: да се рашири и зацврсти христијанството на словенски темели, а притоа да се сочува и лојалноста на населението. Покрај поддршката од локалната власт и наредбата до сите жители на областа да не му прават пречки, кнезот Борис на Климент му обезбедил имот и финансии, како и можност за вршење на неговата задача.
Во Кутмичевица, Климент ја организира Охридската книжевна школа, ‘‘Прв словенски универзитет‘‘, во која работи 7 години (886-893) како учител и надзорник на црковните работи. Оваа школа броела 3500 ученика, од кои по 120 ученика годишно Климент оспособувал за учители и свештеници.

Тој посветил уште еден дел од своето време на поучување на глаголицата, а неговите поталентирани студенти биле избрани за подетално теолошко усовршување и поклонување на свештенството. Одлики на оваа школа се: доследно чување на делото на Кирил и Методиј, употреба на глаголицата, чување на јазикот на Кирил и Методиј, отпор против грчкиот јазик и елинизацијата на словенското население.
Двете биографии ја забележуваат силната привлечност на Климент кон монашкиот живот, и поради неговата блиска поврзаност со Методиј, може да се претпостави дека Климент бил замонашен рано во неговиот живот, се претпоставува во манастирот во Бер. За време на својата учебна мисија во Кутмичевица, Климент основал манастир во Охрид посветен на Свети Пантелејмон, кој станал голем центар за обука на локалното свештенство и придонел за славата на Охрид како лулка на христијанството на Балканот.
Како учител опслужувал неколку парохии и во секоја од нив имал неколкумина избрани ученици. Во секоја од овие парохии тој развил подеднакво добар систем на богословско образование, а како почетен степен на истото било описменувањето. Ова образование не било ограничено само на лица кои исполнувале услови да бидат дел од клирот, туку истото го посетувале и деца. Самиот тој, лично, ги поучувал најмладите од тоа како се пишуваат буквите, до толкување на она што е напишано.
Бројот на лица кои биле образувани во училиштата на Климент се смета дека бил многу поголем. Овде најверојатно се работи за лицата кои Климент ги подготвувал за свештенослужителство и учителска дејност, бидејќи биле избрани од останатите и ги подучувал толкување на Светото писмо на едно повисоко ниво.

ВЕЛИЧКА ЕПИСКОПИЈА

Во 893 година тој е испратен во Величката епископија (Дебар, Кичево) каде е поставен за прв словенски епископ. На негово место во Охрид од Преслав доаѓа Наум. Точната местоположба и името на Климентовата епархија биле предмет на многу спорови. Покасно иако бил распределен за епископ во друга област, секогаш се навраќал и повлекувал во Охрид за одмор и молитва. Делувал низ повеќе области во Македонија, лично се ангажирал секаде каде што имал можност во описменувањето образованието, најнапред на клирот, а потоа и на населението.

СВЕТИ КЛИМЕНТ И СВЕТИ НАУМ

Поред некои извори се смета дека Светите Климент и Свети Наум биле родени браќа.
Манастирите на Климент и Наум биле црковни и просветни центри, наставата се вршела во нив, таму се давала основна писменост. Св. Климент ги учел своите ученици да пишуваат, да препишуваат и самостојно да создаваат дела.

За авторитетот на Охридската книжевна школа зборува влијанието што таа го имала во Македонија и надвор од границите на Македонија. Ова влијание се одразило на правописен, на јазичен и на книжевно стилски план. Правописните и јазичните норми на оваа школа не се единствени на македонски терен, но нивната доминантност во средновековната македонска писменост ја документираат и текстовите од други скрипториуми во кои, во различна мера, се присутни охридските норми.
По заминувањето на Климент од Охрид, неговото место го завзема Наум, по јасно инсистирање, односно условување на Климент.
Наум во Охрид го продолжил климентовото дело на описменување на луѓето и нивно обучување за тие да бидат идни учители и свештеници. Наум во Охрид и Охридско изградил многу цркви и манастири.
Свети Наум е познат како препишувач и преведувач на проповедничка и друга богословска литература. Со оваа дејност одиграл видна улога во развојот на македонско-славјанската литература и култура. Познат е како голем молитвеник, духовен учител и раководител на монасите. Се смета за основоположник на мастирскиот и монашкиот живот во Македонија и пошироко..
Умрел во 910 год. Лично од Климента е положен во гробот на манастирот кој сам го изградил и до денес во негова чест го носи неговото име „Св. Наум Охридски‘‘. И по својата телесна смрт тој е наш силен молитвеник и чудотворец. Велат дека неговите свети мошти се чудотворни. На гробот во манстирот Свети Наум, во Охрид, се случуваат чуда. Светителот и денес му помага и му прави добрини на својот македонски народ и на сите кои со вера му се обраќаат.

Климент останал во Величката епархија се до смртта на Наум. Тогаш се вратил во Охрид, го изграил манастирот Св. Пантелејмон и ја продолжил дејноста до својата смрт во 916 год.
Климентовиот гроб се наоѓа во овој манастир кој во времето на османлиското владеење бил претворен во џамија, со балканските војни таа била уништена, за да манастирот повторно биде возобновен во 2002 год.

ПОЗНИ ГОДИНИ

Архиепископот Теофилакт сведочи дека Климент отворил народни кујни во кои се делело храна на населението, им се посветувал и на сираците и на вдовиците, помагајќи им во она што им било потребно и неговиот дом бил отворен за сите кои немале каде да ноќеваат. Направил социјални и аграрни реформи во неговите епархии. Тој не само што бил учен човек, туку сестрано им помагал на сиромашните и на селаните во земјоделието (калемел овошки), носел од грчката област нови видови овошки, градел цркви и манастири итн.
Во напредна возраст и исцрпен од работата, Климент отишол во Преслав и го замолил царот Симеон да го ослободи од неговите должности како епископ, за да ги помине ‘‘овие неколку дена… во разговор со самиот себе и со Бога‘‘. Симеон, кој имал голема почит кон Климент, сепак го одбил.
При враќањето од Преслав, Климент се разболел но и покрај неговата болест, во последните денови Климент продолжил да работи. Климент починал на речиси осумдесет годишна возраст, на 27 јули 916 година во Охрид. Бил погребан во тремот на манастирската црква ‘‘Св. Пантелејмон‘‘.

КИРИЛИЦА

За Климент науката спори дали тој ја создал азбуката „Кирилица“ која ја употребуваме денес. Од подоцнежните записи дознаваме дека следбениците на Методиј започнале да создаваат нова азбука. Се претпоставува дека во создавањето на Кирилицата своја улога има и Климент, иако до својата смрт употребувал Глаголица, а и неговите книжевни дела се напишани со Глаголица.

„Опширното житие“ од Теофилакт Охридски воопшто не спомнува дека Климент извршил каква било промена на глаголицата. Теофилакт кога го пишувал ова Житие, пред себе имал текст од некој од учениците на Климент, а самиот тој како охридски архиепископ имал пристап до сите црковни документи и тој никаде не спомнува нова азбука кирилица, ниту каква било модификација на буквите од глаголицата. Тој не остава ниту простор за размислување дека Свети Климент извршил каква било измена на глаголицата, ниту пак создавање на нова азбука – кирилица. Податокот дека Свети Климент на некој начин е поврзан со создавањето на кирилицата произлегува од Житието на Свети Климент Охридски ‘‘Кратко житие‘‘ напишано од Димитар Хоматијан, каде се вели: ‘‘Измисли и други форми на буквите за поголема јаснотија од тие што ги пронајде Кирил‘‘. Врз основа на овој пасус, некои научници веруваат дека Свети Климент бил создателот на кирилицата. Сепак, оваа хипотеза наидува на некои потешкотии. Од една страна, во Охрид, седиштето на Климент, глаголската азбука продолжила да се користи многу години, скоро два века, додека кирилицата се преферирала од литературното училиште во Преслав. Од друга страна, не постои сигурна традиција што го поврзува името на Климент со кирилицата. Затоа, повеќето истражувачи го отфрлаат ставот дека Свети Климент бил креатор на кирилицата. Преовладувачкиот став е дека тој ја користел глаголичката азбука и дека ‘‘другите форми на буквите‘‘ се однесуваат на подобрување или поедноставување на глаголичката азбука.

МОШТИ

Најголемиот дел од моштите на св. Климент се чува во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“, Скопје и во Поречкиот манастир.
Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер (Верија), во Егејска Македонија. Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите веднаш ја однесле главата во манастирот во Бер, каде св. Климент Охридски станал монах. Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

КНИЖЕВНИ ДЕЛА

Како учител и свештеник, Климент напишал околу 50 книжевни дела на словенски јазик (претпоставките се движат од 15 до 50 книжевни дела). Точниот број на сите дела и поученија на Свети Климент уште не е востановен. Тие ни денес не се собрани во еден зборник: ги наоѓаме во преписи од XII и XIII век, на кои често како автор се наведува Свети Јован Златоуст, иако според содржината, јазикот и стилот може да се препознае дека автор е Свети Климент.
Свети Климент Охридски е еден од најплодните и најзначајните писатели на старословенски јазик. Во Моравија Климент најверојатно ги напишал и првите свои литературни дела. Се претпоставува дека уште за време на својот престој во Велика Моравија тој го напишал ‘‘Опширното житие на Св. Кирил‘‘, или пак му помагал на Св. Методиј при пишувањето на овој прв словенски текст. Тука тој најверојатно го пишувал првобитниот текст на ‘‘Службата на Св. Кирил‘‘ и ‘‘Пофалното слово‘‘ за него, кои што се користеле за богослужбена прослава на словенскиот просветител, како најстара служба посветена на Свети Кирил и Методиј.
Тој е заслужен за Панонската хагиографија на Свети Кирил и Свети Методиј. Климент, исто така, го превел‘‘Цветниот триод‘‘ кој содржи црковни песни кои се пеат од Велигден до Педесетница и се верува дека е автор на ‘‘Светата служба и животот на Свети Климент Римски‘‘. Пронајдокот на кирилицата обично му се припишува нему, иако претпоставка е дека азбуката е развиена во книжевното училиште во Преслав на почетокот на 10 век. Но во неговото творештво преовладуваат и поучителните слова кои се однесуваат на општо христијанските светители: Св. Ѓорѓи, Св. Тома, Св. Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос. Черноризец Храбар, помеѓу другите, е продолжувач на делото на свети Климент и свети Наум. Негови дела се: ‘‘О писменах ‘‘ кое е апологија на македонската писменост, каде ја брани македонската азбука и го заштитувал македонското културно дело. Тој напишал уште ,, Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле незнабошци.

КУЛТ

Култот на Свети Климент бил одбележан со сликање на негови портрети во фрескоживописот на охридскиот катедрален храм ‘‘Св. Софија‘‘, како и во други цркви и манастири. Неговата слава и култ биле широко прифатени низ средновековниот период станувајќи титуларен светител на Охридската архиепископија, светител, заштитник на градот Охрид и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Уште во почетокот на 11 век, неговото Успение се славело на 27 јули.
Средновековни фрески од Свети Климент постојат низ сите територии на Македонија, Србија и Северна Грција, при што голем дел од нив се наоѓаат во Република Македонија.
Црковната и просветителската дејност била високо оценувана и длабоко почитувана од свештенослужителите и од верниците, така што Свети Климент и Свети Наум се канонизирани за светители. Не случајно денешната обновена Охридска архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква се нарекува Светилкиментова и го има Свети Климент за свој Молитвеник и Патрон.