You are currently viewing ГОСТИ ДОМА – КРИВИЧНО ДЕЛО! ИМА ЛИ ПИЛОТ ВО АВИОНОТ?

Министерот Филипче и Комисијата за заразни болести доставија предлог Одлуки до Влада на Република Македонија во врска со анти-корона мерките.
Еден од предлозите е забрана за групирање на повеќе од четири лица, како и забрана за одење во посета – гости на повеќе од четири лица. Се бара од полицијата да спроведува мерки – казни доколку утврди дека на гости ви дошле повеќе од четири лица.
Според Уставот на Република Македонија, кој се прашуваме дали воопшто некој го чита и почитува, полицијата смее да влегува во домовите само доколку има судски налог или основано сомнение за сторено кривично дело, но не е и да проверува колку луѓе има во стан или куќа.
Исто така, според Уставот:
Член 26 Се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Значи најпрво е потребно да постои сомневање за дело дека ви дошле на гости повеќе од четири лица (читај некој да ве пријави, сосед?) потоа да се пријави до јавно обвинителство, да се проследи до суд, па со тој судски налог да ви се појави полиција на врата. Освен што е неуставно и нѐ враќа во едно минато неубаво време, време на кодошење, оваа мерка е и тешко применлива во пракса, освен ако предложувачите имаат сосема други замисли и намери како тоа би се спроведувало?
Оваа мерка е донесена врз база на ПРЕТПОСТАВКАТА дека најмногу заболени се репродуцирале токму во домовите. Ова го истакна и министерот за внатрешни работи, Спасовски во интервјуто за СИТЕЛ. Значи не се носи оваа предлог-одлука врз база на ДОКАЗИ, туку врз база на ПРЕТПОСТАВКИ. А доколку оваа мерка не биде ефикасна, се најавува и ограничување на слободата на движењето во форма на полициски час.
Исто така, се прашуваме КАКВО КРИВИЧНО ДЕЛО спроведува жителот кој поканил на гости пријатели?
Во Член 8 од Уставот стои дека: „Во Република Македонија слободно е сѐ што со Уставот и Закон не е забрането“.
Член 11 вели дека: „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“.
Член 14, вели дека: „Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено, не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“. Од ова произлегува дека треба да има Закон кој ќе го предвиди како казниво или прекршочно дело – посета на гости повеќе од 4 лица, за да некој биде казнет.
Министерот за внатрешни работи објасни дека нема да има потреба од судски налог, туку ќе биде доволно полицијата да делува по налог на Основното Јавно Обвинителство, чин кој е во директна спротивност со член 26 од Уставот. Значи оваа мерка би се спроведувала по цена на газење на човековите права и воведување полициска држава.
Доколку оваа предлог-одлука се усвои на седница на Влада, народот само дополнително ќе сфати дека Устав и Закони не важат на оваа окупирана територија и дека се спроведуваат фашистички политики на дело. Симптоматично е што оваа предлог-мерка доаѓа токму пред периодот на нашите домашни, православни слави, се разбира, под изговор на „есенскиот бран“. Народот нема да го заборави и прости ова дело, се прашуваме и дали воопшто ќе го прифати?
Родина Македонија најостро ги осудува овие предлог-мерки и апелира на разумност на Владата на Република Македонија. Оставка од министерот Филипче кој очигледно не знaе да се справи со пандемијата е единствено разбирлива и прифатлива опција во овој момент. Комисијата за заразни болести потребно е да се распушти и да се формира нова составена од врвни професионалци во својата област, инфектолози, виролози и имунолози кои врз база на научно-медицински докази ќе предложат вистински мерки.

За Родина Македонија Домот, Семејството, Македонија се светост и со ниту една мерка, закон, без разлика дали доаѓа од меѓународна или домашна институција, не смее да биде извалкана или нарушена! Исто така и приватноста на граѓанинот!

Ќе дојде ден ќе се одговара пред народен суд за сите овие злодела!