Пишува: Зоран Јованчев, член на Претседателството на Родина Македонија
Драги браќа и сестри Македонци,
Историјата не учи, но само ако сме подготвени да слушаме! Повозрасните меѓу нас добро ја паметат „Тајванската милијарда“ од 1999 година, кога, под водство на Васил Тупурковски и неговата Демократска алтернатива, Македонија направи контроверзен чекор – воспостави дипломатски односи со Тајван. За возврат, ни ветија околу една милијарда долари за „развојни проекти“. Но, што добивме? Парите исчезнаа низ банкарски канали и судски лавиринти, а Македонија остана со долгови и без заштита на Обединетите нации. Да, народот, како и секогаш, ги плаќаше последиците!
Тајванската авантура и цената што ја плативме
Овој договор предизвика гнев кај Кина, која стави вето на продолжувањето на мандатот на мировните сили на ОН во Македонија (UNPREDEP). Овие сили, распоредени од 1992 до 1999 година, беа првата превентивна мисија на ОН во светот. Нивната цел беше да го заштитат нашиот мир и стабилност во бурните години на војните во поранешна Југославија. Тие ги набљудуваа нашите граници со Србија и Албанија, спречувајќи ширење на конфликти. Но, по тајванската авантура, тие заминаа, оставајќи ја Македонија ранлива.
И што следеше? Во 2001 година, земјата се соочи со внатрешен конфликт предизвикан од Ослободителната народна армија (ОНА), терористичка организација поддржана од западни сили. Подоцна, истите тие сили ги „преоблекоа“ во политички фактор, ставајќи ни јаже околу вратот и туркајќи нè подлабоко во мрежата на колонијално ропство. Погледнете го примерот со Сирија денес – нивниот премиер, некогашен член на Ал Каеда! Истата шема, различна земја.
Кој беше вистинскиот план?
Дали крајната цел на овие маневри беше независно Косово и федерализирана Македонија, оркестрирано од западните сили? Дали UNPREDEP беше само параван, а повлекувањето дел од поголем геополитички план за дестабилизација на регионот? Овие прашања и денес одекнуваат, а одговорите лежат во нашата способност да ја препознаеме вистината.
Новиот „стратешки договор“ со Велика Британија
Дваесет и четири години подоцна, историјата се повторува! Сега зборуваме за нов „стратешки договор“ со Велика Британија, склучен во тајност, без учество на македонската научна и интелектуална јавност. Шест милијарди евра ни ветуваат, но по која цена?
Да погледнеме што се случува.
Британскиот премиер Кир Стармер неодамна побара од Албанија да изгради камп за мигранти – место каде би биле сместени лица одбиени за азил или предвидени за депортација од Велика Британија. Албанскиот премиер Еди Рама го одби, велејќи дека таков договор направил само со Италија поради нивните блиски односи и географија. Но, што ако сличен предлог стигне до Македонија? Дали сме следни на листата за „стратешки“ експерименти?
Ако цената за тајванската милијарда беше укинувањето на UNPREDEP и вметнување на терористички елементи во нашите државни структури, што носи овој нов, шестпати поскап договор со Британија? Дали сме подготвени повторно да ја продадеме нашата иднина за туѓи пари?
Доста е со соништа за туѓи милијарди!
Браќа и сестри Македонци, време е да се разбудиме! Просперитетот на една држава не доаѓа од туѓи ветувања или скапи кредити. Тој доаѓа од ред, работа и способност да го искористиме она што го имаме – нашите луѓе, нашите ресурси, нашата гордост!
Интелектуалната и политичката елита во Македонија мора да се трансформира. Доста беше со поданичка послушност кон странски интереси! Нам ни треба македонска, продуктивна елита – луѓе што ќе работат за народот, а не за колонијалните сили што го ограбуваат светот. Западот, кој некогаш го создаде глобалниот систем, денес ја губи својата конкурентност. Зошто да тонеме со нив?
Повик за промена!
Македонија заслужува подобро! Да престанеме да бидеме пион во туѓи игри. Да го средиме нашиот дом, да ја подигнеме главата и да ја градиме иднината со сопствени раце. Секој изминат ден во ропство е ден изгубен за нашите деца. Заедно, можеме да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат – патот на слободата, достоинството и вистинскиот просперитет!
Македонија на Македонците!
Придружете се на телеграм каналот на Родина Македонија Телеграм Родина
Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!