Skip to content Skip to footer

ЗА ХЕРОСТРАТ, ШЕЌЕРИНСКА И ПРЕСПА

Ќе беше подобро ако не се навикневме од нашите политичари да слушаме глупости. И тоа не само што ги слушаме туку и да присуствуваме на натпревар во кој „натпреварувачите“ се натпреваруваат кој да излезе пред јавноста со поголема глупост. Ова ни се случува секојдневно. А, медиумите, оние кои се највлијателни, отстапуваат место само за ваквите репрезенти на македонската жална стварност.

Еве, имавме можност да слушнеме од Радмила Шеќеринска, исто таква брилијантна глупост, според која, односно според нејзе, „За Преспа знаевме само ние дома. Денес за Преспа знае целиот свет. Светот и соседите свртија нов лист, решивме децениски проблем и ги отворивме вратите кон ЕУ и НАТО.“ Па, поентира со тоа дека „Покажавме што значи државничко однесување, работевме за сегашноста, но и за иднината на нашите деца, одиме кон ЕУ и НАТО, на прав пат сме.“

Во IV п.н.е. имало некоја будала по име Херострат, од малоазискиот град Ефес. Заради пустата желба да стане познат и славен во светот, тој одлучил да го запали храмот на Артемида. И, успеал: ем го запалил храмот ем станал познат (славен, секако – не!) во историјата.

Кога ќе ги споредиме првата и втората изјава, односно активност, ќе забележиме дека помеѓу нив разлика, практично, нема. Додека Преспа беше непозната како македонска територија, Македонија беше се уште – Македонија! Денес, кога еден современ македонски Херострат во ликот на Шеќеринска, ја запали сопствената држава, историја, култура, нација и идентитет, Преспа станала одеднаш позната ширум светот!!! Каква „инвентивност“, каква „смисла“ за промоција на делови од македонската територија, кои делови денес и не се знае на која територија, односно на која држава припаѓаат. Значи, според логиката на Шеќеринска, Македонците треба да бидат пресреќни што во Тринидад и Тобаго дознале за Преспа! За Преспа, можеби и дознале, ама не и за исчезнатата држава Македонија, запалена од Шеќеринска и од слични на неа.

И, за чудо, и овој новокомпониран Херострат, стана познат во светот. Како и вистинскиот Херострат: познат да, ама славен – никако! Познат во круговите на фашизоидните ЕУ и НАТО структури, зашто вакви одродници, не можеле ни случајно да се надеваат дека некаде би нашле. Би било непожелно да им се дава нова идеја, но ако Преспа била до скоро „непозната“, тогаш најненаселениот дел во Европа – Мариово, сигурно е уште помалку познат. Доколку на Шеќеринска и се види корисна потребата за промоција и на Мариово, заради негова идна препознатливост во Европа, а притоа плаќајќи, на пример, со целосно бришење на се што е македонско (според неа тоа е државничко однесување!), ќе треба ли да бидеме повторно среќни само затоа што тогаш можеби и на Зеленортските острови ќе имаат информација повеќе за нас?

Туку, за Херострат, заради неговата налудничава идеја да го направи тоа што направил, денес во светот и во сите написи се зборува како за будала. Она што, меѓутоа, ќе биде интересно да се чуе и да се види е тоа каква ќе биде квалификацијата за Шеќеринска и за тие кои се слични на неа, од аспект на пироманските активности против сопствената држава. А, до тогаш ни останува да се бориме и Преспа и Мариово и Витачево…да си бидат само македонски и што е можно помалку познати во светот, зашто духот на Херострат во македонската политика и тоа како е се уште жив!

Коста Јовчевски, член на ИО-Родина