You are currently viewing НАЦИЗАМ VS РОДОЉУБИЕ

Колумна: Томче Ширков, член на Претседателството на Родина Македонија

Во последно време многу е „популарен“ нацизмот. И по старата „добра“ метода, крадецот вели, држте го крадецот.
За среќа се уште директно не ме обвиниле за нацизам, но ме обвинуват за фундаментализам и клеро-фашизам, а партијата РОДИНА МАКЕДОНИЈА за национализам. Од ова подоцна многу полесно се прави спин… национализам-нацизам.

Бидејќи јас лично, но и Родина како #Организација сме посветени на просветителство и будителство; ќе објасниме уште еднаш, јавно и децидно!

Национализам е да ја сакаш и браниш својата нација, но никако да ги мразиш другите, да сакаш да изумрат, исчезнат или насилно да ги уништиш. Национализмот е својствен за силните и моќни нации, од уште посилни држави. Нашата нација и држава, за жал не се такви!
Можеби поради ова Родина е повеќе народна отколку националистичка партија. Се грижи да каже и направи нешто добро за македонскиот народ, воедно и за сите словенски и пријателски народи.

Но многу повеќе се определуваме како Родољуби, бидејќи сметаме дека тој термин е многу поопширен и интегрален, покрај народот, ја опфаќа татковината, мајчинството, културата, верата, моралот, етиката …и се‘ што традиционално припаѓа во општеството на Македонците.

Што се однесува до нацизмот, нацизмот е социјализам, поточно диктат на националсоцијализмот со каракатеристична тоталитаристичка идеологија. Идеологија која е многу исклучителна и насилна, слична на комунизмот. Единствена разлика помеѓу нив е тоа што, едниот социјализам е национал- социјализам инсистирање и фаворизирање на еден народ или нација, што воглавно доведува до шовинизам односно до агресивно верување во националната супериорност и слава. А другиот е интернационал- социјализам, ги уважува, респектира сите народи и нации. Но и едниот и другиот се темелат на тоталитаризам, насилство и диктатура.

Точно тоа е дијаметрално спротивно на идеологијата и суштината на РОДИНА МАКЕДОНИЈА. Бидејќи: Суверенизмот, советувањето, заедничкото носење одлуки, правото на избор, братството, соработката, пан-славизмот и многу други „родински“ идеолошки одлики се дијаметрално спротивни на нацизмот како таков.

Затоа сакаме да назначиме дека е неправилно и неточно (ако е од незнаење) или злонамерно (ако е со знаење) прозивањето и прашувањето дали Родина е нацистичка или националистичка партија? Родина е антинацистичка, слободарска и народна партија. Но тоа не значи дека е комунистичка ниту пролетерска. Едноставно значи дека е над левите и десни поделби.

Ние сме Родољуби-Суверенисти.

PS
Се надеваме дека расчистивме некои прашања што ве мачеа, и дека ова наше појаснување ќе биде за општа корист на Македонија и Македонците.

Бидете дел од Родина Македонија, дел од новиот #постзападен, #мултиполарен свет!