Skip to content Skip to footer

РОДИНА МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕСТИТА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ, 13-ти НОЕМВРИ, ОД ФАШИСТИЧКИОТ ОКУПАТОР, НА ГРАЃАНИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ И НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

‘‘Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО‘‘!

Ова се зборовите на партизанката Пенка Кралевска, заменик комесар на 12-та бригада.

‘‘Се сеќавам, продолжува да раскажува таа, на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом.

Јас, тогаш паметам, бев најгордата скопјанка, бидејќи ја имав честа да го развиорам знамето, во чест на слободата, во чест на моите другари кои ги дадоа своите животи за својот град, за својата татковина.

Драга, мојата другарка, го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка се обидуваше да помогне на ранет војник пред училиштето ‘‘Гоце Делчев‘‘, но тоа беше нејзината последна задача.

Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, сè додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.‘‘

Денес, 13 ноември 2020г. се навршуваат 76 години од ослободувањето на градот. Ден кога во 1944 година борците од 12-тата, 16-тата, 3-тата и 8-мата македонска бригада го ослободиле градот од германската фашистичка окупација. Наспроти 22-та гренадирска германска дивизија (47-от и 65-от полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката Клисура била распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија. (Нивните фашистички соработници и окупатори на Македонија, Италија и Бугарија капитулирале, септември 1943г, односно септември 1944год и не се дел од оваа операција. )

Тоа е време кога народноослободителна војска на Македонија прераснува во крупни воени единици како бригади, дивизии и корпуси, скоро 100 илјадна македонска народна војска делувала на цела територија на Македонија! Во самиот град пак делувале помали единици, диверзантски групи, кои предизвикувале хаос во редовите на окупаторот, вршејќи напади и разоружувајќи ги окупаторските војници.

Борбата за Скопје отпочнува утрината на 12-ти ноември во јужниот дел на градот. Додека единиците на македонската војска брзо напредуваат низ борби по улиците, окупаторот се повлекува до порано утврдените згради. 3-тата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совладала отпорот на Германците. По завземањето на зградите дошле до кејот, каде што се водела борба за мостовите. Делови од 12-тата и 3-тата бригада отпочнале борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада воделе борба за зградата на Учителската школа и Поштата.

Во текот на 12-ти и снежниот студен 13-ти ноември се развиле жестоки борби. Одделни згради, како на пример Поштата, по неколку пати преминувале од раце в раце. Во овие борби голема улога имаат диверзанстките групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно ги нападнале Германците в грб. Потоа се поврзале со единиците и вршеле улога на водачи, кои точно го познаваат градот и организацијата на германската одбрана.

50-тата дивизија и 8-та бригада, ги започнале нападите со извесно задоцнување, поради тешките борби во Повардарието. Претпладнето на 12-ти ноември тие отпочнале со нападите на германската одбрана на источниот дел од градот. 16-тата бригада успела да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓале при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, а попладнето , го отпочнале нападот на касарните. Така обрачот се` повеќе се стеснувал околу германските сили.

Ноќта помеѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успеале да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останале забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се држеле Германците во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13-ти ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи Германци.

Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи од 3 до 4 лица, кои ги пресекувале телефонските и телеграфските кабли, ги спречиле Германците да ги разурнат минираните згради, како и мостовите во Скопје, како што е и Камениот мост. После жестоките борби било спречено да ја минираат и хидроцентралата Матка. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеала да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја зачува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава.

Додека единиците на македонските бригади го гонеле непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителн одбор, на 13-ти ноември 1944 година, издава објава за првите мерки кои ги превзема народната власт во ослободено Скопје.

Само неколку дена по влегувањето на единиците на македонската војска во Скопје, додека сеуште во околината продолжиле операциите за разбивање на остатоците на непријателските сили, во градот пристигнале членовите на Президиумот на највисокиот орган на македонската држава. Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија АСНОМ, на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено политички организации.  

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положиле 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор. Затоа секоја година, градот со достојна почит го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.