Како и секој обичен и просечен Македонец, роден на ова парче земја, под ова парче небо, сум се борел и сеуште се борам за сопствен мој личен опстанок, а од пред неколку декади и за опстанок на моето потесно семејство. Татко на две деца, ќерка и син и среќно оженет. Роден во Радовиш С. Р. Македонија, во 1979 г. во просечно Македонско семејство, растен и воспитуван во исклучително домаќински Македонски и Христијански дух, во кое што семејство лажењето, лицемерието и нечесноста биле целосно отфрлени и разобличени, а се негувале единствено вредностите на искреност, чесност и домаќинлук. Додека, воспитувањето за заработка била и е, исклучително со труд и пот.

 

Средно образование завршувам во родното место во државното средно училиште ,,Коста Сусинов” на Природно-математичката насока, во 1998 г. со одличен успех. Голема привлечност ми се внедрува кон математиката и нацртната геометрија, за што по завршувањето на средното училиште се запишувам на Машинскиот факултет во Скопје на насоката Енергетско-машинство и инженеринг. На Машинскиот факултет покажувам големи афинитети, мотивација и желба за работа и труд со што постигнувам високи просечни оценки над 9, на положените испити и за кои што сум одликуван со пофалница за секоја завршена студиска година од страна на деканот како студент со завршена студиска година со просек на оценка над 9. Факултетот го завршувам во рекордно брзо време со просечна оценка од 9,25. Темата на дипломската работа ми е ,,Оптимирање на експлоатацијата на сложени електроенергетски системи” на институтот за хидротехника, пневматика и автоматика. За време на студиите во повеќе наврати се пријавував и бев избиран за демонстратор по предметите: Програмирање, Јакост, Kинематика и динамика и Статика.

 

Веднаш по завршување на додипломките студии, се вработувам во приватна фирма од полето на системите за климатизација и вентилација, каде што работам како инженер за проектирање и изведба, а паралелно се запишувам на постдипломски студии на институтот за ХПА. Постдипломските студии ги завршувам исто така, во рекордно време и магистрирам на темата: ,,Оптимална експлоатацијата на изворите во електроенергетските системи” со просек на завршени постдипломски студии од 8,47.

 

Позади мене, се голем број на издадени научно-истражувачки реферати и трудови од областа на енергетиката, системите во ЕЕС, Когенеративните постројки, Гасните КГТЕП, Системите за производство на топлина, Парните и гасните турбини и Геотермалните ТП. Како автор и коавтор сум од над 60 труда издадени на Меѓународни советувања. Учесник сум на повеќе симпозиуми, трибини и работни маси од областа на енергетиката и екологијата. Изработени ми се повеќе истражувачки студии и идејни проекти, како и студии за економска исплатливост на системи и постројки за енергетските системи.   

 

Работното искуство го ткаам на Работни места во енергетиката од 10,5 години како инженер за енергетика, изработка на извештаи, анализи, прогнози, работни параметри и развој за подобрување на еколошките, енергетските параметри и параметрите за подобрување на енергетската ефикасност на системите за производство на топлина за централно градско греење на град Скопје. Исто толку, години ми е и работното искуство во полето на проектирање, изведба, надзор и ревизија со лиценца А, издадена од Комората на ОАИ при Р. Македонија. Изработени ми се повеќе од 80 Техничко-инвестициони документации-Проекти и Извештаи за ревизија на системи за централно градско греење, системи за климатизација и вентилација на деловен, станбен, јавен и училишен простор, градинки, куќи, гаражи, ресторани, хали, итн од над 500.000 метри квадратни. Изведени и пуштени во работа на системи за климатизација и вентилација со површина од приближно над 1.000.000 метри квадратни. УЈчествувам и во извештаи за примопредавање како Технички надзор во комисија за технички надзор на фабрики и хали.

 

Денес, работам како лиценциран Проектант, Инженер за изведба, Надзор и Ревидент, категорија А издадена од Комората, вработен во компанија која што е генерален застапник на производи и системи за климатизација на познатиот кинески бренд Gree.

 

Од општествено-политичкиот живот, член, активист и поддржувач на Организации за:

 

  • Враќање на името на нашата татковина Р. Македонија и враќање на слободата на

народот

  • Заштита на Македонските идентитет, традиција, култура, корен, јазик и историја
  • Традиционални вредности, традиционално семејство дадено од Бога помеѓу маж-татко и жена-мајка и деца
  • Повеќедетни семејства
  • Против абортус
  • Против ЛГБТ и трансродови идеологии
  • Против идеологии за СССО кај децата во училишните клупи уште од најмала возраст
  • НЕ за ЕУ; НЕ за НАТО
  • Слобода и правата на децата, правото за слободен избор на присилната вакцинација на децата.
  • Подобра еколошка слика, чист воздух, почва и вод
  • Против уништување и отуѓување на природните бесценети блага. Води, извори, потоци, реки, шуми, пасишта, обработливо земјиште, национални паркови

 

Вероисповед: Православен Христијанин жив член на Телото Христово-Црквата, член на МПЦ-ОА.