Родина Македонија има сознанија дека во Собранието на Република Македонија е во тек постапката по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка (со европско знаменце). Подносител на Предлогот на законот е пратеникот Скендер Реџепи.
Родина Македонија изразува најсериозна загриженост во врска со овој Предлог, со оглед на тоа дека тој навестува спроведување на една идна неодржлива и крајно неприфатлива состојба во поглед на државното земјиште, мотивирани од прикривањето на веќе сторениот криминал со насилно и противправно приграбување на државното земјиште за лични цели, во случајов, за градење, односно веќе изградени семејни објекти за домување.
Имено, во поднесеното Образложение на Предлогот се аргументира со тоа дека на сопствениците на ваквите објекти треба да им се овозможи добивање на одобрение за градење на својот објект иако се бесправно изградени надвор од ДУП и на незаконски присвоено државно земјиште, само ако незаконските сопственици поставеле фото – напонска електроцентрала на своите објекти со моќност од најмалку 5 КW!?!
Сметаме дека е ова најобично исмејување на правната процедура и суштината на политиката во сферата на градењето, што ќе овозможи неконтролирано узурпирање на земјиштето во сопственост на државата. Според логиката на предлагачот, секој еден поединец може да избере државна парцела, да постави каков било објект, да постави на него 5 КW фото напонски систем и без какво било плаќање за земјиштето да се стекне со сопственост на македонска земја!
Настрана што ова имплицира бесплатен грабеж на државно земјиште од страна на едно национално малцинство во земјата, туку не наведува на прашањето за праведноста и добрите обичаи во купопродажбата на земјиште за градење. Значи, некој ќе мора чесно да плати по пазарна цена некое земјиште за да изгради објект, а некој ќе може тоа да го стори на кое било државно земјиште и во неограничен број и тоа по пат на криминал кој ќе му биде легализиран, само ако постави 5 КW фото – напонски систем!!! Во овој контекст се поставува и прашањето за измамените граѓани од „Фиком“, на пример, кои и покрај чесното плаќање на становите и низ утврдена правна процедура, сепак, останаа без нив до ден – денешен! Каде е во ваквите случаи милосрдието на овие пратеници, но и на државата во целост?
Родина Македонија опоменува на оваа опасна пракса која се заговара и која е на добар пат законски да се валоризира. Праксата за поттурнување на се и сешто по пат на користењето на европско знаменце е веќе осудена и од самите европски институции. А, ако тргнеме од сознанието дека во овој преоден период се подготвуваат уште 112 закони со тоа европско знаменце, тогаш не можеме а да не заклучиме дека хаосот и криминалот си добиле своја институција – Собранието на Република Македонија!
И, на крај, останува за запрепастување пасивноста на опозицијата по овие суштински прашања, а тоа е веројатно заради интересот околу идните изборни пресметки и пазарења. А, се се плаќа со Македонија!
Почитувани членови и поддржувачи на Родина Македонија. Родина Македонија е во фаза на пререгистрација! Ве повикуваме да дадете Изјава за пререгистрација кај еден од нотарите кои се поставени на следната страница.