Згрозени сме од упорноста на министерката Цароска да ги истурка најавените ,,Реформи” во образованието со кои директно се атакува здравиот раст и развој и интегритетот на децата кои се нашата иднина. Не можеме, а да не реагираме на искажаната дрскост кога претставниците на родители кои во огромен број се спротивставуваат на целосна дигитализација во училиштата не беа примени и сослушани од оној најповиканиот – одговорниот министер на платен чек на Буџетот, оној кој е платен од истите тие родители.
Го оссудуваме начинот на носење на овие т.н. „реформи“ – без пилот програми, без мерење на резултати, без јавни консултации, дебати, без состаноци со родители, психолози, социолози.
Како политичка партија, но пред сѐ како родители, сме загрижени и од фактот што Цароска агресивно и по секоја цена вметнува т.н. родово-сензитивно образование, кое веруваме има за цел да го деградира традиционалниот, етички и морален поглед на семејството и животот во целина, иако е претставено под закрилата на „родова рамноправност“ која останува недодефинирана, недоволно објаснета, манипулаторски срочена.
Веќе се усвои и Законот за матични книги во кој веќе не се поистоветува поимот „род“ и „пол“. Децата кои до 18 години не се доволно зрели да гласаат, ќе бидат доволно зрели уште од мали нозе да одберат каков род ќе бидат, иако нивниот пол е биолошки детерминиран. Родител1 и Родител2 наместо Мајка и Татко е монструозен конструкт со кој се има намера да се уништи основната клетка на секое општество, семејството.
Зошто нема јавна дебата за новиот Концепт на МОН и за законот за дигитални учебници?
Зошто спроведувате политики кои народот не ги сака? Дали можеби некој друг Ве плаќа?
Зошто родова, а не полова рамноправност?
Сите ние треба да имаме на ум дека овие политики не се од вчера, туку се прифатени многу одамна, уште со потпишувањето на Истанбулската конвенција, за која беа согласни и позицијата и опозицијата и која исто така во Македонија помина инкогнито, смислено се протна, без јавна дебата. Евидентно е дека Македонскиот народ нема партија во Парламентот која ги застапува неговите интереси.
Затоа останува една, единствена одбрана, но и напад: мораме да дигнеме глас ние самите, родителите и да ги заштитиме сегашните и идни генерации. Апелираме до родителите во што помасовен број утре да го изразат својот револт кон оваа погубна агенда. Ќе излеземе како родители, без партиски обележја, сите сложно, за нашите деца. А во иднина како политички субјект, подготвуваме низа форми на отпор со кои ќе го спречиме донесувањето на овие во најмала рака скандалозни реформи, а ќе понудиме вредносно воспитание и образование.
Родина Македонија
14.5.2021